|
||||
Вранишковски се очекува да биде на слобода пред Божиќ |
На вонредната седница одржана на 22 декември 2014 година, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (САС на МПЦ-ОА), раководен од духот на човекољубието, а заради повисоки цели, ги повикува надлежните власти на Република Македонија за милост во однос на затворениот екс митрополит Јован. Македонските архиереи сметаат дека и покрај престапите поради кои е осуден и одлежува затворска казна, во овие свети предбожикни денови, Вранишковски не треба да биде лишен од надежта за милосрдие. Синодот на Македонската Православан Црква повика на милост за екс владиката Јован Вранишковски, откако го прифати Извештајот од средбата на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан со претседателот на Одделот за надворешни работи на Московската Патријаршија Митрополитот Волоколамски г. Иларион, одржана на 20 декември. Според соопштението од Канцеларијата на САС на МПЦ, македонските архиереи со благодарност ја прифатија иницијативата на Руската Православна Црква, која изрази подготвеност да даде свој придонес за обновување и успешно реализирање на дијалогот меѓу МПЦ-ОА и Српската Православна Црква за решавање на отворените прашања кои постојат меѓу двете Цркви. Оттука, раководени од духот на човекољубието, а заради повисоки цели, ги повикаа надлежните власти на Република Македонија за милост кон затворениот поранешен митрополит Јован, кој и покрај престапите поради кои е осуден и одлежува затворска казна, во овие свети предбожикни денови, не треба да биде лишен од надежта за милосрдие. Вакавата одлука донесена само два дена по средбата меѓу поглаварот на МПЦ-ОА и највлијателен човек на Руската Православна Црква (РПЦ) митрополитот Иларион Алфеев, во архиепископската резиденција во Скопје, секако е резултат на сугестија на РПЦ од која е добиено уверување дека ослободувањето на Вранишковски ќе значи и почеток на дијалогот со СПЦ за решавање на статусот на МПЦ – ОА. Со оглед дека истото барање било искажано и на средбите со претседателот Ѓорѓи Иванов и со премиерот Никола Груевски, се очекува дека наскоро може да почне и правната постапка за помилување на Вранишковски. Ако внимателно се погледне соопштението од Канцеларијата на САС на МПЦ, може да се очекува екс владиката Јован Вранишковски да биде ослободен пред Божиќ. Но, како што пренесуваат некои од медиумите, ослободувањето би било условно, а не помилување, што би значело дека вината на Вранишковски останува и не му се брише. Според соопштението на Руската Православна Црква посетата на митрополитот Иларион била наменета за решавање на “канонскиот статус на црковната структура на Македонската Православна Црква која е надвор од заедницата на православните цркви“. Но прашањето кое се поставува дали ослободувањето на Вранишковски може навистина да донесе некакво приближување меѓу МПЦ- ОА и СПЦ. Особено да дојде до промена на ставот на СПЦ и прифаќање на автономната положба на МПЦ во однос на српската, кој како црковен проблем се јавува уште во 1967 година кога беше прогласена македонска црковна автокефалност. Постојат најави дека доколку Вранишковски биде ослободен, РПЦ би издејствувала МПЦ да добие статус на „самостојна“ црква, што подразбира висок степен на самостојност, но не и целосна автокефалност. Меѓутоа, тоа нема основи, зошто СПЦ неможе да биде црква мајка на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Од историските извори е познато дека автокефалната Охридската архиепископија е неканонски укината во 1767 г., со одлука на турскиот султан, а по барање на Цариградскиот Патријарх Самуил I. Потоа до Првата светска војна епархиите на сегашна Репубика Македонија се наоѓаат под црковна јурисдикција на Цариградската Патријаршија. По Првата светска војна овие епархии територијално потпаднаа под окупација на Српската држава и под управа на Српската Православна Црква. Но со почетокот на Втората светска војна српските Епископи, ја напуштија Македонија. Македонскиот народ никогаш не ја чуствувал СПЦ како своја црква, па по завршувањето на војната свештенството и православните верници на Р. Македонија побараа обновување на Охридската архиепископија. На 5 октомври 1958 година со одлука на Црковно-народниот собор во Охрид Епископот Доситеј, родум од Македонија, Викар на Српскиот Патријарх Герман, е востоличен за 83 Архиепископ на возобновената Охридска Архиепископија, која заради државата во којашто дејствува го доби името Македонската Православна Црква, а тој - титулата Архиепископ Охридски и Македонски. Светиот Архиерејски Собор на СПЦ во јуни 1959 година донесе одлука со која потврдува дека „епархиите во Р. Македонија се издвоиле во самостојна Црква која што ќе се управува со Уставот донесен на македонскиот Црковно-народен собор од 1958 година и дека „со оваа одлука престануваат да важат прописите на Уставот на СПЦ за епископите и архиереите на Народна Република Македонија“. Поради потребата од формирање на самостоен Синод, Српскиот Патријарх Герман, Архиепископот Охридски и Македонски Доситеј , како и Бачкиот епископ Никанор, на 19. 07. 1959 во Скопје го хиротонисаа новоизбраниот епископ Преспанско-битолски Климент. Со тоа се создадоа услови за формирање на Свет Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква. За сето ова Патријархот Српски Герман со свое писмо од 31 мај 1961 година, го извести и Цариградскиот Патријарх Атинагора. На 16 јули 1967 година Македонската Православна Црква, возобновената Охридска Архиепископија, на Црковно-народен собор во Охрид, согласно дотогаш востановената пракса на други Цркви, е прогласена за автокефална помесна Православна Црква, после што СПЦ еднострано ја прекина евхаристиската заедница со неа. Сепак, без разлика на односот на СПЦ кон МПЦ-ОА, помеѓу двата братски православни народи македонскиот и српскиот народ, постои христијанска љубов и разбирање. Затоа во овие турболентни времиња потребно е надминување на сите недоразбирања, а секој дијалог и помош од страна, како што тоа го прави сега РПЦ е добродојдена. Ослободувањето на Вранишковски може да биде само знак на добра воља, но и импулс за надминување на сите спорни прашања меѓу двете Цркви. Македонска нација |