Среда, 17 Јуни 2015   
Врските на бугарскиот морнар и руски разузнувач Антон Прудкин со МРО

Tihomir Karanfilov-001
Тихомир Каранфилов

Некаде по полноќ на 20 август (2 септември) 1903 година страшна експлозија го затресла Бургаскиот залив. Експлозијата која се случила на унгарскиот параброд „Вашкапу“, кој пловел од Варна за Бургас, била видлива на повеќе од десет морски милји. Парабродот горел цело деноноќие во близина на Поморие. Во експлозијата загинале 28 лица, од кои 17 патници и 11 членови на екипажот, вклучувајќи го капетанот и двајцата помошници.

Првичната верзија дека експлодирале парните котли на бродот, наскоро била демантирана. Откако парабродот наредниот ден бил довлечен во Бургас, бил направен увид при што е констатирано дека машината на парабродот била во совршена состојба. Врз основа на овој податок и изјавите на преживеаните било заклучено дека експлозијата на "Вашкапу" била предизвикана намерно. Еден од сведоците, стјуарт од првата класа на бродот, соопштил, дека во Варна се качиле на бродот двајца сомнителни млади луѓе со куфери, кои не сакале да ги доверат никому. Друг сведок, пајтонџија од Варна, кој ги превезувал од хотелот „Праслав“ до пристаништето, раскажал дека со нив патувал Антон Прудкин, познат човек во Варна. 

Според пајтонџијата, следниот ден Прудкин повторно го ангажирал да го превезе до пристаништето. Бидејќи бил со него, сведокот го затекнал како подготвува исти такви куфери со некакви метални цилиндри внатре. Така се раширил глас дека Прудкин се качил на  „Вашкапу“, го подметнал експлозивот,  потоа допливал до брегот и се вратил во Варна.

Инаку, парабродот „Вашкапу“ му припаѓал на унгарската компанија “Пештер Лојд“ и бил погоден за пловење по Дунав и Црното Море. На пат за Цариград тој минувал низ Дунавското пристаниште Галати (Галац), црноморското пристаниште Констанца и низ Варна. Владата на Австро-Унгарија се сомневала дека експлозивот бил натоварен во Варна од македонски терористи. Бидејќи атентатот се случил во бугарските територијални води, врз Бугарија бил извршен силен дипломатски притисок за се спроведе истрага за да се откријат виновниците за атентатот. Врз основа на исказите на сведоците истрагата се насочила кон Антон Прудкин. Меѓутоа, Прудкин во меѓувреме исчезнал и се појавил поново во Варна дури по неколку месеци. Бил уапсен, но пајтонџијата го повлекол своето сведочење и така случајот бил завршен. Според соопштението во весникот „Бугарија“, истрагата дошла до заклучок дека експлозивот бил поставен  на бродот во Галати.  

Изминаа речиси 30 години пред да се открие вистината за експлозијата на парабродот „Вашкапу“. Во 1931 година излегува „Белешки на морнарот“ од Антон Прудкин, кој во тоа време лежи во затвор, осуден на доживотна затворска казна. Всушност, бил осуден на смрт, но, во 1930 година, по повод венчавката на цар Борис III пресудата му била заменета. Со своите „Белешки“ Прудкин се појавува како единствениот жив сведок за атентатот врз бродот "Вашкапу" и поврзаноста на Македонската Револуционерна Организација (МРО).

Всушност, идејата за експлозијата на паробродот била дел од поширокиот план на Македонската Револуционерна Организација (МРО) за извршување атентати во европскиот дел на Турската империја. Тој е изработен во почетокот на 1903 година од страна на Гоце Делчев и Михаил Герџиков, основачот на анархистичкото движење. Двајцата биле против идејата за востание во Македонија и наместо тоа нудат серија атентати со цел да се влијае на интересите на европските држави во Турција. На овој начин, со внесување несигурност и страв, револуционерите се надевале дека ќе ги поттикнат големите сили да и наметнат на Турција реформи во Македонија. Еден од учесниците во настаните, Евтим Спространов, по солунските атентати предлага да се потопи и некој пароброд. Тој во својот дневник ќе објасни дека „... целта е да се парализира сè. Да нема безбедност никаде. Патуваш со железница, опасно е да не ја кренат во воздух; патуваш со пароброд, може да се најде на дното на морето ...“

Подготовката започнала по Конгресот на VII Револуционерен округ на Македонската револуционерна организација на Петрова нива (28/29 јуни или 11/12 јули 1903 н.с.) на кој се решава да се дигне востание во Одринско. Во куќата на Михаил Герџиков во Пловдив, под раководство на Тимо Ангелов - Кнезот, се подготвувале "пеколни машини", т. е. експлозивни направи со сатен механизам. Секоја од нив содржела 40-50 кг. динамит. Според Прудкин бомбите биле најсовремени, а Борис Сарафов ги порачал од Виена. Планот бил експлозивните направи да се постават во неколку брода, кои припаѓале на големите сили, така да експлодираат истовремено во Цариградското пристаниште. Истовремено со тоа требало да бидат разнесени две царини и две банки во Цариград.

Во подготовките за морскиот дел од операцијата биле задолжени Антон Прудкин, браќата Иван и Васил Стојанов и нивниот братучед Стефан Димитров. Четворицата решиле да дејствуваат во парови и за цел избрале четири брода, кои на пат за Цариград минувале низ Варна и Бургас. Секој од паровите требало со два куфера динамит да се качат на некој брод во Варна, да го постават експлозивот и да се симнат во Бургас. Потоа да се вратат по копно во Варна и повторно да се качат на вториот брод. Во него, исто така, требало да се постави ескплозив, но, овој пат атентаторите требале да продолжат до Цариград и да ги оставаат последните куфери со динамит на двете царинарници. Ако цариниците побарале да видат што има во нив, тие требало веднаш да го активираат експлозивот. И овде, како кај солунските атентати, било предвидено атентаторите да се жртвуваат по потреба.


Како цели биле избрани унгарскиот брод "Вашкапу", австрискиот "Аполо", германскиот "Тенедос" и францускиот "Феликс Фресине". Сите тие, според распоредот минувале низ Варна и на 27 август (9 септември по нов стил) 1903 година требало да бидат во Цариградското пристаниште. Токму на овој ден се предвидувало да се постават сатните механизми, па четирите брода да експлодираат истовремено. Организацијата обезбедила околу 350 килограми динамит и експлозивни механизми. Иван и Стефан ги презеле бродовите "Вашкапу" и "Тенедос", а Васил и Прудкин бродовите "Аполо" и "Феликс Фресине".

На 19 август 1903 година околу 16 часот Прудкин ги испратил Иван и Стефан до бродот "Вашкапу". Купиле билет за прва класа на бродот, но, неискусните заговорници веднаш го привлекле вниманието. Кога стјуардот сакал да ги однесе куферите во кабината, Иван Стојанов одбил, велејќи дека во куферите имал пари и не сакал да ги довери никому. Исто така, дежурниот царински службеник посакал да им го прегледа нивниот багаж. Ситуацијата станала критична, па Прудкин морал да интервенира. Во своите "Белешки" тој вели: „Го познавав добро царинскиот службеник - беше Македонец. Му реков настрана тивко дека двајцата се луѓе на Организацијата и заминуваат во организациска работа. Службеникот ме разбра и им заповеда на стражарите да се повлечат. Ама инцидентот направи впечаток ...“

 
По враќањето Прудкин му порачал на пајтонџијата следната вечер да го земе од неговиот дом, бидејќи ќе патувал со "Аполо". Другиот ден пајтонџијата ги затекнал двајцата со Васил Стојанов како ги завршуваат подготовките на втората пеколна машина. Кога пристигнале на бродот, разбрале дека претходната ноќ "Вашкапу" експлодирал во близина на Бургас. Бидејќи секоја пеколна машина требало да има 50 килограми динамит, тој бил распределен во два куфера. На бродот требало динамитот да биде преместен во едниот куфер. Прудкин претпоставува дека експлозијата се случила поради небрежност при преместувањето на експлозивот. Иван и Стефан загинуваат, така да немало кој да раскаже што точно се случило.

Штом разбрале за експлозијата, Антон и Васил западнале во очај. Отпрвин Стојанов сакал да експлодира заедно со паробродот. Но Прудкин го разубедил, велејќи дека „и без тоа меѓу морнарите веќе се зборувало дека тоа е дело на македонските комити и ако продолжат тоа би значела потврда дека нападите се подготвувале на бугарска територија со што би ја изложиле земјата на меѓународни напади. Двајцата потоа го исфрлиле динамитот и се симнале во Бургас. Оттаму Стојанов успеал да се поврзе по телефон со софиските другари, кои им порачале да бегаат. Тие им соопштиле дека во потрагата по атентаторите се вклучила австро-унгарската амбасада во Софија и конзулатот во Варна. Бидејќи бил познат меѓу морнарите и жителите на Варна, најранлив бил Прудкин, па Васил му рекол да бега подалеку од Бугарија, зошто ако остане тука ќе биде убиен, за да се скрие тајната околу нападите.

Потоа двајцата се разделиле, а Прудкин со друг брод заминал во Варна. Отткако го скрил динамитот, заминал за Русе, а од таму нелегално го поминал Дунав и некое време се криел кај еден Македонец во Букурешт. Таму го нашла неговата жена и двајцата заминале за Швајцарија. Неколку месеци Прудкин живеел меѓу руските емигранти. Меѓутоа,  набрзо во Женева е била издадена наредба за негово апсење и тој талкал извесно време, додека неговите пријатели во Бугарија не "му ја средиле работата".

Бугарската влада имала голем интерес да ги отстрани сомневањата за учество на бугарски државјани во нападот, бидејќи се соочувале со големи надворешнополитички притисоци поради Илинденското востание. Така да по враќањето, за да се задоволи јавноста, Прудкин бил  уапсен, но негирал било каква вмешаност во атентатот. Тврдел дека двајцата млади кои ги испратил на "Вашкапу", биле бесарабски Бугари, а цилиндрите видени од пајтонџијата, не содржеле експлозив за Турција, туку илегална литература за Русија. Останал само незгодниот сведок – пајтонџијата. Меѓутоа, заплашен од двајца македонски комити, пајтонџијата на соочувањето на кој присуствувал австро-унгарскиот конзул во Варна. рекол дека бил поткупен од секретарот на конзулатот да сведочи против Прудкин. Така случајот бил прекинат.

Меѓутоа, драмата тука не завршила. По неколку месеци, Васил Стојанов по курир му испратил писмо на Прудкин во кое му кажува дека ќе добие преку банката 50 000 лева и штом ќе ги земе парите, да избега со семејство во Аргентина, бидејќи истрагата за "Вашкапу" се обновува. По неколку дена Стојанов пристигнал во Варна и му објаснил на Прудкин што се случувало.

Останата без пари по востанието, Организацијата се мобилизирала да обезбеди средства. На некои дејци им паднало на памет духовит план да ја натераат Австро-Унгарија да плати за заговорот против "Вашкапу". Тие и предлагаат на амбасадата во Софија да и ги посочат виновниците за атентатот за голема сума. Идејата била да им ја продадат преписката со Антон Прудкин, а од парите сакале да издвојат 50 000 лева, со кои Прудкин би избегал. На овој начин сакале да го спасат својот соучесник и во исто време да се докаже неговата вина. Планот сепак бил отфрлен од Борис Сарафов. Наместо, да бега, со високо посредување Антон Прудкин се вратил во парабродското друштво и работи како помошник-капетан на бродот „Бугарија“. За уништувањето на "Вашкапу" не е осуден никој. Сепак, иронијата да биде поголема подоцна Прудкин е осудуван за работи за кои тврди дека не ги извршил.

Експлозијата на бродот "Вашкапу", која се случува додека трае Илинденското востание, не ги постигнала посакувани полтички ефекти, како што не ги постигнале ни „Солунските атентати“, кои се случија пред востанието. Наместо тоа, според бугарските историчари овој атентат предизвикал големи дипломатски компликации за Бугарија.

Додека за „Солунските атентати“ постојат книги и филмови, атентатот извршен врз унгарскиот брод "Вашкапу" е непознат за македонската јавност, ниту пак историчарите говорат за него и импликациите врз македонската револуционерна борба. Непознато е дека други две пеколни машини не стигнале до адресата. Едната, испратена преку Србија, која требало да експлодира во Скопје, експлодирала на царината на српско-турската граница, а другата експлодира во домот на Герџиков во Пловдив.

Во Македонија, речиси ништо не се знае кој е Антон Прудкин!?

Антон Прудкин (16.I 1880 – 1 VIII 1942) е бугарски поморски капетан, анархист, револуционер, шпиун, пиблицист и сликар. Тој е роден во Русе, во семејство на украински војник од руската армија кој се оженил и останал во Бугарија по Руско-турската војна (1877 - 1880). Прудкин завршил поморско училиште во рускиот град Николаев. Во 1900 г. се вратил во Бугарија и до 1902 служел како помошник-капетан на бродот „Борис“. Истата година станал агент на руската политичка полиција „Охранка“ со псевдоним „Озеров“ и „Такварјан“. Во исто време станал симпатизер на македонското и ерменското ослободително движење. На крајот на 1902 година, за време на едно од неговите патувања во Цариград им помагал на извршителите на неуспешниот атентат врз султанот Абдул Хамид II.

Во почетокот на 1903 година Антон Прудкин заедно со групата анархисти од Македонската Револуционерна Организација (МРО), чиј главен организатор е Михаил Герџиков, учествува во организирањето на серија атентати насочени против Османската империја, со цел таа да биде дестабилизирана и да доведе до реформи во Македонија. Експлозивните направи тие требало да ги постават на унгарскиот брод „Вишкапу“, германскиот брод „Тенедос“, австрискиот брод „Аполо“ и францускиот брод  „Феликс Фресине“ (види погоре).

Во текот на 1906 година, Антон Прудкин и Наум Туфекчиев од Ресен организираат пренос на оружје од и за Русија. Истовремено Антон Прудкин вршел разузнавачка дејност меѓу комунистичко-анархистичката руска емиграција за руската тајна полиција, а предавал и важни податоци за состојбите во Македонската револуционерна организација. Учествувал во Балканските војни, а за време на Првата светска војна, по вклучувањето на Бугарија на страната на Централните сили бил уапсен под обвинување дека шпиунирал во корист на Русија. Покрај него биле уапсени Христо Сиљанов, Коста Списаревски, Александар Сахаров и Владимир Цветков. Постоело сомневање дека се подготвувал да ги потопи турските бродови „Гобен и „Бреслау“. Поради ваквите активности тој бил осуден на доживотен затвор, но по завршувањето на војната бил ослободен.

Во затворот се зближил со лидерот на БЗНС Александар Стамболиски, а по ослободувањето од затвор во 1918 година бил назначен за началник на полицијата и градоначалник на Софија. Со негова помош, Тодор Александров и Александар Протогеров, кои биле уапсени на 4 ноември 1919 година, успеале да избегаат од затворот. Прудкин поради тоа морал да ја напушти позицијата и потоа работи како делегат на владата во Парабродското друштво, шеф на Поморската полиција и бил во мисија во Советска Русија за склучување на трговски договор.

Поради сомневање за негова вмешаност во атентатот во театарот „Одеон“ во март 1920 година, во кој за малку ја избегнал смртта Иван Михајлов, Антон Прудкин бил уапсен веднаш по Деветојунскиот преврат во 1923 година. Тој признал учество во друг настан (кревање на надвозник кај Надеж), но го отфрлил обвинувањето дека учествувал во атентатот во театарот. За признатото дело бил осуден на доживотен затвор, а за театарот во 1925 година бил осуден на смрт.  Смртната казна не била исполнета и во 1930 година поради женидбата на бугарскиот цар, пресудата му била заменета со доживотен затвор. Во 1936 година бил помилуван. Додека бил во затвор тој ги пишува „Белешките на морнарот’ и „Кога одевме кон бесилката“  во кој ги изнесува погледите за атентатот во театарот „Одеон“ и ги окривува бугарските комунисти.

По ослободувањето живее во Варна и плови како капетан со бродот „Рудничар“. Во мај 1941 г. на двапати плови кон Палестина и пренел околу 1.200 Евреи. Тој повторно бил во служба на Советското разузнавање. Во 1942 година се подготвувал да ги крене во воздух резерварите со бензин во близина на Варна, но бил фатен. Осуден е на смрт и егзекутиран на 1 август 1942 година.  Со указ на Президиумот на Врховниот совет на СССР, на 8 август 1969 година Антон Прудкин посмртно е одликуван со орден „Татковинска војна“, втор степен, и е ставен во списокот на херојско загинатите советски разузнувачи за време на Втората светска војна.    

(извор: К. Благов, Експлозијата на бродот “Вашкапу”; В.Каширин, Опасни врски на капетан Прудкин: Легендарен бугарски морнар и руската тајна полиција)

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.