|
|
Мрзенската русалиска група го освојува Белград во 1928 г. |
„Русалиските ора“ се македонски машки народни ора кои се поврзани со русалискиот обичај. Во текот на дванаесет дена, од Божиќ до Богојавување, посебна добротворна група ги изведува овие тешки ора во хуманитарни цели пред семејните селски куќи. Вообичано пред секоја куќа се изведува само едно оро. Се собираат средства за градење цркви, училишта, да се помагнат сиромашните, како и за други добротворни цели. Сите играорци облечени во посебни носии, се опремени со дрвени сабји во рацете, освен балтаџијата, кој е во центарот на орскиот полукруг и го раководи играњето, држејќи балтија (вид секирче) во едната рака. Ората се играат во полукруг, со спуштени раце, без меѓусебно држење. Почнуваат во бавно темпо, а кон крајот се забрзуваат. Особено внимание привлекува нивното вртење околу својата оска, со истовремено меѓусебно удирање со сабјите. Русалиските чети, придружени од зурлаџиска тајфа, за да ги соберат потребните средства, освен во своите, патувале и во други населени места и градови. Тие имале свои правила на однесување и доколку се сретнеле две чети Русалии, послабата морала да се покори, односно да помине под сабјите на посилните. Доколку никој од нив не сакал да се покори доаѓало до вистинска војна во која имало повредени и мртви. Мртвите биле погребувани во близина на настанот, а местата биле познати како „Русалиски гробишта“. Оттука, уште турските власти забрануваат да се носат метални сабји, а за да не доаѓа до вакви средби тие го регулираат и нивното движење. Русалиските чети за да се движат по одредена маршрута или за да настапуваат на одредено место претходно морале да добијат благослов од својот свештеник и одобрение од локалните власти. Во периодот меѓу двете светски војни во Македонија дејствувале неколку русалски групи. Една од нив била русалската група од гевгелиското село Мрзенци. За да се обнови и внатрешно уреди црквата „Св. Константин и Елена“, која била разрушена за време на Првата балканска војна во 1912 година, играорците од Мрзенци тргнала на турнеја во 1928 година. Настапувале во Кавадарци, Неготино Вардар и во Белград каде со својата игра го привлекуваат вниманието на белградската јавност. Белградскиот дневен весник „Политика“ на 18 јануари 1928 година на страна 7 ќе објави статија под наслов „Русалиите во Белград“, во кој авторот потпишан само со иницијалите В.Т., ќе го изрази воодушевувањето од играта на македонските Русалии на Малиот Калемегдан. За овој древен и живописен народен обичај од Македонија, која тогашната српска пропаганда за да го избрише македонското име ја нарекува Јужна Србија, авторот ќе напише: „Утринските шетачи на Калемегдан вчера застанаа збунети. Од пустиот Мал Калемгдан се слушаа силни удари во тапан и писок на зурли. Час гласно, час жално, се слушаше свирка на „нашите јужносрбијански“ (македонски н.з.) сточари и земјоделци. Музика која може да се слушне само дванаесет дена во годината. Од Божиќ до Богојавување, кога водата се свети и кога „Русалиите“ се враќаат од својот Богоугоден пат. Од собраните пари се градат и се поправаат цркви и манастири, и се помагаат сиромашните. Така на вториот ден на Божиќ со дозвола на властите и благослов на својот свештеник тргнаа дваесет селани, земјоделци, од селото Мрзенци во Гевгелискиот срез за да во Кавадарци и Неготино Вардар собираат прилози за довршување на нивната црква Цар Константин и Царица Елена“. Изворите говорат дека првата црква „Св. Константин и Елена“ била изградена во XIX век од Андон Китанов. Сепак, врз основа на раскажувањата на русалскиот водач доселеникот Велиша Попов (иќ), авторот ќе забележи дека таа е постара црква која Турците со векови ја почитувале, а Бугарите ја урнале до темел во 1912 година. Инаку, по Првата светска војна, врз старите темели била изградена нова црква која започнала да се гради во 1925 година и средствата кои тогаш се собирале, како што пренесува авторот, биле за обнова на истата. Само за да соберат повеќе средства за оваа намена, мрзенските русалии трнале на така голем пат. Авторот ќе забележи дека во Белград мрзенските Русалии доаѓаат во својата традиционална носија: „Во опинци и со елечиња, со „фустанели“ кои некогаш се носеле од Дунав до двете мориња и на кои им се губи трагот во сите стари краишта на Полуостровот. Околу половината ткаени шарени појаси, преку градите повеќеслојни сребрени ѓердани, на кои висат старински крстови и двоглави орли од ковано сребро.“ Присуството на македонските витези на хуманоста во Белград го привлекува вниманието на народот кој во голем број се собрал на Калемегдан. Меѓутоа, за да можат да ја одиграат својата игра, на мрзенските русалии им била потребна дозвола од белградските власти, кои се однесуваат слично како во турско време, па авторот ќе забележи: „Набрзо се собра повеќе народ, меѓутоа водачот се изгуби како да пропадна во земјата, а без него не може да започне играта.Дури кога се врати раскажа дека бил во Управата на градот каде добил дозвала неговите луѓе можат да играат под еден услов – да не прави митинзи по улиците. Инаку човекот не може да се пофали на убавиот прием од страна на полицијата.“ За самиот настан, за обичајот, за уметничкиот впечаток кој ќе го остават кај Белграѓани, како и за коментарите на тогшаните познати уметници и професори, авторот во продолжение вели: „Младите се собраа, свирачите ги наместија писковите во зурлите, а Петар Гошев(иќ) го обеси на раме тешкиот тапан од свиена ореова даска и јарешка кожа. Секој Русајлија ја стегнал дрвената сабја, со испишано име преку оштрицата и со волнен украс. Некогаш се носеле вистински сабји и јатагани, но таа пракса често пати доведувала до тешки последици. На пример, доколку се сретнат две чети на Русајлии, треба по обичај да се поздрават со сабјите. Иако се на богоугодна работа, младите тешко се воздржуваат. Така често русајлиските сабји биле облеани со нивната крв. Поради тоа властите многу одамна, уште во турско време, забраниле да се носат метални сабји, што довело за половина да се намалат несреќите. Само за половина, зошто и овие дреновити (сабји) се опасно оружје. Еден тапан и две зурли, една за високи и една за ниски тонови го сочинуваат оркестарот. Меѓутоа, тоа не значи сиромаштво. Напротив. Ороводците Спасо Делев(иќ) и Глигор Танов(иќ) се вистински балетмајстори на оваа чудна група. Тие наизменично со своите помошници балтаџии ја водат играта. Управуваат со музиката, даваат такт, ги исправуваат погрешните чекори на играчите. Сето тоа го прават молкум, со еден миг, а често за публиката со неприметен поглед. Меѓу првите кој звукот на зурлите и тапанот го превличе беше нашиот познат етнограф, професор на Универзитетот Г. Тохомир Ѓорѓевиќ. Тој со најголемо внимание го следеше секое нивно движење, секој детал од носијата која се облекува само за оваа прилика и објаснува како „фустанелата“ со тек на времето се повлекувала се подлабоко на југ, за да во денешно време се задржи најсеверно во крајот на Арбанашките Тоски.Во голем дел од овие игри кои денес по се изгледа се обележје на христијанството, Ѓорѓевиќ гледа трагови на древните времиња... Но, има игри кои се од поново време... Така, „ајдучицата“ ги собира често на елегантен начин секогаш силното настапување на четниците низ шумата, внимателно разгледување на околината, заседа, напад и победничка радост. Меѓутоа, моментите на радост во музиката и играта на русалиите од Мрзенци многу се ретки. Длабока чуствителност, доминација на тага и достоинство се неисцрпни. И насекаде богаство, скриено благо на народната уметност онаква каква народот во својата суровост сам ја создал. Наизменично се игра патруна, ајдучица, карабичак, саригеловац, мојадавац, скендер аваси, димени аваси, шарени чорапи, лазаре аваси, дудули аваси и гајда авас. Една дама со црни очи и во црно крзно, со погледот необично внимателно ги следи русалиите. Тоа е г-ѓа Маргарита Фроман, прва балерина и стожер околу кој денес се гради во Кнез Михаиловата зграда млада балетска трупа. Околу г-ѓа Фроман неколку нејзини ученички и угледен театарски свет. Многу од нив, сами признаваат дека појма немаа оти во ... народ се крие толку благородна градба за национален балет. Навистина, г-ѓа Фортунато за прибирање на мотиви, ја пропатувала „Јужна Србија“ (Македонија н.з.), и, по се изгледа собрала доста драгоцен материјал наменет за остварување на едно ново Христиќево музичко дело, но тоа досега за јавноста, ... остана непознато и непристапно. ... А, г-ѓа Форман одејќи од Малиот Калемегдан, чудејќи се на ритмот и музиката на овој дотогаш непознат балет вели: „Прекрасно, морам да одам во Македонија. Толку тука има чекори, така да ни јас самата не можам да ги фатам.Од тоа може да се изгради величенствен национален балет. Нивната игра на мене остави огромен впечаток. Зарем можат тоа да го направат обични луѓе од народот, обични селани?“А, потоа продолжува: „Да. Секако дека одам во Македонија. Слушнав дека имаат игри со пушки и пиштоли. Тоа мора да е прекрасно. Ние толку труд вложуваме и толку се трудиме да се потчиниме на балетската дисциплина, што не е лесно, а тие остваруваат прекрасен склад, инстиктивно без зборови, на еден миг на водачот.... И не разговараат! .... воодушевено вели една млада членка на балетот на која таа тишина никако не и влегува во главата.“ - ќе напише авторот на својот текст „Русалиите во Белград“. Мрзенската русалиска група ќе остане уште еден ден во Белград за ги прикаже своите ора, какви, како што вели авторот, „Белграѓани уште еднаш во својот живот можеби нема да имаат можност да ги видат“. Тие со својата игра ги воодушевиле Белграѓани, но колку средства за својата црква успеале да соберат не е познато. Сепак, познато е дека новата црква „Св. Константин и Елена“, која започнува да се гради во 1925 едвај била завршена во 1936 година. Иконостасот бил изработен во 1937 год. На северната страна од царските двери се отбележани иконописците – браќата Доневи од село Гари, Дебарско и годината 1937. Мрзенската русалиска група требала уште многу игри да изигра за да овој божју храм биде целосно готов.
|