|
|
Балканските весници за Илинденското востание и македонското прашање |
Масовноста и ширината со која узбувна Илинденското востание во 1903 година преставувало вистинско изненадување за домашната и надворешната јавност. Добро информирана за дејноста и намерите на Внатрешната организација, турските власти сепак не очекувале дека востанието ќе добие такви димензии и дека македонскиот народ со таква решителност ќе го започнат востанието. Сериозно загрижена од ваквиот развој на востанието, особено по ослободувањето на Крушево, Невска и Клисура, како и со создавањето на слободни територии во разни делови на Македонија, турските власти извршија концентрација на огромна војска и со циркуларна нота ја известиле австриската и руската дипломатија за заострување на македонското прашање. Со оваа нота Турција ги известила големите сили дека очекува судбоносни настани на Балканот. Востанието во Македонија било непријатно изненадување не само за турската држава, туку и за многу други држави на Балканот и во Европа, кои сметале дека полагаат право на наследството од Османската империја. За да се запознаат директно со востанието на македонскиот народ и да го следат одблизу развојот на настаните пред и по Илинденското востание, многу американски и европски весници пратија свои дописници во Македонија. Во странскиот дневен и периодичен печат беа отворени специјални рубрики како: „Македонија“, „Македонското прашање“, „Востание во Македонија“, „Сеопшта револуција во Македонија“... Во Македонија, свои дописници имаат и српските, хрватските и словенечките весници. Еве што пишуваат дел од балканскиот печат за Илинденското востание и македонсккото прашање. На почетокот од востанието, поголем простор на своите страници одделил Загребскиот весник „Обзор“ („Obzor“). Во статија од 10 август 1903 година, во која се прави обид да се определи значењето на востанието и на македонското прашање во новонастанатата констелација, меѓудругото се вели: „Колку и да се настојува во бугарските и турските службени весници да се омаловажува востанието во Македонија дека во последно време воопшто го нема, тоа сепак избувна на површина, и дека денеска е поголемо одошто био порано, дека постепено се шири и во се поголеми и поголеми размери. Овој факт повеќе не се крие ни од Бугарија, ни од Турција. Што мисли за сето тоа турската влада најубаво ни докажува циркуларната нота која Турција и ја испрати на австриската и руската дипломатија. Во таа нота се истакнува дека македонското прашање особено е заострено и дека се очекуваат важни и судбоносни настани на Балканот. Турција смета за своја должност да им обрне внимание на големите сили за тие настани. Поубава илустрација за македонското прашање и не треба од оваа изложена од Турција. Востанието стана сеопшто. Организацијата е спроведена. Многу се настојуваше околу тоа да се дојде до слога сред востаниците. Се гледа дека овие преговори беа причина востанието правилно да се развива. Преговорите не останаа без успех. На востаниците им појде од рака да дојдат до полна спогодба. Помалите акутни прашања востаниците не ги расправаат. Тие се согласија само во едно, а тоа дека мора да ја ослободат Македонија и дека за нејзино ослободување од турско ропство ќе се борат дотогаш додека и еден живее. Познато е дека на востаниците им се придружија и следбениците на Цончев, кои досега мируваа. Востанието избувна во сите три вилаети: во Солунскиот, Битолскиот и Скопскиот. На многу места се дојде до жестоки судири помеѓу војската и востаниците. Борбата од страна на востаниците се води уште поживо и со се поголемо искуство одошто порано. Од сите вести можеме да разбереме дека центарот се наоѓа на Пелистерските планини. Пелистерските планини лежат на југозапад од Битола, и особено се погодни за операции на востаниците. Во тие планини се наоѓа востаничкиот Врховен штаб на чело со Борис Сарафов и Дамјан. Оттука се издаваат прогласи до народот во кои се повикува на решителна и животна борба против нивните тирани, ... се повикува преку сопствената крв да појде до целта, да ја ослободи Македонија од туѓинско ропство. Нивните прогласи имаат се поголем одглас, повеќе одошто порано. Илјадници луѓе се присоединуваат кон востаничките чети за да се борат на живот и смрт. Се што е кадарно да носи пушка бега во планините без страв да се бори против турската војска. Жените, децата и старците им помагаат на востаниците... Нивнита изјава се оствари, дека востанието ќе стане тогаш кога ќе се собере жетвата...“ Исто така и Црногорскиот весник „Глас на Црногорците“ објавил повеќе статии за Илинденското востание. Меѓу нив, на 16 август 1903 година, за „Новиот покрет во Македонија“ пишува: „Турската војска нема работа со одделни чети, кои не знаат една за друга и работат секоја за своја сметка, туку имаат работа со добро организирано народно востание, кое, има дури и своја централна – „Привремена востаничка влада“, на која секој мора да и се потчинува. Сите вилаети се разделени на востанички окрузи, а окрузите на реони. И окрузите и реоните имаат свои началници. Реонските началници добиваат наредби од окружниот началник, а овој од „Привремената востаничка влада“. Тоа е токму Внатрешната македонска организација, која порано водеше агресија мирно, а сега се реши на востание.“ Словенечкиот весник „Делавец – Рдечи Прапор“ на 21 август 1903 година ќе објави текст во кој се вели: „ ...Револуција во Македонија очигледно нараснува. Турција апсолутно не е во состојба да ја задуши. На втори овој месец востаниците прокламираа револуција и подвлекоа дека ќе го употребуваат во својата борба динамитот и дека ќе се држат до зборот. Во Европа очевидно се појавува прашање: дали ни е единствено средство за мирот во Македонија да се издвојува независност и слобода.. “ Меѓутоа големите сили немаат намера да се вмешаат во решавање на македонското прашање. Во неможност да ги реализираат своите аспирации, Илинденското востание за Австро - Унгарија и Русија преставувало тешко искушение, бидејќи го рушел постојаниот статус – кво на Балканот. Тие се залагале да се задржи ваквиот статус и со постепени подобрувања во Македонија, да се спречат секакви радикални решенија кои би ги попречиле нивните намери. За таа цел уште во февруари истата година тие успеале да издејствуваат реформи од Османската империја. Иако и другите големи сили биле заинтересирани за Македонија, сепак нивната дипломатија претежно се држела настрана, очекувајќи Австро-Унгарија и Русија да ја смират положбата во Македонија. Не помалку заинтересирани за одржување на статус- кво во Македонија биле и малите балкански држави, кои имале аспирации кон Македонија. За ова говори загребски „Обзор" во анализата на првичните резултати од Илинденското востание, кое го нарекува „Народно востание во Македонија" објавена на 27 август 1903 година. Во статијата ќе ги изложи не само првите оценки за востанието во Македонија (за воодушевеноста на македонскиот народ и доброволното пристапување во четите, како и за освојувањата, но и за губењето на Крушево), туку ќе го пренесе и мислењето на англискиот печат за што вели: „Сите весници го признаваат големиот замав на востанието. На исто мислење се како службените, така и неслужбените. Неодамна „Тајмс" излезе со статија во која се вели дека е инспирисана од владата. Во таа статија меѓу другото се вели: „Иако не изгледа дека општото востание ќе биде успешно. или дека ќе донесе ништо друго освен пролевање на крв; значајно е тоа дека тие немири се свртија во сеопшта револуција, што докажува дека австротурските реформи немаа успех. Ние Англичаните никогаш не се занесувавме со надежта дека таа пилула ќе ги излекува хроничните потреси на Балканскиот Полуостров. Ние се согласивме да им ги пуштиме слободни рацете на двете заинтересирани сили, коишто се фатија за работата, да му покажат на Султанот како треба незадоволното население да се смири. Успехот бара голем самопрегор од страна на Македонците, правилна оценка на положбата и полна некористољубивост од страна на силите." Илинденското востание ја разбранува Европа, но особено и италијанската јавност. Покрај зголемување на дејноста на комитетите „Pro Armenia e Macedonia“ по цела Италија, се активирало и гарибалдинското движење. Тие припремале одред доброволци за да им помогнат на македонските востаници. Во почетокот на август Гарибалдинците во Венеција одржале собир и донеле Резолуција која ја на 27 август 1903 година ја објавува љубљанскиот весник: „Словенец“ во која се вели: „ Восхитени од јунаштината на македонските браќа, кои силно се борат против тиранијата на една влада, која е негација на правдата и цивилизацијата, старите венецијански гарибалдинци им испраќаат свој братски поздрав на македонските борци изразувајќи желба – цивилизирана Европа да го отфрли егоизмот што ја срамоти, и да се замеша во неравната јуначка борба и да установи во Македонија влада што ќе даде гаранција за мир, правда и прогрес“. Ова е само мал дел од пишувањето на балканскиот печат. Но, иако Илинденското востание остави тешки последици зад себе во Македонија, овие написи како и написите на печатот во САД и Европа, овозможија вистината за македонскиот народ, за неговата борба, за неговите стремежи да го пробијат патот во светот. Меѓудругото, Илинденското востание остави зад себе трајни идеали и револуционерни традиции кои навлегоа длабоко во свеста на македонскиот народ за неговата натамошна борба за слобода и независност на неговата земја. (извори: Историја на македонскиот народ, Скопје, 1988, стр. 170 - 179; Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том први, Скопје 1981, стр 429 - 435)
|