|
|
Младотурската револуција ја спречила автономијата на Македонија |
Веста за англо-руската средба во Ревал и договорот за давање автономија на Македонија, крајно ги вознемирила Младотурците. Набрзо потоа, Нијази бег на 3 јуни 1908 година ја започнува Младотурската револуција со цел да се спречи осамостојувањето на Македонија. Доколку се спровел англо-рускиот договор и Македонија добиела автономија тоа би значело сосема поинаков тек на историјата на Балканот. Младотурското движење се појавува кон средината на 70 – тите години во XIX век. Револуционерните движења на поробените народи кон крајот на XIX и почетокот на XX век, ги раздвижуваат европски образованата интелигенција и младите турски офицери. Познати како Младотурци, тие ја поставуваат основата на „Отоманскиот комитет за обединување и напредок“ чија цел е враќање на уставноста и модернизација на земјата, односно спроведување на реформи и зачувување на целовитоста на турската држава. Особено по Илинденското востание во 1903 година, како и настаните по него, дошло до поголемо раздвижување на Младотурците. Тие воспоставиле контакти и соработка со претставници на револуционерните движења во империјата за формирање на заеднички фронт против апсолутистичкиот режим. За таа цел бил одржан Конгрес во Париз во 1907 година, каде во соработка со претставници на овие национални движења била изработена и конкретна програма за заедничко дејствување. На овој конгрес не присуствувале претставници на Македонското револуционерно движење, бидејќи Христо Матов како претставник на десницата ја одбил поканата. Но, тоа не значи и за македонската левица која ја прифатила соработката која подоцна била преточена со таканаречената Неврокопска спогодба. Специфичната меѓународна положба на Македонија по Илинденското востание го начнале сувернитетот на Отоманската империја. Поради тоа Младотурското движење било најсилно во Македонија, чиј главен град Солун од 1905 година станал негов политички центар. Во рацете на Младотурците била армијата, која по Ревалската средба во јуни 1908 година и најавите дека Македонија може да добие независност била употребена веднаш. На 3 јули 1908 година командантот на турскиот гарнизон во Ресен, Нијази бег, се одметнал со целата своја единица и набрзо потоа големи делови од западна Македонија (Преспанско, Охридско, Струшко и Дебарско), се нашле под негова власт. Неговиот пример го проследиле и други офицери, а обидот да се задуши востанието на младотурците пропаднал. Тоа се проширило, а востаниците на 22 јули ја зазеле Битола и ги пуштиле политичките затвореници. На 23 јули 1908 година избувнале масовни демонстрации во Солун под раководството на Младотурскиот комитет во Солун. И тука под паролата слобода, братство и единство Младотуците ги ослободиле политичките затвореници: Македонци, Албанци и др. Верувајќи во прокламираната парола, во општата веселба која следувала, настапило братимење меѓу до вчера крваво закараните народи. На 24 јули 1908 година, под притисок на масовното движење го обновил Уставот од 1876 година. Со тоа започнал периодот на владеење на Младотурците. На почетокот тие беа дочекани од народот со воодушевување и огромен ентузијазам. Меѓутоа, многу брзо се покажало дека новите власти немаат намера сериозно да се зафатат и да ги исполнат ветувањата за социјални и политички реформи. Младотурците ја зеле власта, но ги задржале сите институции, вклучувајќи го и самиот султан Абдул Хамид. Неизвршените реформи го стеснале просторот на политичко делување и широката поддршка кај народот. Ваквиот развој го користи реакцијата која ги мобилизирала своите сили. На 13 април 1909 година, таа извршила контраудар во Цариград, а Младотурците биле избркани од парламентот и владата. Така тие повторно морале да се борат за освојување на власта. Европскиот дел на Османската империја повторно се дигнал, а центар на контрареволуцијата бил Солун. Младотурците организираа поход кон Цариград, а за таа цел тие ја побарале поддршката на Македонците. Така кон нив се приклучува и одред од 1200 македонски револуционери, под команда на Јане Сандански, Тодор Паница и Христо Чернопеев. По тридневни борби, на 24 април 1909 година, Младотурците повторно ја презеле власта. Во совладувањето на контрареволуцијата македонскиот народ се истакнал со својата храброст и одиграл важна улога. Султанот Абдул Хамид бил сменет, а парламентарниот живот бил обновен. Но, победата на Младотурците не довела до демократизација на општеството и остварувањето на правата на македонскиот народ. Набргу паролата, слобода, братство и единство била заборавена. Со преземањето на власта, Младотурците повеле политика која ги штитела нивните интереси и доминацијата на турскиот народ. Со законите кои ги донеле тие го обновиле притисокот врз Македонците и другите поробени народи. Всушност, Младотурската револуција била испровоцирана за да го спречи спроведувањето на проектот за Македонија кој произлегол по англо-руската средба во Ревал во 1908 година, а кој фактички водел кон осамостојување на земјата. Договорот меѓу британскиот крал Едвард и рускиот цар Николај кој предвидувал автономија на Македонија ги предизвикал Младотурците кои единствено пред себе ги имале за цел личните интереси и да ја запазат целоста на Отоманската империја. Што се случило во Ревал, денешен Талин (главен град на Естонија) што ја предизвикало Младотурската револуција? Во јуни 1908 година, била одржана англо-руска средба на која двајцата монарси меѓу другото разговарале и за не спроведувањето на Мирцтегшките реформи воведени по Илинденското востание, како и за засилените аспирации на Грција и Бугарија кон Македонија. Бидејќи и двете држави на чело имале германски монарси, Едвард и Николај заклучиле дека е најдобро ако на Македонија ѝ се даде автономија во нејзините тогашни природни граници. Со тоа, британскиот и рускиот цар, сметале дека ќе може да се спречи австриското и германското продирање на Балканот и Солунското пристаниште. Односно, требало да се воспостави англо-руска контрола врз Македонија, што неминовно би довело до нејзино отцепување од Отоманската империја. Веста за англо-руската средба во Ревал и договорот за давање на автономија на Македонија, крајно ги вознемирила Младотурците. Набрзо потоа, Нијази бег на 3 јуни 1908 година ја започнува Младотурската револуција со цел да се спречи осамостојувањето на Македонија. Доколку се спровел англо-рускиот договор и Македонија добиела автономија тоа би значело сосема поинаков тек на историјата на Балканот: Турција би се повлекла од европскиот дел, Македонија би престанала да биде јаболко на раздорот на Балканот, немало да се случат Балканските војни, Македонија како англиско-руски протекторат би останала целовита и на страната на сојузниците за време на Првата светска војна, би стекнала независност веднаш по војната, а денес Грција нема да можела да ја уценува Европа и светот.
|