|
|
Политичка криза или потреба за преизградба на македонското општество |
Секое незадоволство, секоја побуна против нешто, дали тоа би било лично или пак незадоволство на некоја поголема група во суштина претставува пред се` една внатрешна криза, а потоа тоа внатрешното се префрла и на надворешноста односно од човек на човек, се оформува група со слично или исто незадоволство за подоцна тоа да резултира во една општествена незадоволност која бара некаква промена. Точното поставување на проблемот значи дека подоцна ќе најдеме соодветно решение на истиот додека пак погрешното поставување на проблемот секако ќе не` одведе до погрешно решение. Имено ние во Македонија се соочуваме со неколку клучни работи: - сериозната беспарица и нискиот стандард на живот - нискиот степен на образование и големиот број на нечесно стекнати дипломи - младинската неактивност и незаинтересираност за опшествените случувања - некомпатабилноста на образовниот систем и лошите образовни реформи. Најпрво проблемот со беспарицата, е резултат на напластување на многубројни лоши стопанствени реформи и нивно привидно функционирање, кај нас имаме потреба од свеж капитал, млад и образован кадар и пред се` постоењето на наши домашни претпријатија кои ќе произведуваат наши производи. Не се на одмет ни странските инвестиции но никако и во никој случај не смее да се дозволи земјата да стана еден вид на современа колонија на меѓународните корпорации во кои македонскиот народ ќе биде понижен, а од страна на беспарицата ќе биде приморан да работи за ниски плати, а тоа води само кон експлоатација на работникот. Од друга страна пак нискиот степен на образование и големиот број на нечесно стекнати дипломи ни дава само еден привиден број на високо квалификуван кадар кој од квалификации ја има дипломата закачена на ѕид. Младината пак како да се наоѓа во некоја закржлавена фаза од својот развој препуштена на информатичката технологија, меланхолијата, ниските задоволства и пред се` незаинтересираноста за надминување на таа состојба во своја полза. Лошите образовни реформи кои се прават се` со цел да ја подобрат состојбата со младината и образовниот систем напротив тие само ја влошуваат, децата се подложуваат врз разноразни тестови, екстерни и интерни проверки без да се води сметка за нивната педагошка оправданост и можноста од нивно исполнување и нивна вредност во однос на унапредувањето на образованието. Сите овие предходно наброени кочници на македонското општество колку и да изгледаат тешко решливи тие се сепак решливи и тука лежи потребата, есенцијата за преизградбрата на македонското општество во кое не постои дијалог помеѓу заинтересираните и воедно засегнати страни од проблмите. Кога би се иронизирало сето тоа би можело да се каже дека имаме многу генерали, а војници воопшто немаме и дека сме големи филозофи, а сепак слаби практичари. Секој проблем треба да се решаве преку искажување на ставовите на двете засегнати страни и без наметнување на мислења од едните на другите и обратно, бидејќи со тоа само се влошува целата ситуација. Потребно е конструктивизам, потребна е целоисходност на нашата работа и труд, потребна е солидарност и сплотеност на народот се` со цел исполнување на општите заеднички интереси. Јас со својот поглед, ти со своето размислување, оној со неговата остроумност, таа со нејзината трудољубивост треба да се спрегнеме братски во јаремот и да ја заораме братски првата бразда, почетокот на создавањето на новото опшество. Не е потребна нова политичка промена, не е потребна нова политичка ориентација, потребен е труд, заеднички труд на сите за целоисходноста на заедничките цели, потребно е да се надмине егоизмот и суетата за да се надмине цела оваа криза. Потребна е потполна нова свест кај луѓето со цел да се изгради едно здраво општество, бидејќи и да има нова политичка промена, нова политичка ориентација доколку не се искоренат фундаменталните проблеми – кочници тие проблеми и понатаму ќе се пренесуваат и ќе доживуваме безброј кризи од кои нема да произлезе ништо особено.
|