|
|
Независна Држава Македонија - Unabhängiges Mazedonien |
Независна Држава Македонија (Unabhängiges Mazedonien) е нереализиран политички проект на Германија, која во септември 1944 година се обиде да создаде сателитска држава на целиот простор на историска Македонија. Германскиот проект требало да го спроведе Ванчо Михајлов, но, тој се откажувал од реалзацијата, бидејќи не наишол на поддршка во земјата. Во 1934 година, по 19 – мајскиот преврат и забраната на ВМРО, лидерот на партијата Ванчо Михајлов од Бугарија се префрлил во Турција, а од таму заминал за Полска во 1938 година. Во 1940 година Михајлов се преселил во Будимпешта, а од мај 1941 година до кројот на Втората Светска Војна престојувал во Загреб, кај Анте Павелиќ и соработувал со германските воени служби. Со германските и италијанските претставници, во рамките на новата територијална поделба на Европа, тој ја разгледувал можноста за формирање на македонска држава. Меѓутоа, влијанието на Михајлов врз структурите на ВМРО во Бугарија било незначително, особено по повторната окупација на Вардарска Македонија од бугарските војски во април 1941 година. По воспоставувањето на бугарската воена и цивилна администрација, голем дел од неговите приврзаници ги прифаќаат понудените функции во окупираната Македонија, а всушност со тоа го одобруваат присоединувањето на земјата кон Бугарија. Ванчо Михајлов не се откажал од идејата за создавање на Независна Македонија. Одржувал тесни контакти со Рим и Берлин, а на почетокот на 1943 година се договорил со началниците на италијанската армија за формирање на одреди кои би им помогнале во окупираниот дел од Егејска Македонија. Михајлов договорил создавање на силна оружена групација на Македонците под името „Охрана“ која потоа ја вооружуваат италијанците. Тоа е поврзано со Пиндско – македонското кнежество, на чие чело во август 1943 година, со поддршка на влијателните пријатели од Италија и роднинските врски на Балканот, бил именуван унгарско-хрватскиот аристократ грофот Ѓула Чеснеки под името Јулиус I за Голем Војвода од Македонија и Регент на Принципатот од Пинд. Поставувањето на грофот Чеснеки за Војвода од Македонија во овој период не е ни малку случајно. На италијанскиот крал Емануел III и премиерот Пјетро Бадољо му е потребен човек на Балканот кој ќе помогне за извлекување на италијанските војски од Грција и човек кој би воспоставил контакт и услови за евентуална инвазија на Сојузниците на Балканот. Непосредно пред повлекување на Италијанците од Балканот, Ванчо Михајлов во преговорите со Хајнрих Химлер договорил оружените групации на „Охрана“ да бидат распоредени и во Егејскиот дел на Македонија, окупиран од Германците. Меѓутоа, бугарскиот цар Борис III и бугарските цивилни и воени власти гледале со вознемираност на активностите на Михајлов. Стравувавјќи дека плановите за создавање на Независна Македонија можат да успеат, Софија за да има контрола врз неговите активности му ја поништила смртната пресуда и му понудила на Михајлов да заземе раководно место во Вардарска Македонија. Оваа понуда Михајлов ја одбива, но затоа пак неговата реакција била поволна на понудата на германскиот министер за надворешни работи фон Рибентрп да биде претседател на една македонска независна држава. Во овој период и Германија размислува слично како и Италија и сака создавање на македонска независна држава под нејзино покровителство, која би го гарантирала непреченото извлекување на германските трупи од Грција. По разгорувањето на борбите во Македонија и одржувањето на АСНОМ на 2 август 1944 година, како и доближувањето на Црвената армија на романско-бугарската граница, алармот во Берлин бил вклучен. На 1 септември 1944 година Хитлер издал наредба за брзо формирање на таква држава. Германските власти го испратиле Ванчо Михајлов да прогласи создавање на Независна Држава Македонија. На 3 септември 1944 година, Михајлов патувал од Загреб за Софија, а веќе на 5 септември, дента кога СССР и објавува војна на Бугарија, тој доаѓа во Скопје. Наредниот ден, Михајлов имал повеќе средби со македонски дејци од десницата и левицата (македонски првенци, комунисти, претставници на граѓанското ослободително движење), при што увидел дека иако не згаснала идејата за формирање независна македонска држава, нема широка поддршка за создавање на квинслишка творба, во која според Александар Станишев требало да останат две бугарски дивизии, додека се организирала локалната војска. Затоа, уште вечерта тој се откажал од намерата и известувањето за својата одлука го испратил преку германскиот генерален конзулат во Скопје, до амбасадата во Софија. На 7 септември 1944 година, Ванчо Михајлов со помош на германските власти заминал од Скопје за Хрватска. Додека Хитлер се лутел поради откажувањето на Михајлов, според наредбата од 6 септември 1944 година, бугарските војски започнале со припремите за повлекување источно од Вардар, а на нивно место почнале да се распоредуваат германските воени единици. Сепак, Германците не се откажале од идејата. Врховниот командант на германската група армии “Е“ излегол со предлог за создавање на македонска влада, кој бил доставен до остарениот Христо Татарчев, како еден од основачите на македонското ослободително движење. Но, и овој обид останал безуспешен. Меѓутоа, иако бугарската армија се повлекува, старата администрација предводена од поранешни дејци на ВМРО, ММТРО, МАНАПО, Васил Хаџи Кимов, Стефан Јанакиев Стефанов, Спиро Китанчев, Димитар Ѓузелов, Димитар Чкатров со поддршка на Германците останала да функционира во градовите се` до влегувањето на македонската народноослободителна војска. Според некои извори, постојат индиции дека на 8 септмври 1944 година, по излегувањето на Бугарија од сојузот на силите на оската и преминувањето на страната на сојузниците, Германците и македонската десница го искористиле овој период за да прогласат независност на Македонија. По овој повод, бугарски поштенски марки биле препечатани како македонски на 8 септември 1944 година - денот на прогласувањето на новата држава. Во каталогот на поштенски марки на југословенските држави издаден во 1978 г. на 239 страница се наоѓаат марките кои се користени два месеца во ФНРЈ. Во текстот во кој се појаснува издавањето на марките стои: „При повлекувањето на бугарските окупаторски трупи, Македонија ја окупирале германски трупи и прогласиле независност. На 8 септември 1944 година е формирана влада која постоела се` до 13 ноември 1944 година, односно се` до повлекувањето на германските трупи од ова подрачје и до ослободувањето на Скопје. Во образложението стои и тоа дека биле препечатени 26.680 комплетни серии составени по девет марки со различни вредности, а левовите се претворени во стотинки“ - пишува Киро Кипровски во текстот „Македонија на поштенски марки и во 1944 година“ (Утрински весник, 05.09.2008). Пишувајќи за случајното откритие на С. Дуковски, тој ќе посочи и на можноста од постоење на препечатени бугарски пари со истиот датум, што би значело дека е направен обид за воспоставување на платежен систем. Со право тука е поставено прашањето: Дали 8 септември случајно е избран за ден кога граѓаните на Република Македонија во 1991 година по пат на референдум се изјаснија за суверена, самостојна и независна држава, или пак се базира на некој историски ден значаен за Македонија и Македонците?
|