|
|
Александровото царство има огромно влијание врз светската цивилизација |
По смртта на Александар Македонски, групата држави кои произлегоа од Македонската империја, опфаќаа огромни пространства и вклучуваа бројни и разни народи од претходното Персиско царство, кое веќе го имаше припремено теренот. Од друга страна Македонската империја му го отвори патот на Римското царство. Иако Александровото, за разлика од Персиското и од Римското царство, во својот обединет облик траело кратко време, благодарејќи на политичките тела кои Александар ги формирал, тоа имало огромно влијание врз текот на историјата и светската цивилизација. Основните причини за распадот на Александровото царство биле во личните интереси и различните методи на владеење на неговите наследници. Покрај тоа, државите кои се формирале по распадот, предводени од македонските династии, продолжиле да се распаѓаат и самите, бидејќи било тешко да се управува со многубројните градови формирани од Александар, кои имале самоуправен статус, а останале во рамките на новите држави. Покрај тоа, во нив доаѓало до чести македонско-атински расправии, но и со локалното население, а некои подрачја тежнееле за независност. Како логична последица на ваквиот однос кој владеел долго време, може да се толкува и подоцнежното освојување на Рим на овие територии. Една од главните особини на Александровото царство која до некоја мерка била задржана од неговите наследници, била покрај населувањето на македонските воени ветерани и преселбата на голем број Атињани (Грци) на Исток, како и проширување на трговијата и културната размена. Како резултат на тоа, била појавата на “коине“ заедница измеѓу два различни етникуми и локалното население. Но, наместо во посталександровската ера да дојде до македонизација, поради големиот број на атински (грчки) трговци ќе доминира т.н. хеленизација. Во четвртиот век пред нашата ера доаѓа до оживување на монархистичкиот идеал кој го втемелува Филип II како водач на силна војска и како човек кој го прогласи походот против Персија. Првиот период после смртта на Александар бил период на прилагодување, во кој желбата да се сочува големото дело на основачот се судира со желбата на наследниците да создадат сопствени држави, а Атињаните (Грците) да се ослободат од приматот на Македонците. Во овој период се појавуваат три главни државни творби: птоломејска во Египет, селевкидска во Азија и антигонидска во Македонија. Се појавувале и помали династии, особено внатре во овие творби (Пергам, Битинија и Понт), како и други (партското кралство се создава со одвојување од селевкидската територија). Иако основата на сите овие монархии била македонска со Атињанските (Грчките) примеси и источно влијание, во последните случаи, владеачките елементи биле хеленизирани источници. За тоа време монархијата се одржала на Балканот, не само во Макадонија, туку и во Епир, Тракија и Илирија. Значајно за монархиите кои се развиле од Александровото царство било следното: Кралот бил љубимец на боговите, врвен и храбар војник, прав и законит водач на својата војска, на кој му се препишувала посебна сестрана доблест која го правела возвишен и херојски лик. Тој бил единствен законодавец, кој управувал со животот во својата држава, ја штител и бил длабоко свесен за тежината на својата должност. На него се гледало како на господар и доброчинител на своите поданици. Обично го наследувал најстариот син, меѓутоа тој имал право наместо него да одреди некој друг член од својата фамилија, потпирајќи се на својот разум, а можел да го направи за свој наследник и совладател за да го припреми за целосно наследство. Иако на почетокот овие владетели не сакаа претерани лични паради, со задоволство ја носеа македонската облека. Нивната чест можела да му се прикаже на светот само ако ја носеле својата дијадема. Ги опкружувале верни пријатели и дворјани, како и нивните војсководци. Иако повремено кралевите мораа да ги поднесуваат нивните интриги, сите тие станувале кралски советници, од кој се именуваа високи службеници, како воени команданти, пратеници и министри. Во месните управи се служеле со локалното население и донекаде ја задржале организацијата на претходната администрација. На сите повисоки и осетливи места биле поставувани Македонци или Атињани (Грци), како и домашните луѓе, а тие беа организирана бирократија која работите ги извршувала без особено да се брзаат. Тешкотиите во управувањето со овие големи, етнички разнородни држави подоцна се зголемувале поради тоа што имало области кои биле под посебна управа и барале посебна постапка. Тоа во прв ред биле народите кои си ги задржале старите кралеви, кои всушност биле вазали. Потоа не битни народи под власт на домашните династии, како и формално слободни народи кои го имале задржано племенското уредување и најпосле меѓу нив биле новоформираните македонско-атински градови. Александар основал вакви населби во разни делови на своето царство. Тоа биле независни држави кои имале за задача да изградат утврдувања на стратешките точки за да го чуваат царството и да овозможат непречена трговија, да бидат трговски центри каде ќе се разменува робата, да овозможат земја за доселениците и места од каде ќе се шири новата космополитска култура. Секоја таква населба, со своите утврдувања, храмови посветени на тогашните богови, демократски институции и служби, со својата самоуправа биле како острови во една странска средина. Овие градови плаќале скромен данок, ја прифаќале кралската воена посада, некогаш и управник. Ако некој од овие градови станал главен град во него се сместувал и кралскиот двор. Јадрото на војската на овие држави најчесто го сочинуваа македонските војници и атинските платеници. Од нив била составувана кралската гарда и воените единици за утврдувањата. Составот на тие чети можел да биде фаланга на хоплоти, сега полесно наоружани и ескадрони на тешка коњаница. Во случај на потреба биле повикувани во воена служба не само Македонците и Атињаните кои живееле распрснати низ воените населби низ земјата, туку и домашните чети, со што на војниците им се зголемувала нивната граѓанска положба. Воопшто земено овие кралства со кои владееле македонски династии допринеле за развој на воената техника како што е на пример развојот на силната и лесно покретна коњаница како род во војската, употреба на слоновите донесени од Индија, употреба на тешки воени машини во борбите и при опсада на градовите, како и изработка на големи воени бродови. Кога овој период се разгледува во целина, се` додека најисточните делови на царството не се отцепија и Рим постепено не го освои остатокот, тој остава впечаток на мирен период кој овозможил материјален развој на сите овие држави. Кај некои било почнато од самиот почеток, додека кај други каде било сочувано се трнало во забрзан развој на веќе постоечкиот. Водоградежните уреди биле обновени и усовремени, мрежата на патиштата била зголемена, а пристаништата биле зголемени според зголемениот промет. Се` внимавало особено на развојот на одгледување на грозје и маслинки, таму каде климатските услови овозможувале. Воведен бил надзор над производството на жито и пошумувањето, а зголемена и количината на парите кои биле пуштени во промет. Тоа придонело да се зголеми трговијата, со обзир на веќе развиената мрежа на патишта како и вниманието кое македонските држави им го посветувале на караванските патишта кои ја поврзуваа земјата со Средна и Источна Азија. Исто така и морските патишта кои започнуваа во северниот дел на Црвеното Море и Персискиот залив. Иако превозот се наоѓал во странски раце, сепак тие значеа голем потик на економијата со отварање на нови извозни пазари и овозможувајќи извоз на свила, памук, слонова коска, скапоцено дрво, бисери и скапоцени камења, мириси, зачини и сл. Државите внимателно ја следеле трговијата, присвојувајќи голема количина за извоз по ниски откупни цени, иако тоа значеше дека животниот стандард на домашното население се држи на најниско ниво. (извор: Л. Парети „Стар Свет“, том II, кнг.II, Загреб, 1967, стр: 180 - 184 )
|