|
|
Одлуката низ Македонија да поминува гасоводот „Турски тек“-нова студена војна меѓу Западот и Русија |
Одлуката низ Македонија да поминува гасоводот „Турски тек“, ја стави земјата на линијата на судирот на „новата студена војна“ меѓу Западот и Русија. Политичката криза и настаните во Куманово, каде македонските безбедносни сили неутрализираа терористичка група, се обид на Западот да ја спречи пенетрацијата на Русија на Балканот. Начинот на однесување на САД, ЕУ и НАТО, како и известувањето на западните медиуми за кризата го потврдуваат тоа. Водејќи се пред се` од сопствените економски интереси, Македонците предводени од премиерот Никола Груевски ја прифатија изградбата на гасоводот „Турски тек“, кој треба да му донесе благосостојба на македонскиот народ. Меѓутоа, токму прифаќањето на гасоводот доведе прво до прикриени закани од Западот, за да потоа да продолжи со политичката криза и терористичките закани во Гошинце и Куманово. Слично сценарио кое е веќе видено во други земји (Турција, Грција, Украина и др.), почна да се реализира и во Македонија, благодарејќи на амбициите на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој без демократски избори сака да дојде на власт. Токму неговата амбиција беше причина, странски служби да му дадат креирани прислушувани разговори за да предизвика политичка криза и дестабилизација на земјата. Но, откако се виде дека нема капацитет да го повлече поголемиот дел од македонскиот народ и покрај обилната поддршка на Соросовата фондација и нејзините експозитури во медиумите и невладиниот сектор, се случија Гошинце и Куманово. Настаните во Куманово, каде во борба со една од најопасните терористички групи загинаа осум припадници на македонските безбедносни сили, покажаа дека Западот е спремен во Македонија да примени Украинско сценарио, само за да се спречи влијанието на Русија на Балканот. Не случајно по средбата со премиерот Груевски, амбасадорот на САД Џес Бејли во име на САД и најмоќните европски држави, наместо во заедничката изјава да покаже поголема солидарност со земјата во нејзината борба против терористите обучувани на Блискиот исток, во десет клучни точки беше нападнат премиерот за недемократичност, бидејќи не го олеснува спроведувањето на “обоената револуција“ во неговата земја. Ваквото соопштение, всушност беше порака до Македонија или да се откаже од гасоводот и бенефитите кои ги носи или да се соочи со “обоена револуција“ по примерот на „Евро-мајдан“ и неконвенционална војна со Албанците. Покрај соопштението, за да бидат поуверливи, нивните контролирани медиуми на Балканот, веднаш испратија нова порака за создавање на Голема Албанија, најавена за 2016 година. Како продолжение на овие опасни политички игри, ден пред митингот на опозицијата, нивниот пријател, албанскиот премиер Еди Рама, во Подградец ги собра лидерите на ДУИ, ДПА, Движењето за реформи во ДПА, Националната демократска преродба и Движењето БЕСА, Али Ахмети, Мендух Тачи, Зијадин Сеља, Весел Мемеди и Билал Касами. На средбата присуствувале и претседателот на албанскиот парламент Илир Мета, како и министерот за надвроешни работи Дитмир Бушати. Меѓутоа, иако состанокот дава слика на сплотеност на Албанците, кои се спремни да станат на секој знак на господарот, настаните во Куманово покажаа дека албанскиот народ не сака да војува против Македонците. Исто така, иако поделени, најголемиот дел од Македонците застанаа зад Груевски и покажаа воља да се спротивстават на желбите на Западот. Тоа се потврди и на протестите на опозицијата која на 18 мај едвај собра 20.000 луѓе. Сепак, како што велат познавачите на состојбата, Македонија дури сега ќе биде исправена пред сериозни предизвици. Новинарот на руската новинска агенција „Спутник“, Андреј Корибко кој ги следи состојбите на Балканот, за настаните во Македонија вели: „Македонија сигурно може да очекува уште насилни провокации, бидејќи САД нема да се откаже од своите планови лесно. Им честитам на сите Македонци за смирената и мирна реакција на постоечките провокации, а мојата почит ја упатувам и особено за албанската популација за тоа што досега го избегнува однадвор наметнатото искушение за голема Албанија. Но, гледам дека Западот го зголемува притисокот врз сите Македонци, а особено врз етничките Албанци, со цел да се обидат да го поделат општеството...“ Меѓутоа, „Ако комбинацијата од обоена револуција и неконвенционална војна не успее да ја собори владата, тогаш тие се надеваат дека произлезениот хаос може да креира изговор за формална воена интервенција на НАТО. Тоа сценарио би вклучувало интервенција од типот на бомбардирањето на Србија во 1999, но поради тоа што се работи за мала земја и големата густина на албанска популација на границата со Голема Албанија (Албанија и Косово), поверојатен е воено поефикасен модел што вклучува конвенционални албански трупи под чадорот на НАТО бомбардирање. Ова може да биде дополнето со бугарска “хуманитарна интервенција” со цел окупирање на дел од македонската територија како награда за бугарската улога во пропаѓањето на Јужен поток. На крај, сето ова може да резултира со бугарска и/или албанска интервенција, смена на власта, промена на името и поделба на земјата помеѓу Албанците и Македонците – вели рускиот новинар Андреј Корибко. На крај тој заклучува дека „Западот без сомнение лансира опасна информативна војна против Македонија која носи со себе закана за насилство и можна воена окупација. Случувањата во Македонија не се граѓанска војна или анти-владино востание, туку претставуваат дел од поголема војна на Западот против Русија и Балканскиот гасовод, војна која за жал ја направи Македонија земја заложник и следна цел за гео-политичка егзекуција на Западните сили“. Дел од таа информативна војна е и најновиот извештај на ЦИА во кој се вели дека: „Ако САД и по терористичките напади во Куманово продолжи со политиката на безрезервна поддршка на Албанците, ако ЕУ и понатаму премолчено минува преку оживувањето на пректот „Голема Албанија“, тоа би можело да доведе до формирање на православен сојуз на Србија, Грција, Бугарија и Македонија, а можеби и до Трета балканска војна“! Односно, се предупредува дека секоја понатамошна силна поддршка на Албанците би ги турнала православните во прегратка на Русија, па поради тоа се предлага на американските власти рамнотежа на Балканот. Дека работите не се наивни, говори и соопштението на руското Министерство за одбрана во кое се вели дека „девет бродови на руската и на кинеската морнарица почнаа во Медитеранот заеднички воени маневри кои ќе траат до 21 мај“. Во овие кризни моменти, кога се потврдува дека бомбите на Заев се креирани од странски служби, со цел дискредитација на македонските институции и дестабилизација на земјата, потребно е обединување, сплотеност на народот на Македонија, без разлика на етничка, верска, политичка или друга припадност, смиреност и целосна будност. Само така може да ги пресретне и да парира на сите сценарија кои доаѓаат од една или друга страна. Обединување и сплотеност македонските граѓани покажаа на 18 мај, според сите проценки, од направените снимки на митингот, на собирот биле присутни повеќе од 100.000 луѓе, што воедно тоа беше и еден од најмасовните во историјата на Македонија. Над 100.000 обединети Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми и други припадници на етничките групи од пред Собранието на Република Македонија испратија силна порака до светот каква политика поддржуваат и каква држава сакаат. |