|
|
Филмовите за македонските востаници од 1903 предизвикуваат сензација во Лондон |
Чарлс Рајдер Нобл (1854 – 1914; анг. Charles Rider Noble) е британски режисер и снимател на почетокот на 20 век, симпатизер на македонското ослободително движење. Својата кариера ја започнал на почетокот на Втората бурска војна (1899 - 1902), а во 1901 година станува дворски снимател на султанот од Мароко и го снима својот филм „Востанието на Мароко“, по што се придружува на филмаската продукциска куќа на Чарлс Урбан. Во есента 1903 година, откако турските власти му забрануваат преку Солун да влезе во Македонија, пристигнува во Бугарија и снима серија на филмови кои за жал не се зачувани до денес. Дел од кратките филмови кои ги снима Чарлс Рајдер Нобл се посветени на настаните во Македонија за време на Илинденското востание во 1903 година. Тој го снимил пристигнувањето на бегалците од Македонија, а откако дал свечена заклетва пред дејците на ВМОК како доброволец учествувал во битките и ги снимал четите на Иван Карасулијата, Иван Цончев, Илија Балтов, Јордан Стојанов, Анастас Јанков и Константин Настев. Потоа до крајот на својот живот работи како киноуправител во Нортхемптон. Во јуни 1904 година, Чарлс Рајдер Нобл кој истовремено е претставник на англиско илустрирано списание, воен коресподент на "Дејли Кроникл" и поранешен доброволец во Македонските чети, доаѓа во Пловдив каде ќе ги презентира снимените кратки филмови од борбата на македонските востанички чети. По повод неговото доаѓање во градот било објавено кратко соопштение во пловдивскиот весник во кое се вели: „Нобл ќе даде претстава на оживеани слики со кинематографија каков градот не видел. Сликите се вистински и многу од нив фотографирани од самиот г-дин Нобл. Меѓу четите тој бил со својот апарат за сликање кинематографски слики и за тоа ќе имаме можност да видиме сцени од животот на востаниците, востаниците во поход, ..на позиција, во престрелка, врлање бомби и др...“ – пишува д-р Петар Крџилов во својот труд објавен во годишникот на Регионалниот музеј во Пловдив од 2010 година, Според бугарскиот истражувач појавата на Нобл во Пловдив се случува на 17 јуни (два дена по првично објавениот датум), а прикажувањето сигурно е реализирано од 19 до 26 јуни (а можеби и до крајот на месецот). Англичанецот настапил во театарот "Луксембург", и во Трговскиот хотел, претставувајќи ги сликите од Македонските чети и нивните борби, како и од Африканските војни и од Јапонско-руската војна. Дека Чарлс Рајдер Нобл и продуцентската компанија за која работи (Charles Urban Trading Co., Ltd.) многу повеќе се интересираат за настаните во Македонија, говори фактот дека никогаш не бил снимен најавениот филм за „Обединувањето на Бугарија“. Во каталозите на „Charles Urban Trading Co“ нема ниту збор за овој настан, но затоа, како што вели бугарскиот истражувач, во нив фигурираат насловите на цели 17 кинохроники снимени од Нобл во 1903 - годината на Илинденското востание. Илинденското востание во 1903 година го привлекува вниманието на целата светска јавност, а меѓу десетината странски дописници бил и Нобл кој единствено доаѓа со камера (“Биоскоп“ патентирана од Урбан) на барање на американецот Чарлс Урбан, сопственикот на продуцентската компанија „Charles Urban Trading Co“ од Лондон. Иако Нобл пристигнува со задоцнување, во октомври 1903, кога востанието е во својата крајна фаза, тој успева да го оствари својот "светлопис" за Илинден. Така, Нобл ги прави првите филмови за македонската епопеја кои за жал се изгубени неповратно. Тие денес не постојат. Како што вели д-р Крџилов: „Преживеани се единствено информациите за нив, сочувани во споменатите рекламни изданија на Урбановата компанија“. Во тој контекст тој го цитира починатиот коноисторичар Костадин Костов од Пловдив, во кој тој вели: „Најраниот каталог со кој располагам е копија од 1904 година, Тогаш всушност излегува додаток кон главното каталошки издание, објавено во ноември 1903, во која е вклучена "Листа со последните филмски остварувања на Урбан. А тие според содржината на каталогот се токму реализирани од Нобл во октомври и ноември 1903... 17 хроникално-документарни филмови (со траење од 1 до 4 минути), обединети во поглавјата "Македонија и Бугарија" / MACEDONIA AND BULGARIA (од № 1154 до № 11648) и "Со македонските востанички чети" / WITH THE INSURGENT BANDS OF MACEDONIA (од № 1228 до № 12339).“ Од абстракт во каталозите истражувачите на киното денес ја познаваат и содржината на овие ленти. Во продолжение на својот труд, овој истражувач на работата на Нобл во однос на филмовите за Илинденското востание ќе напише: „Останатите девет претставуваат хроника од епилог на Илинденската епопеја - враќањето на некои од четите на Врховниот македонско-одрински комитет - ВМОК (5 наслови) и бегалската невоља (4). Излегува дека со помош на светлината Нобл го изографисал ликот на комитите и војводи, забележал престрелки и борби, и ја прикажал суровата четнички бит... Три од краткометражниот филма се посветени на четата, предводена од Иван Христов Орџанов (1875 - 1905). Познат како Иванчо Карасулијата (по неговото родно село Карасуле), потоа како Иванчо Гевгелиски (по името на областа каде дејствувал) и како Дилбер Иванчо (заради убавината). Тој е (македонски н.з.) револуционер, војвода на одред... Токму Карасулијата станува "главниот лик" на три од филмовите, вклучени во делот "Со македонските востанички чети". "Востаничка чета во засолниште" / AN INSURGENT BAND IN COVER (каталошки № 1228) каде ги покажува комитите на Гевгелиско, седнати околу камперски оган, запален на отворена ливада. "Мажите постојано се во потрага.., очекувајќи изненадувања од страна на Турците, кои ги напаѓаат при секоја можност. Должина 50 фута. "Учеството на војводата е нагласено од авторите на текстовите и во вториот наслов - "Македонска бунтовничката чета во поход (Под команда на Иванчо Гевгелиски)"/ A MACEDONIAN INSURGENT BAND ON THE MARCH (Under the leadership of Tvantcho Quevgueliisky) (№ 1229). Филмот е своевиден "групен портрет" на одредот, чиј командант дозволува на подредените да се приближат кон камерата и преминат пред неа во колона по еден. "Сувереното однесување на секој од мажите, решителниот израз на нивните лица, како и чудните униформи, ја пренесуваат преку овие кадри непоколебивоста, карактеристична за фотографираните субјекти. Последниата епизода го прикажува војводата, опкружен од четниците, кој по се` изгледа ја разгледува содржината на некоја телеграма со својот заменик... Трилогијата завршува со "Македонски востаници во битка со Турците" / MACEDONIAN INSURGENTS 'FIGHT WITH THE TURKS (№ 1231), чија должина е импресивна - 225 метри (70 метри, кои кај тогашните "кина" брзина од 16 фремови во секунда се проектираат за околу 4 минути). Веројатно затоа пред насловот е ставено недвосмислено "Исклучително...", а под него воведувањето и објаснувањето: "Секојдневно случувањата со четата, предводена од Гевгелиски, додека таа напредува низ Македонија". Авторот на ова истражување, кој целосно не запознава со содржината на оваа лента ќе напише: "Почетниот дел на овој филм ги покажува заштитните мерки што четата ги превзема за да не биде опколена од Турците. Еден од четниците кој е испратен напред фрли бомба со динамит во грмушките за да се увери дека таму не се крие непријател. Се гледа како тој го пали фитилот на бомбата, како оди кон местото на претпоставената заседа, како фрла бомба натаму. Потоа тој залегнува на земјата, очекувајќи експлозија. Гледајќи дека нема опасност, четата поминува. Оваа проверка е побезбедена, бидејќи никој Турчин не би се појавил по оваа ужасна експлозија. Потоа гледаме дека четата се одмара скриена во гора под високи елки. Некои од групата чистат оружје, додека други стојат на стража. Третата епизода покажува како четата да прегазува планински поток во колона еден по еден. Се гледа како еден од мажите паѓа [убиен], неговите придружници му фрлаат само површен поглед, по што тргаат, за да се одмаздат на Турчинот кој испукал. Четвртиот кадар покажува како групата си прави пат низ шумата, поминувајќи од дрво до дрво, внимателно гледајќи лево и десно дали има знаци на опасност. Петтата слика на сечиште [отворена месност] која мажите треба да ја преминат. Додека го прават тоа, друг еден од четата е застрелан. Неговите другари, очекувајќи напад секој момент, го забрзуваат чекорот и итаат кон местото на заседата, од каде е стрелано. Сега ги гледаме како напредуваат упорно, претворајќи ја во своја позиција најблиското засолниште и отворајќи оган врз турскиот вод. Четворица членови на четата паѓаат, тоа се гледа, но иако и повредени, тие продолжуваат да пукаат кон непријателот...“ Како пренесува бугарскиот истражувач, во забелешката стои дека „овој инцидент не бил режиран... Напротив (Нобл), се изложил на голем ризик, бидејќи немал гаранција од водачот на четата за својата безбедност. Единственото ветување, кое го добил, кога се приклучил на единицата, бил дека ако сака да сними возбудливи филмови, ќе му бидат обезбедени одлични можности за тоа. Г-дин Нобл успеал да го реализира и зачува овој филм, кој е уникатен, бидејќи ги покажува не само борбените тактики на четата, но и нејзината вештина да предизвикува страв кај Турците, кои им се испречиле на патотот“. Првите проекции на овие филмови кои биле одржани во декември 1903 година во најпопуларниот мјузик хол „Алханбра“ (Alhambra Music Hall) во Лондон, предизвикуваат вистинска сензација, но и контраверзи во престолнината на Обединетото кралство, а за кои ќе пишуваме во продолжение. Сепак забележливо е дека филмовите кои се снимени на териториите на Бугарија и Македонија, се насловени "Македонија и Бугарија" (MACEDONIA AND BULGARIA), "Со македонските востанички чети" (WITH THE INSURGENT BANDS OF MACEDONIA) и сл. Ваквото ословување на режисерот Нобл покажува дека тој прави разлика меѓу двете земји, без разлика дали тоа некому му се допаѓа или не. продолжува
|