|
|
Се јави октоподниот губитник Црвенковски |
На македонската политичка сцена, по пауза од точно две години, со писмо до јавноста и со целосна максимална поддршка на т.н. „Заеви бомби“, се огласи некогашниот прв човек на најголемата опозициона партија СДСМ и некогашен Претседател на Република Македонија Бранко Црвенсковски. На прв момент како обичен граѓанин на Република Македонија се израдував дека конечно време беше да се јави мецената Б.Ц. и да стави крај на деструктивната политика, која ја води неговиот пулен и голем аболициран должник Зоран Заев. За голем должник мислам на фактот што Зоки Заев, алијас Бошко Буха, во не така далечната 2008 година, за финансиската афера „Глобал“ беше осуден на казна затвор. Но, тогашниот Претседател на Република Македонија Бранко Црвенсковски, го искористи своето законско право и го аболицира Зоран Заев. Но, за жал, Црвенковски во своето писмо му се восхитува на кукавичката политика и храброста на Зоки, каде што истиот со помош на странски разузнавачки служби, ширум нашата земја објавува монтирани телефонски разговори за високи политички функционери од извршната и локалната власт. Но, иронијата да биде уште поголема, Црвенковски го објавува писмото до јавноста точно на одбележувањето на полнолетството, поточно 18 години од пропаѓањето на пирамадалната штедилница ТАТ од Битола. Само да Ве потсетам Господине Црвенковски, Вие во тоа време бевте Премиер на Република Македонија и пред цела македонска јавност ветивте дека октоподот ќе биде уништен и парите вратени на штедачите. Но за жал, господине „ораторе“ Вие пред целата македонска јавност испаднавте голем лажго и не го вративте она што ветивте на измамените штедачи, а тоа се нивните заштедени пари. Исто така, македонскиот електорат го служи меморијата на втората ваша лага искажана на фамозниот 15 септември 2002 година, каде ветувавте вработување на барем еден член од семејство. Исто така господине Црвенковски, сакам да Ве потсетам, како прилепчанец, дека со поставувањето на Вашиот другар Тони Мицајков – Цванцикот, а потоа и Димитар Богдан за први луѓе на прилепскиот монопол, направивте невиден криминал во Тутунскиот комбинат, каде во тоа време со наместени тендери се офајдија и повеќемина актуелни високи функционери на СДСМ од Прилеп. Ова е на ниво на извршна власт. На локално ниво, со поставувањето од Ваша страна за градоначалник на општина Прилеп, во личноста на психијатарот Сашко Пирганоски, градот под Марковите Кули, цели четири години тапкаше во место без инвестиции и во вистинска смисла на зборот стана мртов град. Со доаѓањето на власт во 2005 година најревносниот градоначалник Марјан Ристески, тогашната општинска каса беше во финансиска була од преку 7 милони евра. Господине Црвенковски ова е само за Прилеп. Затоа во 2013 година на локалните избори македонскиот електорат му дозволи на опозициониот блок, од можни 120, да добие само 4 градоначалнички мандати. Господине Црвенковски, Ве молам да го продолжите својот зимски сон, зашто македонскиот народ се` уште памети и не сака нови пирамиди, туку напротив сака финансиски стабилна и просперитетна Македонија. На крајот од ова писмо со спортски жаргон, кажано, не може некогашен селектор кој бил заменет заради лоши резултати да му дава поддршка на својот наследник, кој со својата екипа губи девет пати по ред од ист противник. Во тој случај најдобро е и двајцата селектори, и некогашниот и актуелниот, а во конкретниот случај Црвенковски и Заев, да си заминат од македонската политичка сцена поради лошите резултати. |