|
|
Информација за преземените мерки на органите на власта |
Според првата и единствена официјална "Информација за преземените мерки на органите на власта спрема државјани на Р. Македонија за кои во периодот 1945-1993 година се располагало со основани сомненија дека дејствувале за формирање самостојна и обединета Македонија", изработена од МВР во 1993 година, во Македонија биле откриени 105 илегални групи и организации со над 1.200 припадници, чие дејствување било насочено кон: отцепување на Македонија од заедницата на југословенските народи и создавање самостојна и обединета Македонија. Од нив од слобода биле лишени 1.045 припадници на илегалните групи и организации, од кои 242 биле осудени на смрт или на временска казна до 15 години. Во периодот од 1945 до 1980 година се одржале околу 700 политички процеси против членовите и припадниците на тајните организации и групи, на кои биле изречени стотици смртни пресуди и долгогодишни затворски казни. За бројот на прогонуваните, затвораните и осудуваните лица со поинакви политички убедувања од постојниот комунистички режим доволно говорат 14.000 политички досиеја што ги водела Службата за државна безбедност при МВР и 22.000 затворски досиеја на затворените политички лица во затворот Идризово, или вкупно 36.000 досиеја. Тоа се политички досиеја на лица (од разни возрасти и професии - револуционери, интелектуалци, лекари, студенти, обични и полуписмени селани, лица во поодмината возраст и ученици-гимназисти, деца на 16 години), затворани, осудувани, прогонувани и стрелани во периодот 1945-1985 година од новата македонска комунистичка власт, затоа што се бореле за независна Република Македонија и за идеалите на ВМРО. Според неофицијални податоци, во периодот 1949-1951 биле затворени 7.330 средношколци, а само во затворот "Идризово" биле затворени 2.500 политички затвореници. Превземи документ |