|
|
Различните идеологии и внатрешни делби во македонското револуционерно движење и нивните последици (3 дел) |
Сега веќе се отвараат темите дека Организацијата треба да се децентрализира, да биде раководена од месните кружоци, а не како порано сите наредби да доаѓаат од Централниот Комитет и без поговор истите да се извршуваат. По Прилепскиот подвижен конгрес, а подоцна и на конгресот во 1905 година во Рилскиот манастир овие два табори кои од денешна гледна точка се карактеризираат како леви и десни, а колку е релеванто во една левичарска организација да има и десничари тоа го оставаме на човековото расудување. Суштината е тоа дека еден дел од Организацијата на чело со Христо Матов, Ѓорче Петров се застапуваат Организацијата да остане на поранешниот систем на уредување, а тоа е централистичкиот додека, Јане Сандански со неговата група Серчани (револуционери од Серскиот револуционерен округ) се за децентрализација на организацијата. На крајот на конгресото тие ќе си заминат начелно со успешен договор за добробитот на Организацијата, но во суштина секој од нив едноставно ќе си продолжи по својот пат па дури и понекогаш тоа одело и во спротива со решенијата кои биле донесени на Конгресот. На Конгресот се барало и да се најдат виновниците за неуспехот на Илинденското востание и вината како што и се очекувало паднала врз Сарафов и Гарванов, но сепак под големата заштита и дипломатија меѓу обвинетите и обвинителите Ѓорче Петров успеал да постигне договор, па затоа на Конгресот се донело решение сите виновни за некакви дела да добијат помилување, но доколку ја повторат грешката тие ќе бидат судени и за претходното дело покрај новото. Ова решение не било испочитувано, па така по неуспешниот атентат врз Јане Сандански од страна на атентаторот испратен од Сарафов и Гарванов, па тоа подоцна ќе го убеди Сандански да ја донесе конечната пресуда за Сарафов и Гарванов без знаење на централниот комитет тој наредува нивно убиство и истото било извршено во 1907 година од страна на атентаторот Тодор Паница. Во овие дни ќе се роди и новата идеологија за среќа, една од попозитивните во нашата историја, а тоа е санданизмот во чиј што корен стои идејата за автономна обединета и слободна Македонија. Како правец санданизмот ги обединува сите почитувачи на делото и ликот на Јане Сандански кој пак е еден од корифеите и човек кој никогаш не се поколебал во своите идеи за Македонија и Македонците. За македонското прашање Сандански ќе изјави: „Нема брзо и едноставно решение за македонското прашање. Кој мисли дека со еден потег на перото, со едноставна промена на името или додавање на некаква придавка/збор преку ноќ ќе го реши македонското прашање- се лаже! Се лаже и себеси ги лаже и другите! Кој мисли дека некој однадвор, од големите сили, од соседите, ќе пресече и ќе ја исправи неправдата кон нас во наша корист, се лаже, и себеси и другите! Кој мисли дека иднината на Македонија не е во обединета Европа, се лаже, и себеси и другите! Кај нас е решението, и само од нас зависи! Ние мораме да изградиме мостови помеѓу нас Македонците на Балканот и да се бориме за нашата иднина и иднината на нашите деца. Народите на Балканот не се наши непријатели и затоа ние, најмногу од сите, мораме да изградиме мостови на доверба и пријателство со сите наши соседни народи. Да ги надминеме недоразбирањата и непријателствата, искрено. Да ја изградиме иднината заедно, а минатото да го оставиме, зошто доста беше страдање, време е новите генерации да имат слободен живот. Само така ќе го решиме македонското прашање и ќе ја одбраниме македонската независност“. Санданизмот е една од ретките идеологиии кои ќе го надживеат и самиот Јане Сандански што не било случај со претходните идеологии и внатрешни делби кои замреле кога од политичката и животната сцена биле тргнати односно починале. Причината за нејзиниот опстанок е можеби тоа што идеите и целите на санданизмот се поклопувале целосно со општонародните идеали и не оделе во спротивна насока од тоа што народот го посакувал и замислувал за разлика од врховизмот, цончевизмот итн. Наскоро санданистите на голема врата ќе се придружат на младотурците кои начелно и де јуре требало да ја подобрат положбата во земјата, но сепак тоа ќе остане само на празни ветувања и на хартија. Со Младотурската револуција состојбата видно во Османлиската империја не се променила, туку само нејзиниот владетел. Султанот Абдулхамид I бил наследен од неговиот брат Мехмет Решат II кој бил слаб владетел и неговиот живот го минал затворен во еден дворец со харем од триесет жени.
|