Македонска нација
На 4 мај оваа година се навршија 112 години од херојската смрт на Гоце Делчев, легендарниот борец за ослободување и обединување на македонскиот народ. На тој ден македонскиот народ и Македонците во целиот свет му оддадоа длабока почит и признание на делото на великанот на македонскиот народ - Гоце Делчев, кој го посвети својот живот на борбата за својата сакана и измачена Македонија. Славна и херојска е историјата на македонскиот народ, кој со децении водеше и сеуште води смела борба за независност и слобода, за да постои како рамноправен народ меѓу сите други народи, за своето право да се натпреварува на полето на културата и прогресот со другите народи. Во македонската револуционерна борба се изродија големи борци како Гоце Делчев, Јане Сандански, Ѓорче Петров, Пере Тошев, но и многу други достојни синови на македонскиот народ . Во таа борба за слобода и рамноправност македонскиот народ даде десетици илјади скапи жртви. Нема педа земја на целата територија на Македонија, каде не се оставени коски на загинати македонски револуционери, борци за македонската слобода. Еден од најголемите и најценетите синови на македонскиот народ беше Гоце Делчев. Со своето воспитување, образование, политичко убедување, чуство за правда и храброст, Гоце Делчев стана идеолог и душа на ВМРО, која што ја канализираше и ја раководеше борбата на македонскиот народ за создавање на независна и слободна македонска држава. Гоце Делчев беше непомирлив противник и борец против стремежите на европската и балканската буржоазија за поробување на Македонија. Тој се противеше на игрите кои беа параван за присоединување на Македонија кон една од балканските земји. Признат од сите како водач на славната Македонска револуционерна организација, тој создаде вистинско македонско народноослободително движење кое се бореше за правото на македонскиот народ на самостоен живот, за создавање на самостојна држава, но и за пријателството меѓу народите во светот. Тој велеше: „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите." Македонската револуционерната организација го подготви и го спроведе епското Илинденско востание на 2 август 1903 година. Но тоа го направи без Гоце, без својот идеолог, без својот водач. Три месеци пред востанието, на 4 мај 1903 година, во нерамен бој со османлиската војска загина бесмртниот водач на македонскиот народ Гоце Делчев.
Димо X. Димов, во своите спомени за Гоце Делчев пишува: „Петнаесет часа Турците не смееја да се доближат до нашите загинати. Петнаесет часа ние скршени го гледавме својот водач, легнат како жив, со главата наведната кон земјата, небаре наведнат над гробот на Македонија ..." Светлите идеи на Гоце Делчев, неговото херојско дело го инспирира македонскиот народ во неговата понатамошна борба за ослободување од соседните држави водени од монархофашистичка буржоазија, која ја окупира и подели Македонија во 1913 година. Споменот на него го носеше македонскиот народ во антифашистичката борба за време на Втората светска војна. Празнувајќи го светлиот спомен на Гоце Делчев, треба да одбележиме дека денеска, по долги години крвава и нерамна борба, среде купишта коски и реки од пролеана крв, слободна е само Република Македонија, само дел од природната територија на која живее македонскиот народ. Жалосно, но вистинито во 21 век, македонскиот народ сеуште не е признат на делови од македонската територија кои по поделбата во 1913 година останаа во склоп на други соседни држави. Истите тие кои го негираат правото на името, јазикот, идентитетот и црквата на македонскиот народ. Денес во Република Македонија, каде се пренесени коските на овој македонски великан, се остварени идеалите на Гоце Делчев, Јане Сандански и плејадата македонски борци за слобода. Меѓутоа, тоа не важи за останатите делови на Македонија, каде се погазени основните принципи на демократијата и човековите права. И покрај сите искушенија на кој е подложен тамошниот македонски народ никогаш не го заборавил својот учител Гоце Делчев и неговата порака дека светот треба да биде само поле за културен натпревар меѓу народите. Сепак ќе дојде денот кога ќе победи демократијата, кога ќе нема кој да го негира македонското име, јазик и идентитет, ќе дојде време кога и македонскиот народ ќе го заземе своето место во семејството на рамноправни балкански народи за заемна помош во изградбата на својата и нивната подобра иднина.
Да се биде верен на заветите на Гоце Делчев, за нас, Македонците, значи да работиме заедно со братските балкански народи, заедно со европските и со решавачката помош на ЕУ и НАТО да ја зацврстиме европска иднина и перспектива, но и да се бориме со сите демократски сили против предавниците на демократијата и делото Гоце.
|