|
|
Филмовите за македонските востаници од 1903 предизвикуваат сензација во Лондон (2) |
Британскиот режисер Чарлс Рајдер Нобл (1854 – 1914), симпатизер на македонското ослободително движење, со својата камера за време на Илинденското востание ги снимал четите на Иван Карасулијата, Иван Цончев, Илија Балтов, Јордан Стојанов, Анастас Јанков и Константин Настев. Првите проекции на овие филмови кои биле одржани во декември 1903 година во најпопуларниот мјузик хол „Алханбра“ (Alhambra Music Hall) во Лондон, предизвикуваат вистинска сензација, но и контраверзи. Д-р Петар Крџилов во својот труд објавен во годишникот на Регионалниот музеј во Пловдив од 2010 година, се обидува да ги разјасни загатките кои се појавуваат во Нобловите филмови за Илинденското востание. Од абстрактот во каталозите истражувачите на киното денес ја познаваат и содржината на овие ленти. Оттука Д-р Петар Крџилов во продолжение на својот труд, се осврнува на второто значајно име кое фигурира во каталозите на Урбановата компанија, а тоа е генерал Иван Цончев (1859 - 1910), Македонец и офицер на бугарската армија, неформален водач на ВМОК (главен организатор на Горноџумајското востание) и учесник во Илинденското востание. Во однос на филмот во кој Цончев е присутен, авторот ќе напише: „Неговото име не стои во насловот на филмот “Пресметка со Турците“ (A SKIRMISH WITH THE TURKS IN THE BALKANS), но е подвлечено по појаснувањето „Со една од највлијателните востанички чети, раководена од ген. Цончев, кој е прикажан и може да се види како дава заповеди. Преставени се и неговите офицери – полк. Анастас Јанков, подполк. Илија Балтов и подполк. Кочо Настев. Уште поинтересни се редовите, кои ја пренесуваат содржината на овие 200 метри (околу 3 и пол минути): „Првиот кадар покажува општ план на снежните балкански планини, како и востаничката чета кој си отвора пат низ длабокиот снег. На пладне, нејзините членови застануваат и палат оган. Чуварот оставен на стража, крева тревога и генералот им заповеда на востаниците да се подготват за напад. Тие заземаат добри позиции и очекуваат напад на Турците кои ги бомбардираат од околниот понизок рид. Наскоро востаниците ги земаат работите во свои раце и го покажуваат нивниот успешен начин на водење битки“. Во каталошката забелешка, како што пренесува авторот, пишува: „Во планините има многу снег и нашиот оператор, г-дин Нобл, истрпи бројни лишувања и страдања предизвикани од студ, за да ги оствари овие кадри. Тој чувствува искрена восхит кон востаниците кои не обрнуваат внимание на студот, па преземаат активности во длабокиот снег, бидејќи сите други патеки се блокирани“. Видливо е дека чувствата биле взаемни, а довербата која Нобл ја уживал меѓу востаниците ја докажува со неговиот петиот филм кој е насловен – „Примање на нов член во една востаничка чета“ (INITIATING A NEW MEMBER INTO AN INSURGENT BAND). Во каталошката содржина, како што пренесува авторот стои: „Новопримениот е доведен со врзани очи на зборното место на востаниците во Балканот (Balkan Mountains)“, каде бива подложен на сурови искушенија, за да ја покаже својата преданост и верност кон делото. Потоа положува заклетва и прифаќа честитки од своите браќа по оружје“. Примањето на Нобл во редовите на Македонската револуционерна организација значи и чување на нивните тајни. Оттука, тој избегнува да даде прецизни одговори за локациите каде одредени кадри се снимени, за да не им наштети на своите браќа по оружје, кои речиси се движат по истите утврдени патеки. Обидувајќи се да даде одговор на загатките кои ги наметнува Нобл, на вистинитоста на кадрите во кои се прикажува борба, како и употребата на македонското име бугарскиот автор во продолжение на својот труд пишува: „Наведените наслови сигурно имаат успех меѓу гледачите, бидејќи продолжуваат да се појавуваат и во подоцнежните каталози на компанијата „Чарлс Урбан“. Во актуелизираното издание од 1905 – 1906 тие се вклучени (под истото нумерирање), но овој пат наименувани „Бугарија и Македонија“ (BULGARIA AND MACEDONIA), а во публикацијата од 1907 – 1908 се обединети во голем материјал (должина 540 метри, времетраење 9 мин. цена 9 фунти) со наслов „Македонија и востаниците“ (Macedonia and the Insurgents). Овој монтиран филм е толку грандиозен (според тогашните стандарди) што претставувањето на содржината му била во неколку уводни реченици: „Сензационални кадри на востаничките чети, кои грабнаа оружје за да го отфрлат јаремот на турската тиранија. За да успее да ги сними овие опишани уникатни кадри, нашиот оператор беше посветен во партизанското „братство“. Споделувајќи го животот на востаниците, придружувајќи ги во „жешките моменти“, ризикувајќи го сопствениот живот, тој успеа да го искористи на неверојатен начин времето поминато во овие тешки услови и ја постигна својата цел. Повеќето реални кадри ја отсликуваат востаничката чета во поход, како се крие меѓу грмушките и како напредува во борбен ред низ полето. Борбените сцени се возбудливи до крајни граници, бидејќи се јасна и автентична илустрација на борбата за слобода, предводена од очајните мажи. Емоциите го достигнуваат врвот со кадрите на бегалците од Рила, а панорамата на железничката пруга, селските празници и оригиналните носии пред борбените епизоди го прават филмот уште поинтересн и возбудлив“... ...Дали сепак се овие вистински кадри? Првите сомнежи за нивната автентичност се јавуваат во англискиот печат уште во декември 1903, кога од 22. XII. 1903 (4.І.1904) година започнуваат проекциите во најпознатиот линдонски мјузикхол „Алхамбра“ (денес тоа значи како да се емитувани на БиБиСи во ударно време). „Македонската серија“ (со вкупна должина од 1600 фута/ 490 метри и времетраење од 27 минути) била прикажувана во продолжение две недели и предизвикала сензација. Предизвикала интерес како кај тамошната публика така и кај печатот (само во престолнината повеќе периодични списанија пишуваат за настанот и тоа не еднократно)! Дел од коментарите во печатот се вклучени со рекламна цел во Урбановиот каталог од 1905-1906. Благодарение на овие фрагменти кои се однесуваат за фотографиите од „Македонската серија“, се објаснуваат нејаснотиите во кадрите... Општиот тон кој владее во печатот може да се окаректизира како воодушевувачко обожување на кредибилитетот, реализмот, документаризмот и дури натурализмот кој блика од екранот... „Невозможно е да не бидеме со почит кон напорите на востаничките чети – пишува "Ера" (The Era) - подигнале оружје, за да го отфрлат јаремот на турската тиранија: и г-дин Рајдер Нобл се гледа во средината на еден од овие востанички собири. Тој го допира со усни знамето и за време на подоцнежната церемонија се вклучува во "братството" прифаќајќи бакнеж од водачите на востаниците... "Стандард", исто така се воодушевува од прикажувањето, но и нагласува дека "жртвите кои паѓаат кога претставата станува сериозна, се исто скоро реални". Весникот "Морнинг пост" (Morning Post) е уште поискрен: Има и неколку епизоди кои покажуваат вистинска битка во кои гледаме мажи како паѓаат [убиени]... ...Дали Рајдер Нобл навистина снимал за време на борбите или пак востаниците ги реконструирале своите борбени акции за потребите на кинооператорот? Да се процени тоа е тешко во отсуство на снимениот филмски материјал. Но..., знаејќи какви биле во тоа време можностите на кинотехниката, би можеле да се доведат во прашање автентичноста на некои делови од филмот „Македонски востаници во битка со Турците“... Филмската камера тогаш била премногу тешка и несовршена, биле потребни извесни подготовки пред фотографирање, а со оглед на тоа дека механизмот се придвижувал рачно требало да се става на статив за да биде стабилна, неподвижна. Во такви услови е малку веројатно Нобл да успеал веднаш да сними ненадеен турски напад, освен ако сосема случајно нападот не е извршено токму тогаш кога Нобл ја снимал четата во движење. Оваа теза би одговорила и на прашањето зошто постои невообичаена рамнодушност на востаниците спрема ранетите другари: сè било само исценирано за потребите на снимањето. Значи, изгледа премногу веројатно во случајот дека станува збор за вешта реконструкција, која успеала да ги убеди гледачите дека гледаат автентични фотографии. За веродостојноста на останатите кадри и филмови не би требало да има сомнеж дека и тие дефинитивно биле аранжирани за “биоскопот“- ќе напише авторот. Споменатите тактики, како што пишува бугарскиот автор, се вообичаени за филмската продукциска пракса од почетокот на ХХ век. Недостатоците на најраните филмски апарати, ограничените квалитети на тогашната лента, недостатокот на телеобјективи, тешкотиите пропратени со надминувањето на огромни растојанија, а и безмилосните закони на конкуренцијата, ги принудуваат тогашните филмаџии да го снимаат потонувањето на американскиот крстосувач "Мејн" не во хаванското пристаниште, каде е потонат, туку во предградието на Париз (каде улогата на вистинскиот брод ја "одигра" картонска макета). Сепак, во својата примитивност, целулоидната реконструкција била доживувана од публиката како реален настан од јавниот живот! Верата во автентичноста не била нарушена, дури и кога печатот ја открива техничката неможност да биде снимена ноќна борба, временска неусогласеност на снимањето и прикажувањето, кога понекогаш се гледаат зад сценографијата лица на вработени од техничкиот персонал или фрагменти од урбанистички пејзаж. Во тој контекст, д-р Крџилов ја спомнува француската кинокомпанија "Пате фрер", која во својот каталог од 1904 година ќе напише: „Жанр во кој сме ненадминати се хрониките на вистински настани, (сцени кои имаат национален или меѓународна важност и затоа се интересни за масите)“. Режисерската "ѕвезда" на фирмата Ф. З. пак признава: „Ние секогаш се трудиме да ги следиме тековните несреќи и да ги забележиме, предизвикувајќи го на тој начин интересот на нашите клиенти... Понекогаш сепак поради безбројните тешкотии кои произлегуваат... ние не можеме да гарантираме за точноста на сите кадри... во некои случаи, кога сликите на местото се невозможни, сме принудени да го реконструираме недостигот на епизоди, приближувајќи се при тоа до реалните настани“. Само во 1903, на белиот екран можат да се видат две инсценирани хроники со заговори, подготвени од турбулентната балканска општествено-политичка реалност! Едната од нив е "Убиството на кралското семејство на Србија" ("Assassinat de la famille royale de Serbie"), во која се реконструирани моменти од мајскиот преврат извршен во текот на ноќта на 28 наспроти 29 мај 1903. За да одговори на барањата на публиката која е секогаш жедна за сензационализам, "Пате фрер" веднаш започнува со снимањето. Добрата организација и професионализмот на тимот, на чело со режисерот Лусиен Н. (Lucien Nonguet), прават појавата на срцепарателна драма да биде можна само 9 дена по атентатот. Истиот режисер го снима вториот филм кој ги покажува "највозбудливите настани што се случиле за време на немирите во Македонија" (имајќи ги предвид Илинденското востание). Оригиналниот наслов и на овој изгубен филм (должина 35 м, 2 минути од 1903), според каталозите е "Atrocites turques" ("Турски злосторства"). Оскудните редови во италијанскиот печат ги додаваат кон неговата содржина сцените: а) востаници во заседа - б) војводата на една чета во заробеништво на Турците - в) атентат со динамит против возот Ориент-експрес. Оваа "актуелна реконструкција" сигурно видела бел екран во Руан (од 29.ІХ. до 3.Х.1904) и Трст во 1906 (според каталозите), во Англија, Љубљана и Белград ... Д-р Петар Крџилов пишува дека филмот се споменува најчесто под насловот "Масакрите во Македонија" ("Massacres de Macedonie"), но дека може да биде сретнат уште како "Атентат со динамит врз воз во Македонија" ("Attentat a la dynamite sur un train en Macedoine"), "Крвави факти од Македонија" ("I fatti di sangue delle Macedonia"), "Резня во Македонии", "Колежите во Македониjа", "Pokolji u Makedoniji"... Оттука авторот се прашува дали Нобл бил запознат со филмот "Турски злосторства" / "Масакрите во Македонија". Како што вели „Сосема е можно – насловениот филм да е прикажуван во Лондон, токму кога тој се враќа со "експедицијата" од Балканот. А може и да не го гледал. Но факт е дека меѓу неговите "варијации" на истата "тема" фигурираат идентични "сцени од животот на востанниците"... Во контекст на разгледуваната тема, како што вели авторот, сепак е многу важно дека интересот кон реконструкција на настанот може да биде клучот за размрсување на неговите илинденски "кинематограми". А тие и до денес кријат безброј тајни. Една од нив е поврзана со местото на спроведување на детално прераскажуваните сцени на "борби", чие лоцирање повторно нè враќа кон проблемот со автентичноста на Нобловите кадри. ..."Мјузикхол" уверува дека при спроведувањето на сликите Нобл "требало да се измолкне од турската војска и да ја премине границата, за да влезе во Македонија, ризикувајќи го живот", а како потврда ги изнесе епизодите со заеднички наслов "Со востаниците во Македонија" / With the Insurgents trough Macedonia. Печатот на Албиол како целина, сепак наведува за нивни сцена Македонија и Бугарија!? Бугарската - исто (како софискиот "Дневник" на два пати му припишува на Нобл "многу љубопитни кинематографски слики низ Македонија и крај бугарско-турската граница" и "кинематографиски слики, снимени во Македонија, Бугарија, Мароко и др. Бугарскиот автор ги спомнува и македонските киноисторици кои се едногласни дека серијата е снимен "на почвата на Македониjа". Весна Масловариќ и Игор Старделов дури ја прецизираат ареата на операторот - "териториjата на Пиринска Македониjа и во денешните граници на Jугоисточна Македониjа". Хипотезата ја поддржува и Дејан Косановиќ, кој уверува дека првично Нобл се "обидел да дојде во Македонија од Солун, но турските власти го спречиле за тоа, а потоа преку Бугарија, доаѓа во Македонија". Професорот Косановиќ дозволува неавтентичноста на дејството, но не и неавтентичността на местото на истото ова дејство. Ваквиот пристап на македонските киноисторици не го задоволуваат бугарскиот автор. Д-р Петар Крџилов се прашува зошто молчи за ова прашање и субјективниот извор - каталогот на Урбановата компанија. Зошто упорно молчи самиот Нобл. Како што вели апстрактите може и да не се негово лично, авторско дело, но без сомнение се напишани врз основа на кажувањата или неговите записи. Во содржините (а најчесто директно во насловите) на 12 од 17-те филмови главниот сведок наведува прецизно местото на дејството, дури и кога тоа е неопределено селце, чие име (Крапец, Кочериново, Бараково или Горна Бања)... Само во петте четнички филмот тоа не е сторено. А би требало. Дури со рекламна цел, да не зборуваме за славното – минување на границата, навлегоа длабоко во турска (македонска) територија, скитаа по воља низ планината (Пирин барем), преминаа оваа и оваа река... Сепак нема такви информации во Абстрактот. Таму има имиња, но нема наименувања. Недостасува каков и да е конкретен топоним. Авторот заклучува дека очевидецот Нобл се задоволува со бегло опишување на местата како "Balkan Mountains" (два пати), "непријателска територија" (hostile territory), "Низ Македонија" (through Macedonia) раскажува за "секојдневно случувања со четата, предводена од Гевгелиски", како само во еден наслов ("Пресметка со Турците во планината") користи зборот "IN THE BALKANS". Но со зборот "THE BALKANS" во каталозите смеат означеното како она што ние, Бугарите, разбираме под Балкан (Стара Планина), така и секој Баир на Балканскиот Полуостров. Но, она што авторот го заборава е тоа што само по 40 дена филмот бил претставен пред лондонската публика, дека иако Илинденското востание било задушено, не престанала македонската револуционерна борба, а Нобл како посветен македонски востаник не смеел многу да открива за локациите низ кои се движеле востаничките чети за да не и` наштети на Организацијата. крај
|