|
|
Граѓаните нема да дозволат пропаднати политичари да ги вовлечат во граѓански или меѓуетнички конфликт |
Неуспехот на т.н. „бомби“ на Заев, како и фактот дека изостана очекуваната поддршка на народот и меѓународната заедница, кај раководните лица на СДСМ предизвика огромна фрустрација, разединетост и дезориентација по кој пат да продолжат. При ваква една безизлезна ситуација, кога Зоран Заев се соочува со сериозни обвинувања и партијата е пред распад, по долга изолација се јави „државникот“ кој понуди решение во: „активен и континуиран „отпор", перманентни протестни собири и маршови, разни облици на граѓанска непослушност“. Поранешниот претседател на државата и на опозициската СДСМ Бранко Црвенковски се огласи со писмо во јавноста и му понуди помош на лидерот Зоран Заев, откако „бомбите“ не предизвикаа ефект меѓу народот каков што се очекуваше. Во писмото, Црвенковски меѓу другото порача дека оваа власт не се руши само со прес конференции, туку може да биде поразена од народ и со народ. Тоа го потврдува неговото писмо во кое тој потсетува на стретегијата од 24 – ти декември 2012 г. и вели: „Стратегијата во која верував пред две години и во која уште повеќе верувам денес и на чија реализација до колку до нејзе дојде целосно се ставам на располагање... Ладата, симболот на „отпорот“ е во одлична состојба, редовно одржувана и на време регистрирана“. Бранко Црвенковски е свесен дека во овој момент не постојат аргументи за никаква интервенција на меѓународната заедница, па во писмото вели: „Погрешно е и за крајната цел апсолутно штетно да се подгреваат лажни надежи дека меѓународната заедница со некакво „робусно“ присуство ќе изврши силен притисок на Груевски сам да се повлече и да овозможи формирање на преодна влада. Тоа едноставно нема да се случи. Ниту Брисел и Вашингтон се подготвени на тој начин да настапат, а ниту на Груевски му е битно каков е нивниот став...“ Меѓутоа, во моментов опозицијата има голем проблем како да го мотивира народот и да го натера да излезе на улица со прикажувањето на монтираните и креирани озборувања. Граѓаните не го имаат заборавено злото што им го има направено СДСМ, како криминалната приватизација, 200 000 стечајци, шверц со нафта и цигари, лажни ветувања за вработување по еден член од секое семејство, катастрофалната територијална поделба, тепање на народот, сомнително доделување над 100 000 државјанства на косовари, промена на името, знаемето, смалување на пензиите,... Едноставно народот повеќе ја почитува политиката на премиерот Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, отколку антидржавната на СДСМ, која за свои лични и туѓи интереси е спремна на промена на името и идентитетот на македонскиот народ. Тоа го потврдуваат масовните трибини во повеќе градови во земјата организирани од ВМРО-ДПМНЕ, каде челниците на владеачката партија ги прикажуваат не само досегашните резултати, туку и низа други позитивни мерки кои се преземаат и кои нудат: нови инвестиции, намалување на невработеноста, субвенции, можност за откуп на стаж, зголемени стипендии, бесплатни таблет компјутери и сл. Во оваа досегашна политичка борба, резултатите се на страната на ВМРО- ДПМНЕ, која од доаѓањето на власт во 2006 година успеа невработеноста да ја сведе од 37,3% во 2005 година (на власт СДСМ) на сегашните 27,6%. Во времето на СДСМ речиси да немаше инвестиции, за разлика од денес кога во земјата работат многу фабрики, потоа се градат нови погони и се најавуваат нови инвестиции кои носат нови вработувања. Разликите се видливи и во платите, пензиите, социјалната помош, кои од доаѓањето на власт на ВМРО- ДПМНЕ па до денес повеќекратно е зголемена. Исто така се градат автопати, пруга кон Бугарија, потоа гасификација на земјата. Сите овие проекти не се само на хартија, туку се реализираат и се видливи, за разлика од времето на СДСМ, кога ниту еден проект практично не бил реализиран. Но, без разлика на вољата на граѓаните, кои сакаат мир и просперитет на земјата, опозициските новинари пишуваат за можна ескалација во текот на мај. Основа за ова даваат и изјавите на самиот лидер на СДСМ, кој се заканува со дестабилизирање на земјата, доколку не им се исполнат барањата, што би значело рушење на угледот на земјата и економската стабилност на државата. Сето тоа оди само во прилог на нарачателите за кои всушност одработува Заев. На ваквите изјави на Заев, дека ако треба и крв ќе падне, реагираше остро и премиерот Никола Груевски кој вели: „Слушам не ми се верува, враќам назад, пак слушам, стварно тоа го збори, си викам абе човек, седи мирен и не си играј играчки, тешки зборови кажуваш, не си играј играчки, да не те лаже ѓаволот да правиш глупости, зашто ако седиме мирно и те пуштаме на глава да ни се качуваш, не значи дека ќе дозволиме и граѓански конфликт да направиш. Немој да спиеш те молам на тоа уво дека некој ќе ти дозволи да си играш со безбедноста на државава, не лидер на опозиција, што сакаш биди...“ Граѓаните се свесни дека Зоран Заев е исплашен и не знае што зборува и дека овој аболиран политичар нема морален кредибилитет да биде лидер на опозиција. Исто така, тие знаат дека морален кредибилитет нема ниту истрошениот поранешен лидер на опозицијата Бранко Црвенковски, кој во неколку наврати земјата ја донесе на работ на пропаста. Тоа го знаат и европските политичари, кои освен налогодавачите, се дистанцираат од СДСМ. Оттука, граѓаните на Македонија, без разлика на етничка, верска и друга припадност, нема да дозволат овие двајца пропаднати политичари да ги вовлечат во граѓански или меѓуетнички конфликт.
|