|
|
Македонците во делата на античкиот еврејски историчар Јосиф Флавиј (I век по Христа) |
Јосиф Флавиј е уште еден антички историчар, кој пишувал за античките Македонци, а кој е малку познат и обработен во современата македонска историографија. Тој е најпознатиот антички еврејски историчар. Се родил во Ерусалим некаде околу 36 година, што значи само неколку години по распнувањето на Исус Христос. Неговото вистинско име било Јосиф Бен Мататија. Потекнувал од кралско и свештеничко јудејско семејство. Бил член на фарисеите и бил позната личност во еврејското општество. Иако имал пријатели меѓу Римјаните, учествувал во еврејското востание против римската власт, по што бил заробен и затворен. Веспазијан го ослободил, поради што во знак на благодарност Јосиф го зел неговото семејно име - Флавиј. Крајот на животот го поминал во Рим, пишувајќи за историјата на Евреите. Негови дела се "Историјата на Евреите" ("Jewish Antiquites"), кое го напишал во 20 тома; потоа "Војната на Евреите" ("Jewish War"), кое го напишал во седум тома и "Флавиј Јосиф против Апион" ("Flavius Josephus Against Apion"), дело во кое им се спротивставил на тогашните хеленистички историчари, кои со потценување пишувале за Евреите. Напишал и своја автобиографија. Флавиј (иако бил јудеец и фарисеј), како историчар, оставил извонредно значајни историски податоци и за дејствувањето на Исус Христос, а оставил сведоштва и за дејствувањето на свети Јован Крстител. Јосиф Флавиј оставил и многу вредни податоци за животот на Македонците во Светата земја, не само од времето кога тие целосно владееле со Палестина (со нејзиното освојување од страна на Александар Велики Македонски), туку и многу подоцна. Подетално на пишувањата на Јосиф Флавиј за животот на Македонците во античка Палестина, се задржавме во книгата "Исус Христос и Македонците", а овде само ќе потсетиме на неколку од нив. Откако го опишува освојувањето на Светата земја од страна на Александар Велики Македонски (за кого пишува во позитивна конотација), Флавиј продолжува со описот на настаните што се случиле по смртта на Александар. Познато е дека со Светата земја останала да владее македонската династија на Селевкидите, која ја основал генералот на Александар по име Селевк. Во средината на II век пред Христа, поради лошото владеење на Антиох Четврти од оваа македонска династија, Евреите кренале востание, кое на крајот завршило со успех и со основање нивна независна држава. Овде треба да спомнеме еден многу значаен податок. Имено, кога Јосиф Флавиј пишува за востанието на Евреите против династијата на Селевкидите, сосема јасно пишува дека Евреите всушност се бореле за своја слобода против ропството што им било наметнато од - Македонците! Кога пишува за смртта на еврејскиот водач Јуда Макавеј, Флавиј вели: „Јуда... остави зад себе голем углед и спомен, борејќи се за слободата на својот народ и избавувајќи го од ропството под Македонците.“(Jewish Antiquities XII, 11,2). Во врска со успесите на водачот на востаниците Јуда Макавеј против Македонците Селевкиди, Јосиф Флавиј пишува: „Еврејскиот народ ја обнови својата слобода откако претходно беше под ропство на Македонците... Но, не беа малку оние (Евреи, з.м.), кои поради основните потреби и поради тоа што не можеа да се носат со мизерувањето и со гладот што им надвиснаа над глава, избегаа од својата земја и појдоа кај Македонците. (Jewish Antiquities XIII, 1,1). Овде терминот Македонци повторно се однесува на Селевкидите, кои и покрај губењето на територијата на Јудеја, и натаму останале да владеат со голем дел од Палестина и пошироко. Дека Евреите се наоѓале под "власта на Македонците" (мислејќи на Селевкидите), Флавиј пишува и во деветнаесеттата книга (Jewish Antiquities 6,2) и на други места. Флавиј пишува и за загриженоста на македонскиот војсководител Бакид, што ја искажал кога разбрал дека загинатиот еврејски водач Јуда Макавеј бил заменет со својот брат Јонатан. И овде Флавиј, Селевкидите ги нарекува „Македонци“. Овде читаме: „Кога Бакид го слушна ова, се уплаши поради тоа што Јонатан можеше да му направи многу неприлики на кралот на Македонците, исто како што правеше и Јуда пред него...“ (Jewish Antiquities XIII, 1,2). Флавиј ги нарекува Селевкидите како „Македонци“ и кога пишува за барањето на Евреите што го упатиле до египетскиот крал Птолемеј Филометор (исто така Македонец), во кое тие го замолиле Птолемеј да им дозволи да изградат јудејски храм во Александрија. Ова барање го упатил синот на високиот еврејски свештеник по име Онија, кој прво живеел во Палестина, а потоа се преселил во Александрија. Кога Онија видел дека неговата Јудеја е угнетувана од Македонците го замолил египетскиот крал да им дозволи на Евреите да изградат еврејски храм во Александрија за да ги потсетува на нивната угнетена татковина. Во врска со ова Флавиј пишува: „Синот на високиот свештеник Онија, кој исто така се викаше Онија, како што веќе рековме, сега живееше во Александрија, кај кралот Птолемеј Филометор. Кога овој Онија виде дека Јудеја е угнетувана од Македонците и од нивните кралеви... реши да упати молба до кралот Птолемеј и до неговата жена Клеопатра да им дозволи да изградат храм во Египет, ист како оној во Ерусалим.“ (Jewish Antiquities XIII, 3,1). Сето ова се извонредно значајни податоци посебно затоа што во многу светски енциклопедии и други дела не сосема точно пишува дека Селевкидите во својата држава наводно ја ширеле "грчката култура и јазик"; дека граделе "грчки градови" и слично. И навистина во културата што тие таму ја ширеле имало елементи од разни култури, па и од грчката, но тоа не значи дека тие биле "Грци". Впрочем, од сведоштвата на Флавиј гледаме дека самите Евреи биле сосема свесни дека се наоѓаат под македонско (а не под грчко) ропство. Флавиј ги нарекува Селевкидите како Македонци и во својата книга „Војната на Евреите“. И овде тој пишува за борбата на Симон Макавеј против Селевкидите, па вели: „Симон... ги ослободи Евреите од власта на Македонците по сто и седумдесет години од империјата на Селевкидите. (War of the Jews, I, 2,2). Основањето на независната еврејска држава од страна на Симон Макавеј, Флавиј го опишува со зборовите: „Симон беше избран од мнозинството за висок свештеник и уште првата година од неговото владеење тој го ослободи народот од ропството под Македонците“. (Jewish Antiquities XIII, 6,7). Значи еве уште една потврда од Флавиј за етничкиот македонски карактер на Селевкидите и тоа двесте години по првото доселување на Македонците во Светата земја! Веќе рековме дека на подеталните написи за Македонците во Светата земја од страна на Јосиф Флавиј се задржавме во книгата "Исус Христос и Македонците", а овде само ќе спомнеме уште дека и Јосиф Флавиј ги третирал Македоцните како посебен народ во однос на Грците. Во својата книга „Флавиј Јосиф против Апион“ Флавиј ги спомнува Македонците како жители на египетскиот град Александрија. Во вториот дел (6), тој пишува дека: "Грците и Македонците го поседуваа градот", а во продолжение тој ги обвинува Египјаните дека поради расната омраза кон Евреите ги придобиле Македонците и Грците да се свртат против Евреите кои живееле во Александрија. Значи гледаме дека тој овде одделно ги спомнува Македонците и Грците. За Македонците како доминантни жители на Александрија во тоа време Јосиф Флавиј пишува и на други места во своите дела. Така, на пример, кога пишува за населувањето на Евреите во Александрија од страна на македонскиот владетел Птолемеј Први, Флавиј пишува дека овој владетел на Евреите "...во Александрија им дал исти привилегии на граѓани, какви што имале и самите Македонци" (Jewish Antiquities, XI, 12, 1). Флавиј спомнува и еден говор на јудејскиот крал Агрипа Втори (прв век по Христа) во кој исто така сосема јасно се спомнати Македонците како доминантни жители на Александрија, но и како жители на неколку останати области во Египет (War of the Jews, II, 16,4). Овој говор веќе го спомнавме во поглавието за Агрипа Втори. Практично Јосиф Флавиј е уште еден антички историчар, чии дела се во спротивност со современата грчка пропаганда.
|