|
|
Различните идеологии и внатрешни делби во македонското револуционерно движење и нивните последици (4 дел) |
Ни по младотурската револуција која ветувала многу, а исполнила малку, состојбите во Македонија видно не се измениле, дури до една мера можеме да кажеме дека и се влошиле, бидејќи откако четите го предале оружјето и се легализирале народот веќе немало кој да го заштитува. Онаа славна револционерна организација веќе била разнебитена, бројот на четници бил наполно деградиран, но и малкумина останале од големите дејци на организацијата. Сега веќе наполно била отворена вратата за навлегување на чети од соседните земји и исполнување на нивните експанзионистички цели. Почнуваат да се склучуваат разноразни договори за добрососедство,за заеднички борби против Османлиите и секако придружен елемент било прашањето за поделбата на ослободените територии односно Македонија. Српско - Бугарскиот договор од 13 март 1912 година во договорот бил вклучен и таен анекс за поделбата на Македонија по нејзинито ослободување од османлиите. Според договорот целата територија што би ја зазеле од Османлиската Империја би имала карактер на заедничка своина, односно кондоминиум, а таа територија дефинитивно би се разрешила три месеци по склучувањето на мирот врз следните основи: Србија и` го признава на Бугарија правото на областите источно од Родопите и реката Струма. Бугарија на Србија и ги признавала областите северно од Шар Планина. Околу тие области не постоеле спорни прашања, па се нарекувале неспорни области. Територијата меѓу Шар Планина, Баба Планина, Охридско Езеро, Скопско и Кумановско, била означена како спорна и за неа е речено дека може да се организира во автономна област или да се подели меѓу сојузниците. Според Српско-бугарскиот договор за таканаречената спорна зона на прво место се предвидувала автономија, а потоа нејзина поделба. Фразата за автономија на Македонија била внесена на барање на Иван Гешов, бугарскиот премиер и во договорот влегла како прва можност иако никогаш не се остварила, а реално ниту некого го заинтригирала од претставниците на Бугарија и Србија. По овој договор врз грбот на Македонија ќе паднат Балканските војни, Букурешкиот мировен договор и првата конечна поделба на Македонија, Првата Светска Војна, Версајкиот мировен договор и ревидирање и повторно потврдување на поделбата на Македонија како и вклучувањето на Вардарска Македонија во склоп на Кралството СХС. Македонското револуционерно движење низ сите овие премрежја, иако разнебитено покажувало слаба активност и македонското население претежно било мобилизирано во македонските ополченија при бугарската војска во која пак имало голем број на генерали и полковници Македонци меѓу кои и Тодор Александров и Александар Протогеров кои го организирале македонското население да се бори при бугарската армија и самите заведени од мислата дека “сонцето на слободата на Македонија ќе изгрее од Бугарија”. Непосредно по завршувањето на Прва Свестка Војна доаѓа до раздвижување на македонското ослободително движење. Први се јавуваат Серчани со својата декларација од октомври 1918 година, во која повикале на реафирмирање на борбата на македонскиот народ врз принципот на автономија на Македонија. Во декларацијата било истакнато: ...На местото на балканскиот национализам... го креваме старото знаме на македонската автономија, знамето на балканската слога и на идното балканско братство... Македонија треба да се востанови во нејзините географски граници... Македонија треба да добие за себе, за народностите што ја населуваат и за своите балкански собраќа најпогодна форма на управа, организирана по примерот на Швајцарската Федеративна Република, при полна и еднаква слобода за сите националности во просветен, црковен, политички, културно-економски однос, а под протекторат на Сојузот на слободните демократски народи... Принципите кои биле изложени во Декларацијата на Серчани биле доработени во брошурата „Назад кон автономијата“ од страна на Димо Хаџи Димов. Брошурата била објавена во 1919 година и во неа, меѓу другото, се истакнува: Да и` се даде кредит на денешната бугарска политика тоа значи да се предаде макеоднскиот народ на самоодрекување. Но, тоа не може да биде, тоа не може да стане. Се работи за цел еден народ кој не може да се жртвува за една политика. Затоа автономната идеја ја зафаќа цела Македонија, бидејќи е таква желбата на македонскиот народ... Врз основа на овие принципи, помеѓу Серчани и претставниците на бившата Внатрешна Револуционерна Организација во Западна Македонија била постигната спогодба за обединување, кое било означено како продолжување на делото на бившата целокупна внатрешна организација. Во Привременото претставништво влегле истакнати револуционери од македонското револуционерно движење и старата Македонска Револуционерна Организација, меѓу нив биле: Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, Петар Поп Арсов, Туше Делииванов, Ризо Ризов, Михаил Герџиков, Христо Јанков , Александар Бујнов, Таската Серски, Ѓорѓи Скрижовски, Чудомир Кантарџиев, Стоју Хаџиев и други. По обединувањето во 9 март 1919 година се испраќа и еден апел до македонското население во кој се истакнува: „Македонското население, без разлика на народност и вера, по се` што проживеа има цврста и свесна желба неговата земја да се запази цела и неразделна како самостојна политичка единица на Балканот во нејзините природни балкански граници врз база: Солун како општ центар, Вардарската долина, Скопје и Битола со нивната стопанска и економска заднина... На вака создадената држава да и` се даде самоуправа со полна рамноправност и еднакви права на сите народи без разлика на бројност и при отсуство на секакви духовни и политички установи кои би и` дале предност на која и да било од нив или би побудиле сомневање или страв од зародување на сепаратистички стремежи и аспирации...“ Покрај овие активности Привременото претставништво испрати и апел до Версајската мировна конференција преку својот задрганичен претставник Пол Христво во кои децидно и недвосмислено се бара Македонија да добие своја автономија, но за жал нема да наидат на никаков одговор и тука ќе биде и причината за нејзиното замирање се разбира не заборавајќи на остантите опшествени фактори, бидејќи и сега со ова ново реорганизирање ќе отвори терен за нови внатрешни делби.
|