|
|
Заборавениот пријател: Димитар Влахов (1878 - 1953) |
Во 2008 година, по повод 55 години од смртта на Димитар Влахов, Жени Лебл (Jennie Lebel) го објавува написот „Заборавениот пријател: Димитар Влахов (1878 - 1953)“. Овој текст посветен на големиот пријател на еврејскиот народ, кој е објавен во книгата „Да не се заборави“, таа го пишува со надеж дека воопшто Евреите, посебно државата Израел, ќе знаат дури и со задоцнување, да ја проценат неговата улога во историјата на еврејскиот народ. Пишувајќи за заборавениот пријател, авторката на почетокот на своето дело ќе забележи: „Еврејската историја е полна со познати личности кои имале влијание, воглавно негативно, на нејзиниот тек. Пријателите беа ралативно многу малку и тие речиси секогаш го наоѓаа своето место во модерен Израел, било тоа да е меѓу страниците на историјата, било со одбележување на нивното име на плоштадите и улиците на градовите или шумите и парковите во целата таа земја. Затоа е чудно да не се знае или пак се заборавило делото на Димитар Влахов, голем пријател на еврејскиот народ...“ Во продолжение на својот напис, авторката Жени Лебл всушност говори за судбината која ги следи двата библиски народа, но и за вековното македонско-еврејско пријателство, кое Влахов со своето дело го зацврстува и продлабочува. Македонскиот пратеник Влахов со својот говор во турскиот Парламет, ќе влијае во создавањето на модерната израелска држава. Тоа го памети израелскиот народ, но, отсекогаш некои сили го попречувале развојот на македонско-израелските односи. За овие настани во текстот за „Заборавениот пријател“ авторот пишува: „Пред се`, неколку основни податоци: Димитар Влахов е роден на 8 ноември 1878 година во Кукуш, Егејска Македонија. Се школувал во родниот град, Солун и Софија, студирал хемија во Германија и Швајцарија, а дипломирал во Софија во 1903 година. Тој беше социјалист, политички активист и писател, еден од основачите на Народната федеративна партија во Турција и народен пратеник за Македонија во Младотурскиот парламент. Тој беше меѓу основачите на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација - ВМРО (обединета), која не треба да се меша со ВМРО (автономистичка н.з) на Тодор Александров, генерал Протогеров и Ванчо Михајлов. Основната политичка идеја на ВМРО (об.) била да се создаде самостојна Република Македонија во рамките на Балканска федерација. Влахов бил главен уредник на емигрантскиот весник „Македонско дело“ во Виена, а во периодот 1924-1932 година таму го уредувал весникот „Балканска федерација“. Овој весник подоцна излегувал во Франкфурт на Мајна, на германски, француски и на јазиците на балканските народи. Подоцна живеел во Москва и за време на Сталиновите чистки во 1938 година, во својата 60-та година, тој бил изложен на физичка и психичка тортура во затворот Лубјанка, во седиштето на НКВД. Кога во 1944 година се вратил во Југославија, бил избран за член на ЦК на КП на Македонија, а подоцна и за заменик-претседател на Президиумот на Народното собрание на ФНРЈ. Главни дела: „Македонија и македонското прашање“, „Избрани статии и говори“ (1948), „Од историјата на македонскиот народ“ (1950) и др. Со посредство на социјалистичкиот револуционер Крсте Раковски, Влахов околу 1910 година се спријателил со лидерите на партијата “Поалеј Цион“ од Ерец Израел – Јицак Бен-Цви (1884 - 1963) и неговата сопруга Рахел Јанаит (1886 - 1979), со проф. Шломо Каплански (1884 - 1950), Јозеф Шпринцак (1885 - 1959) и други. Рахел Јанаит – Бев-Цви пишува: Во 1910 година Бен Цви и јас патувавме на конгрес во Хамбург и на враќање свративме во Софија за да се видиме со нашиот пријател Димитар Влахов. Во Софија се сретнавме и со тамошните пионери на ционистичкото движење. Влахов ни помогна да воспоставиме врска со еврејските и нееврејските социјалисти. Така започна едно убаво пријателство, кое подоцна се разви и остана силно и трајно, вистинско пријателство. Кога Давид Грин – Бен-Гурион (1886 - 1983) одлучи да оди да студира право во Истанбул, пред се` требаше да го научи турскиот јазик. Поради тоа, на 7 ноември 1911 година отплови за Солун, важен град на Отоманската империја, каде издатоците за секојдневните животни потреби беа пониски отколку во Истанбул. Солун, престолнината на Македонија, беше важен еврејски центар и го носеше името “Ир ва’ем’ (Град мајка). Еврејското население, едно од најстарите, ако не и најстар дел од населението, беше доминантно во градот. Евреите биле во сите гранки на општествениот, економскиот и културниот живот. Имаше богати, но повеќе беа сиромашни, едноставен работен народ и сите ги поврзуваше религијата, традицијата и говорниот јазик – еврејско-шпански (јудео-еспањол), подобро познат како ладино. Речиси сите го владееа и грчкиот јазик, а многу го говореа и францускиот, особено оние кои го посетуваа училиштето на израелитската Алијанса, чиј центар беше во Париз. Ниту еден од овие јазици Бен-Гурион не го владеел, ниту пак требало да се очекува од него. Меѓутоа, како млад лидер на работничките маси во Ерец Израел и основач и уредник на неделникот "HaAhdut (Единство), секако, требал да се распраша и да го проучи Солун и Евреите во Солун, бидејќи знаел дека во тој град нема да остане само неколку дена. А тој имаше каде да се распраша, бидејќи тогаш во Ерец имаше повеќе Сефарди отколку Ашкенази, а многу од нив по потекло беа од градовите на Балканот. Веднаш по неговото пристигнување во Солун, тој беше забележан по својата надворешност. „Мистер Грин“ беше низок, слаб, блед, чуден тип меѓу здравите и силните работници на Солунските Евреи, атеист меѓу изразито традиционалистите кои се држеа до сите прописи на својата религија, до тој степен да бродовите кои пристигаа во солунското пристаниште пред самата сабота или во текот на саботата, не се истоваруваа, бидејќи поголем дел од работниците беа Евреи. Во своите сеќавања Бен-Гурион пишува: Во Солун пристигнав во средината на Хешван... Јас веднаш си најдов учител за турски, Јосеф Струмса, роден во Солун, кој учел во училиштето на Алијансата, и како повеќето од оние кои оделе во тоа училиште беше во голема мера асимилант... На својот татко кој го финансирал студирањето, Бен Гурион без многу скромност му пишувал за своите неограничени способности, за големите успеси и напредувањето во учењето на турскиот јазик. Така, на 24 декември 1911 година му напишал за својот одличен, просто неочекуван успех и му соопштил дека веќе чита турски весници, што секако беше далеку од вистинската состојба. Околу месец дена потоа, на 28 јануари 1912 година, Бен Гурион му пишува на својот татко дека тој е во состојба и писмено да се изрази на турски за рачиси се` што сака. И кога Евреите во Солун почнаа да се навикнуваат на него и да го прифаќаат во своите клубови, па дури и да го слушаат неговото пелтечење при говорите, кои требало да се разберат и да се преведат на ладино, тогаш се промени тонот во писмата. На 3 март 1912 година, Бен-Гурион му призна на својот татко дека живее како осаменик во пустина, во градот кој е полн и преполн од маса на луѓе, бидејќи ова е светот на сефардските Евреи, кој нему му е стран и по јазик и по обичај. Тој е далеку од тие Евреи, кои се посветени на традицијата и конзервативниот начин на живеење. Бен-Гурион во текот својот долг живот (починал на 97 години) бил се` повеќе отворен за Сефардите и нивната култура и може да се рече дека бил ценет меѓу нив, особено откако самиот се опкружил со многу Сефарди, меѓу кои се истакнува неговиот личен секретар Ицхак Навон (Jichak Navon – подоцна петти претседател на државата Израел). Процесот се одвивал постепено, почнал во раните четириесеттите години. На Сефардската конференции во Тел Авив во корист на Земјишниот фонд (Keren ha’jesod) Бен-Гурион ќе рече: „Чуствувам дека јас не можев, а да не дојдам на оваа конференција, бидејќи јас сум должен на сефардската јавност, личен долг како циониста, бидејќи барем дел од својата ционистичка свест ја стекнав од Сефардските Евреи. Тоа беше пред околу 30 години. Во тие денови, Солун беше најеврејскиот град на светот, сефардски Солун во Турција, а не во Тел Авив. Пристигнав во Солун од Ерец Израел како млад студент да таму учам право. Нормално беше дека јас таму се интересирав за расположението меѓу тамошните Сефарди во однос на Еретц. Солун беше голем еврејски град, град на еврејските работници. На моја жалост, слушнав дека маса на еврејско население не со нас, дека лидерите на работниците се анти-ционисти и дека ги одалечуваат од Ерец Израел. Спротивно на нив имавме голем пријател. Тој беше член на турскиот Парламент – Димитар Влахов“. Всушност, единствениот човек кој тогаш му приближил на Бен-Гурион, го разбрал па дури и самиот станал циониста како што може да се посака бил Димитар Влахов, христијанин, социјалист, член на Меџлисот (турски, отомански Парламент). Бен-Гурион пишува многу топло за Димитар Влахов и нагласува дека бил важна личност, многу активна, кого со право го сметале за лидер на македонското социјалистичко движење од каде бил и пратеник во турскиот Парламент. Бен-Гурион додава дека Влахов бил голем поддржувач на ционизмот. На изборите за турскиот Парламент, ционистите во Солун гласаа за Димитар Влахов, а против еврејскиот асимилант и анти-ционистичкиот кандидат Аврахам Бен-Ароје. Во своите мемоари Бен-Гурион пишува: „Кога се вратив во Ерусалим почнав повеќе да работам на политичките прашања и видов до кој степен нашата политичка ситуација се влошила после раволуцијата на „Младотурците“ во 1908 година. Во Меџлисот, турскиот Парламент, имаше пет арапски пратеници од Ерец Израел. Тие секојдневно ги напаѓаа Евреите, особено Евреите од Ерец Израел и ционистичките активисти. Во Парламентот имаше и двајца пратеници Евреи: Карасо од Солун и Мицлијах од Смирна. Но, тие никогаш не ја отворија својата уста во одбрана на Евреите. Единствен кој ги бранеше Евреите и ционизмот беше пратеникот од турска Македонија, Димитар Влахов“. За истиот период во своите мемоари пишува и самиот Влахов. Тој наведува дека во летото 1911 година му се обратиле ционистите др. Авигдор Јакобсон и Херцфелд и му соопштиле дека на дневен ред на Меџлисот се наоѓаат два исклучиво антиеврејски законски предлози. Арапските пратеници од Ерец Израел, сите богати луѓе кои поседувале огромни територии и биле лути противници на еврејските населби, предложиле и настојувале да се прифати нивниот предлог за целосна забрана на доселувањата на Евреите и барање да се воведат жолти пасоши за Евреите кои живееле во Ерец Израел, кои би можеле веднаш да се препознаат. Бен-Гурион пишува: „Во турскиот Парламент... палестинските Арапи, речиси секојдневно ги клеветеле и напаѓале Евреите ционисти во Ерец Израел, а Евреите во Парламентот никогаш не отвориле уста да одговорат на Арапите. Единствен член на Парламентот кој ги бранел Евреите и ционизмот бил мојот... пријател Димитар Волхов. Со него се спријателив веднаш по моето доаѓање во Солун. Тој беше социјалист и поштен човек и останавме добри пријатели. Наш заеднички јазик беше руски...“ И Влахов пишува дека за разлика од многу активните и бучни Арапи, во турскиот Парламет имало пет еврејски пратеници и го потврдува тврдењето на Бен-Гурион дека тие претпочитаа да ја чуваат устата затворена и дека никој од нив немал храброст да се појави и јавно да се бори за правата на својот народ, кој тогаш беше во многу тешка ситуација. Просто предизвикуваа сожалување кога се гледаа овие луѓе како беспомошно воздивнуваа и беше јасно дека законодавците ќе одлучат во корист на арапскиот предлог. Секако дека нема да се измамиме ако тврдиме дека Влахов ја спасил ситуацијата. Тој ја презема задачата, која во секој поглед изгледала тешка и невозможна и почнал да го студира животот во Еретц Израел, за активностите во еврејските населби и во Тел Авив, градот кој почнал да се гради само две години порано. Врз основа на сето тоа тој одлучи во Меџлисот да одржи говор со кој ќе се обиде да влијае да се отфрли предлогот на арапските пратеници како целосно реакционерен. Веднаш, тројца арапски пратеници се пријавија да му возвратат на Влахов. Говорот на Влахов траел околу еден час и неговата појава оставила незаборавен и моќен впечаток кога зборувал за неподносливата ситуација на Евреите во земјите од дијаспората. Арапските пратеници правеа секакви напори за да го попречат. Тие му викале: „Ти не си Евреин, не си од Палестина, ти си од Солун! Каква врска ти имаш со оваа работа? Зошто се мешаш“? Влахов им одговарал со карактеристичен мир: „Ти си во право. Јас не сум Евреин, но во рамките на своите обрски како член на Парламентот јас сум должен да ги бранам интересите на сите граѓани на Отоманската империја, на интересите на земјата и нејзиниот развој. Населувањето на еврејските доселеници во Палестина многу повеќе ќе придонесе за економскиот развој на областа, бидејќи нивното културно ниво е на многу повисоко отколку на локалното население. Тие тежнеат за слобода и сигурен сум дека тие ќе бидат борци за уставниот режим на Турција. Нивните населби ќе придонесат и ќе напредуваат многу и ќе донесат работа и за арапското население, чиј животен стандард е многу низок. Таму вистинските непријатели се арапските феудалци, односно богатите сопственици на земјата. Жал мие што Евреите од Палестина и арапскиот работен народ не се застапени во Парламентот за да можат да ги бранат своите интереси“. Ако во предвид имаме дека мемоарите на Димитар Влахов се пишувани многу години после овој настан, ние ќе ги споредиме со современите извештаи од страна на печатот. Еврејскиот весник „HaMevaser“, кој излегувал во Истамбул, вели дека социјалистичкиот пратеник Влахов – ефенди на седница во понеделникот ги обвинил членовите на опозицијата дека внесуваат антисемитизам во Турција и сакаат и таму да се занимаваат со аферите Drumont, Lueger и сл.
Бакалел Мизрахи, дописник на весникот „HaOlam“ од Истанбул, на истата тема пишува: „Во турскиот парламент повторно се водеше дискусија за ционизмот, но овој пат не се говореше за ционистите како за еден куп празноглави и за ционизмот кој нема ништо конкретно, но, против нивната волја, токму од устата на непријателите на ционизмот и Ционистите излегоа добри работи“.
„Треба да жалиме зошто говорниците кои зборуваа вчера не разбраа дека се работи воглавно за економско прашање. Немаше ништо реално во говорите на оние кои зборуваа за Еврејската опасност и бараа да не се дозволи населување во Палестина. Ние можеме да спиеме во мир доколку немаме друг непријател освен Евреите. Имаме други непријатели, вистински непријатели и опасни за сите граѓани. Ние пред се` мораме да бидеме силни на полето на економијата. И само еврејската населба тоа ќе го направи. Каков треба да биде нашиот став кон населувањето на Евреите? Јас веќе долго време посветив внимание на фактичката состојба. Своето знаење за Арапите и Евреите го добив од различни извори. Во Сирија има 9.000 Евреи, 80.000 христиjани и околу 524.000 арапски муслимани. Голем дел од Евреите се Отомани, кои никогаш не го лишиле некој од имотот, никому не му одземале некој имот, но тие купуваа непосеана земја и неа ја правеа плодна и родна. Тие многу придонесоа за зголемување на државните приходи, тие го прошируваат и го развиваат земјоделството и индустријата со најнови техники. Приходи од данок од населбата Rishon Lecion се зголемиле во текот на 28 години од 30 до 3.320 лири, во Petah Tikvi се зголемиле во периодот од 31 години од десет до 2.230 лири и слично.
За својот настап во турскиот Парламент Влахов пишува дека добил безброј честитки и пофалби, особено од членовите на Социјалистичката федерација во Солун и од еврејскиот печат во Истанбул. Дури и еврејските весници во Петрбург му дадоа голема важност на тој говор. Имаше и такви кои неговиот говор го оценија како историски кој треба да се запише со златни букви во историската книга на еврејскиот народ. На сето ова Влахов реагираше скромно: „Јас само ја исполнував својата должност како турски пратеник, а особено како пратеник на своите гласачи од солунскиот Санџак. Резултатите беа зачудувачки. Влахов ги спречи арапските предлози. Тие не беа прифатени и населувањето на Евреите продолжи како и дотогаш. Во своите мемоари Влахов вели дека за кратко време после тоа во Истанбул пристигнаа неколку лидери на еврејската партија Поалеј Цион, како проф. Шломо Каплански, учителката Рахел Џанаит, Давид Бен-Гуриони и Јицак Бен-Цви“. Влахов пишува: „Подоцна имав можност да се сретнам со нив во Солун... Тие ми предложија да отпатувам во Палестина за да лично, на самото место да се уверам за состојбите и животот на Евреите во земјата... За жал тоа не се оствари“. Бен-Гурион пишува дека Димитар Влахов го повикал да дојде на состанок на еврејските работници во Солун и му предложил да зборува за Еретц Израел. На тој состанок Бен-Гурион почуствувал до кој степен е дојдена еврејската поделеност, кога тие немаа ни заеднички јазик. Тој беше првиот говорник, зборуваше руски, Димитар Влахов ги преведуваше неговите зборови на турски, а Јозеф Струмца го преведуваше преводот на Влахов на ладино. Кога некој од работниците прашувал нешто или реагирал, тоа Струмца го преведувал на турски, а Влахов од турски на руски. „Така еврејскиот работник се сретна со еврејските работници во градот на еврејските работници (Солун тогаш беше повеќе еврејски град одколку некој град во Ерец Израел или во некоја друга земја)... Не можам да се пофалам дека моите зборови пренесени од трет извор имаа некаков ефект... Со текот на времето Бен-Гурион и Влахов станаа пријатели, многу често се состануваа и дури заеднички работеа на формирање на Балканска работничка конфедерација“. На мировната конференција во Париз 1946 година, Давид Бен-Гурион и Јицак Бен-Цви сакаа да се сретнат со Димитар Влахов. Меѓутоа, Влахов не добил дозвола од Едвард Кардељ, шефот на југословенската делегација. Влахов тоа го примил дисциплинирано, поучен од горчливото искуство од СССР. До 1953 година Влахов во повеќе наврати бил официјално поканет да го посети Израел. Секој пат на тоа се спротивставувал министерот за надворешни работи Едвард Кардељ, со изговор дека Влахов како потпретседател на Президиумот е незгодно да го посети Израел, иако Влахов предложил таа посета да биде целосно приватна или да има полу-официјален карактер. Во тој правец не помогнаа ниту напорите на Езре Јоран, ополномоштен министер на Израел за Југославија. Исто се случи и на 1 јануари 1953 година кога Влахов бил пензиониран. На писменото барање, Кардељ одговорил негативно, иако дури и самиот Тито на Влахов му дал усмена согласност. „Тоа многу го погодило и го забрзало неговиот крај“ – пишува неговиот син Густав Влахов. Набрзо потоа, на 7 април 1953 година Димитар Влахов починал. Претседателот на Израел Јицак Бен-Цви и Рахел Џанаит Бен-Цви испратија писмено сочуство до семејството. После смртта на Димитар Влахов, Езра Јоран работел на тоа неговото име да се овековечи во Тел Авив, меѓутоа тоа никогаш не се случи. Густав, син на Димитар Влахов, роден во 1912 година, после ослободувањето прво работел во Владата на Н.Р. Македонија, подоцна бил заменик-министер за надворешни работи, амбасадор во Пакистан и Мексико, сојузен секретар за социјална политика, за труд и информации, а од 1967 година тој беше потпреседател на Сојузното собрание. Густав Влахов често одел на годишната конференција на Меѓународната организација на трудот (МОТ, ИЛО, ОИТ). На овие конференции се запознал и соработувал со израелскиот делегат Цви Бар-Нив, правен советник во израелското Министерство за труд. Во 1955 година, Бар-Нив и сопругата со делегација на израелското социјално осигурување престојувал во Југославија и бил гостин на Густав Влахов. Од нивна страна потекна иницијатива за посета на Густав Влахов на Израел. Ополномоштениот амбасадор на Израел А. Левави многу се залагал оваа посета да се реализира. Но, и овој пат Едвард Кардељ се спротивставил. Меѓутоа, поканата од Израел одеше преку Момо Марковиќ, кординаторот за труд, здраство и социјална политика во Владата на ФНРЈ, така што Едвард Кардељ морал да ја прифати. Густав Влахов добил и официјална покана од министерот за труд на Израел Голда Меирсон (подоцна Голда Меир) и престојувал во Израел десет дена, од 14 до 24 април 1956 година. На крајот на 1885 година, кога немаше дипломатски односи меѓу двете земји (Југославија ги прекина на 13 јуни 1967 година), тој на 66 страници напиша: „Израел каков што јас го видов и се воодушевив од него“. Ракописот, се разбира, никогаш не беше објавен. Многумина од пријателите на Димитар Влахов и неговото семејство ќе станат водечки личности на израелската држава. Давид Бен-Гурион ќе биде избран за првиот премиер на Израел (1948 – 1953; 1955 - 1963), а Јицак Бен-Цви бил вториот претседател на Израел (1952 - 1963). Два месеци по посетата на Густав Влахов на Израел, Голда Меирсон била поставена за министер за ндворешни работи и ќе го смени презимето во Меир, а подоцна ќе стане и премиер. (извор: http://isra-news.net/2015/04/zaboravljeni-prijatelj-dimitar-vlahov/)
|