Среда, 03 Декември 2014    PDF Печати Е-пошта
Карактеристични црти на Мијаците

Македонска нација

kniga-za-mijacite

„Висок раст и добро развиено тело, широки плеќи, свeтол поглед и руса коса, убави црти на лицето. Особено жените имаат бeла и чиста кожа, црни испишани веѓи, како пијавици, голeми и црни очи како јаглен, тенка и грациозна насмевка секогаш на уснитe.. Типот на Мијакот е строго сочуван благодарение на фактот дека самата област, како покраина е настрана од военитe патишта, како пуст остров, не видела странски инвазии.“ – пишува Георги Трајчев во својата „Книга за Мијаците“ (Македонска библиотека No. 12, Софија, 1941).

Областа на Мијаците иако е настрана од воените патишта, таа сепак била често изложени на напади на разни разбојнички банди. Меѓутоа, воспоставените односи во семејството и фамилијата, како и во пошироката заедница, им овозможуваат на Мијаците да се одбранат и да опстанат на тој простор, како и да ја сочуваат својата традицијата, културата и идентитет.

Во својот опис за Мијаците авторот ќе истакне дека „по карактер Мијакот е воздржан, молчелив, добронамерен, благ и секогаш подготвен за услуга, помош и сочувство. Тој е смeл, решителен и силен бранител во споровите за родот, вeрата, честа и националното чувство. Тој е горд, со аристократска самосвест... Во семејството на Мијакот владее патриархален живот. Децата ја следат мајката, го слушаат таткото и се покоруваат на најстариот во куќата.“

Воспоставените односи во семејството, кои се резултат на искуствата и сознанијата за доброто и злото од минатото, ги прават Мијаците отпорни на надворешните влијанија. Опишувајќи повеќе од десетина карактерни црти, втемелени како кај поединецот, така и во заедницата на Мијаците, авторот најпрво се навраќа на моралот кај Мијаците за кој вели:

„Сите водат строго морален живот и во целиот овој крај не се знае блудство и пијанство, или каков и да е разврат. Тука не се знае што е тоа вонбрачен живот и вонбрачни потомства. Брачната верност е идеална и не се знае што е развод на бракот. Односите меѓу мажот и жената се темелат на меѓусебната почит и уважување. И двете страни на бракот гледаат како на свето дело. Браковите се склучуваат вообичаено на 18-20 години за момчето, и меѓу 17-18 години за девојката. Исклучоците се премногу ретки, a сопружниците се сметаат за остарени. Во целиот овој крај ниту момата се купува, ниту мираз се дава. Мијакот никогаш не е суден за измама, кражба или друго некое дело. Кредитот, со кој се стекнал Мијакот каде што работи, целосно е заслужен. Со својата чесност, со право се стекнал со целосна доверба во трговијата. Затоа, Мијакот е кроток, трпелив, тактичен во своите односи, прецизен во своите обврски.“

Втора карактеристична црта која Трајчев ја бележи кај Мијаците е нивната огромна приврзаност кон татковото огниште и родното место. Говорејќи за оваа љубов кон семејството и сопствената земја авторот вели:

„Секој Мијак, каде и да талка по странство, за своја света должност смета да се прибере во куќи уште кон крајот на пролета за да ги помине заедно со своето семејство свадбените прослави, кои се прават од Петровден до голема Богородица, манастирските праздници и сл. A исто така да ја снабди куќата со сè што е потребно од храна и облека за следната зима. Не еднаш сум си го поставил прашањето: што го привлекува Мијакот, толку цврсто да е приврзан кон неговиот роден крај, кој е лишен од педа обработлива земја (нема ниту нива, лозје, ливада, градина и сл.), Нема апсолутно никаков живот, освен гурбетлак: должен е да натокми и донесе се од надвор, од другите пазари, почнувајќи од сите видови на храна и завршувајќи со облека и т. н. И уште, имајќи предвид дека неговиот роден крај е во соседство со албанските разбојници, кои колат, грабат се што ќе им падне, почнувајќи со луѓе и завршувајќи со кражби на цели стада овци и коњи. Мијаците скапо го плаќаат данокот на разни семејни, покровители и други чувари; тие одделуваа од залакот, од со пот заработени пари од гурбетлак, но мачно се решаваа да го напуштат својот роден крај. Една црта, каква ретко се среќава... “

Со оглед на времето кога тој ја пишува и публикува „Книгата на Мијаците“, сосема е јасно  зошто авторот од време на време ги спомнува Македонците. Така во овој дел, Трајчев по подолг период македонскиот народ ќе го нарече со вистинското име. Мора да се напомене дека тоа не значи дека Мијаците ги раздвојува од Македонците како посебност. Напротив тој ги посочува вредностите на Мијаците како пример за однесување за целиот народ и вели:

Додека по Илинденското востание и последните војни многу Македонци масовно ги напуштија родните места, многумина дури отидоа во Америка, за да го бараат својот живот, Мијаците трпеливо ги поднесуваат сите политички и економски кризи, но не се одделуваат од своите родни огништа.“  

Високите морални и етички вредности кај Мијаците, имаат свои корени во верата. Тие се мошне религиозни,  а верата е таа која влијае не само врз односите во семејството, туку ја определува нивната професија и им дава сила за да ги надвладеат сите искушенија.  Во тој контекс авторот ќе напише: 

„Секоја мијачка куќа има соба за иконата, пред која се пали кандило во празнични и неделни денови, наутро и навечер. A богатите имаат посебна просторија, нешто како капела, грижливо украсена и се наоѓа на еден кат на куќата, на страна од спалните соби. Таа во домот на познатиот софиски индустријалец Аврам Чаловски... е поставена на видно место и личи на минијатурна црква, со сите црковни украси. На св. Спиридон, по повод патронатот, еднаш годишно тој го поканува целиот духовен совет при Св. Синод за водосвет и молитва, а потоа им поставува богата трпеза. Таква капела има и во неговата бургаска фабрика. Пред почетокот и по завршување на секоја работа се прекрстуваат; доколку минуваат крај црква или теќе се крстат; доколку слушнат црковно клепало или ѕвоно се крстат; доколку повиваат или развиваат мало  бебе, над него го прават крсниот знак. Празнични и неделни денови црквата се полни од мажи и жени. Пред патроните праздници и именден носат во црква просфори или петохлебие. Строго ги почитуваат сите пости...“

Опишувајќи ја нивната природна интелигенција и желбата да учат, во четвртата и петтата точка за карактеристиките на Мијаците Трејчев ни посочува дека:

„Тие во старо време ги посетувале келијните училишта во манастирите, a подоцна и народните училишта. Тие се природно надарени пејачи, со пријатен и мелодичен глас. Речиси сите мажи го знаат црковниот ред, a многумина се и црковни пејачи. Некои од нив го пеат сето наизуст (напамет). Тие се, ... всесветски познатиот црковен пејач и светиот Јован Кукузел  (и) арх. Анатолиј од Лазарополе, во царскиот двор во Русија. Иван Гиновски, ученик во Солунската гимназија во 1887 година, кога пееше на училишните утра и забави, Гркинките од соседните куќи ги отвораа прозорците, за да ја слушаат и да се насладуваат на неговата мелодија.

Мијаците се природно интелигентни... Овој духовен квалитет го имаат подеднакво и мажите и жените. Мажите не зачудуваат со својот талент по резбарство и иконопис... не зачудуваат со своите недостижни резбарски креации на кои им завидуваат многу наши и странски научници, специјалисти... И мијачката жена не заостанува многу од мажот со својата уметност. Смилевските везови и носии се плод на креативноста на мијачката мома и невеста. Тие зачудуваат со својот квалитет, со својата елеганција и уметност. Македонските везови и носии држат прво место пред сите останати.“

Поставувајќи бројни прашања меѓу кои: „(Во) кое ткаечко училиште или кои курсеви ги завршиле мијачките моми и невести? Кој уметник ги упатувал во нивната работа, во комбинирањето на боите, фигурите, формите и др.? Каде виделе примероци, изложби, етнографски музеи, па да ги преземат знаењето и да го искористат за своите креации? Со какви модерни и усовршени помагала се користат во својата индустрија? Какви нежни раце го изработиле тие елегантни и деликатни везови?“ авторот Георги Трајчев вели:

„Мнозина, ... ќе помислат дека тоа се дела на луксузен дамски свет или на школувани моми и невести. – Не. Тие не потекнуваат од богата средина. Тие немале можност да видат ниту училиште. Повеќето се неучени и неписмени. Наука и просвета, курсеви, специјализација, изложби, музеи, збирки, прибор, прирачници и други извори од каде би црпеле наука и знање, сето тоа е непознато на тие уметници од средината на нашиот народ. Современите помагала и усовршените мапини, алатки, се далеку од нив.  Предивото го бојадисуваат сами со растителни бои. Рецептот за бојадисување е плод на искуство. Комбинацијата на боите, цветовите, како и формите, сето се прави од памет и на памет. Секоја селска девојка уште од детството речиси се фатила да го спрема чеизот. Се собрале зимно време на седенка или денски по дворишта и мегдани, држат во своите раце платно, игла и конец. Наведнати над работата, овие едноставни девојки бодат, плетат и прават секакви комбинации, испреплетуваат линии, триаголници и многуаголници, комбинација, која често зачудува со својата сложеност и хармоничност на бои, форми и фигури.  Не зборува ли сето ова најдобро за умствените и природните дарби на тие ќерки на нашиот народ? 

 

Мијаците по карактер се трудољубиви и скромни. Како што вели авторот: „Тие талкаат далеку на печалба, јадат и пијат скромно; спијат и престојуваат по патишта, друмови и анови, но сите мислат да заработат нешто и соберат бели пари за црни денови. Овој вроден инстинкт, ги тера Мијаците да не стојат празни на едно само место. Бидејќи нивната земја е непродуктивна, тие скитаат по далечни и блиски земји, и бараат разни занаети и трговија, само и само да спечалат нешто.“

Авторот овде повторно ќе потенцира дека: „Ретки се среќава Мијак од долен сталеж како: кочијаш, пајтонџија, амал, слуга од разните слоеви.  Мијакот е горд, со амбиција за самостојност, да господари и заповеда, a не за подреденост. Токму на овие квалитети (трудољубивост и штедливост) ние и денес гледаме издигнати мијачки фирми во Софија, Бургас, Лом, Видин, Свиштов, Солун, Скопје, Белград, Романија, Унгарија, Германија, Русија и на друго место, само не во Америка.“

Од ова произлегува дека Мијакот сака да е во близина на својот род и дома, каде за кратко време може да се врати, што говори и за нивниот конзрватизам. Потенцирајќи ја оваа црта авторот ќе забележи:

„На овој нивен строг консерватизам се должи нивната зачувана самобитност. Строго се придржуваат кон јазикот, носиите, обичаите, егзистенцијата и не се женат и мажат со други родови и племиња, макар и во близок допир со нив. Така тие си останале задржани и самобитни  Мијаци, такви какви биле нивните дедовци и прадедовци пред 100 -200-300 и 500 год. Со својот консерватизам тие се Јапонци и Пруси во својот крај.“ – ќе забележи авторот Георги Трајчев во својата „Книга за Мијаците“ (Македонска библиотека No. 12, Софија, 1941).

Покрај овие карактеристики Мијаците се одликуваат уште со својата храброст и решителност, како и со својата духовитост. Постојат голем број примери за овие квалитети за кои ќе пишуваме во продолжение.

(продолжение)

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.