|
|
Од Манифестот на Првото заседание на АСНОМ |
Манифестот е посебено свечено обраќање на врховната власт кон населението по повод важни политички настани, свечени датуми итн. Во историјата на македонскиот народ познати се повеќе манифести меѓу кои најзначајни се: Манифестот на привремената влада на Македонија од 1881 година, Крушевски манифест од 1903 година, Мајски манифест од 1924 година и Манифест на Првото заседание на АСНОМ. Сите овие манифести имаа една заедничка црта, ги истакнуваат идеалите на нашите претци, за единство и обединување на сите сили до конечно ослободување на Македонија, како и аманет за зачувување на нашите корени. Искрата која го фрли Манифестот во далечната 1881 година, која не` потсети на далечните корени, на Аристотел, Александар, се претвори во пламен на Илинден 1903 година. Илинденци го истакнаа идеалот на Републиката, прва на Балканот. Идеал за слобода, еднаквост, за братство. Тоа што го сонуваа Делчев, Карев, Гули, Сандански, сонот на секој Македонец, го продолжија Ченто, Брашнаров, Шатев и др., кои во 1944 година ги поставија темелите на македонската државност. Илинденскиот оган запален во 1903 година, гореше во секоја следна генерација Македонци. Секоја од нив, врз илинденските идеали, даде свој допринос во изградбата на денешната македонска држава. На Вториот Илинден - 2 август 1944 година, во манасторот Св. Прохор Пчински, каде беа поставени темелите на македонската држава, меѓу другото бил објавен Манифест на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ. Народното Собрание со Манифестот го повикува македонскиот народ и народностите на општа мобилизација до конечна победа - истерување на окупаторите. Во извадоците од овој Манифест може да се види континуитет на идеалите на Илинденското востание, континуитетот на вековната македонската борба за создавање на самостојна и национална држава на македонскиот народ, за која илијадници македонски синови и ќерки ги положиле своите животи и предупредување до секој кој ќе му застане на патот до полна национална слобода. Од Манифестот на Првото заседание на АСНОМ (извадок)
Во деновите на најголемите световни стресенија, во времето на најкрвавата борба на македонскиот народ, твоето прво народно Собрание израснато од крвта и од животите на најарните свои синови, во твое име излегува пред лицето на цел свет да каже на пријатели и душмани, на сојузници и окупатори, на блиски и далечни, оти македонскиот народ е решен да заживее слободен живот и оти никаква сила на светот не може да му застане на неговиот пат кон полна национална слобода...
Овие исторически печалби кои ти ги оповестува твоето прво Народно Собрание не се ни случајни ни аризани. Тие се плод од реки пролеана крв и од купишта коски посеjани од едниот до другиот крај на Македонија. Во петвековното ропство разни поробувачи е грабеа твојата земја и го поробуваа твојот народ. Единото средство које не можеше да ти биде ограбено, беше борбата. Таја остана најсилното оражие во твоите раце и ти помогна да не бидеш збрисан како народ. Во следните денови на Илиндeнското востание и Крушевската Република, ти разбра колкава е силината на това оражие. Илинденското востание откри пред цел свет колку е тврда твојата решеност да не бидеш роб на никого, ами да живееш како слободен народ. Илинденската епопеја ти покажа и тебе колку е силна твојата тупаница кога се подига за извојување на слободата. И токму таква сила ги заплаши твојте скриени и отворени душмани... од комшиските балкански држави. Уплашени од таја борбена сплотеност тие се обидоа за својата отровна пропаганда да те разединат за полесно да те поробат. И, благодарение на предатели и измамници во твоите редови, ти ја дочека, решителната 1912 година разединен, закрвавен, неорганизиран и твојата земја бидува разделена меѓу империјалистичките грабители. Во 1919 година се повторува срамната делба на Македонија, и ти не куртули од јаремот на ропството...
Со подлиот напад на геманско-фашистичките империјалисти во 1941 година Југославија бидува прегазена, а Македонија за четврти пат во 30 години, поделена меѓу фашистичките јатаци на Хитлера... Настанаја најтешките години на македонскиот народ. Грабежот зема невидени дотогај размери... Целото македонско стопанство беше подложиво на најбесрамен грабеж... Македонија беше стопански изцрпена. Македонскиот народ потона во дотогај невидена беда...
През долгите години на ропство, тешката стварност те научи оти ти против поробувачи имаш само едно сигурно оружие: борбата. И ти машки го стегна това оружие... Револуционерната традиција на Илинден пак оживеа. Настануваат најславните години во твојата историја, настанува епопеја на светата народна ослободителна борба, во која ти се препороди како народ и се осети ослободен да си ја земиш судбата во сопствените раце. Во неравната борба, во која ти влезе смело, израсна од малите партизански одреди - првата во твојата историја Народно-ослободителната војска, која го прослави македонското име по цел свет и стана страх и трепет за фашистичкиот окупатор. Сјајните победи при Кичево, Дебар, Тушин, Ристовац, Злетово, Кратово и Струмица се славна историја на твојата војска. Ослободувањето на Македонија е нејзиниот свештен завет. Надахната со љубовта за својот народ, запоена со духот на Делчев, твојата војска ќе го исполни тој свештен завет и нема да го испушти оражието од рацете дури последниот окупаторски војник не биде избркан од нашата татковина, и дури слободата не биде исцело извојувана и осигурена.
Изненаден од твојата сплотеност, исплашен од смелите удари на твојата војска, поганиот фашистички окупатор разбра оти сам нема да може да се додржи во Македонија. По стариот обичај на сите поробувачи, тој побара и најде гнасни изроди, готови за фрлената коска да го продадат сопствениот народ... Од шпионско служение на фашистичкиот окупатор, овие одвратни јуди стигнаја до организиране на банди, составени од најкриминални албански и домашни елементи, за борба против нашата Народно-ослободителна војска, за крволочно избиване на мирното македонско население и за палење на македонските села...
Од тешките борби и пролеаната крв на најдобрите македонски синови излегува денес првото Народно Собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел свет полната национална слобода на македонскиот народ во ПРВАТА СЛОБОДНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА. Вековниот идеал на македонскиот народ се постигнува. За прв пат после Самоила македонскиот народ створи своја сопствена држава; за прв пат македонскиот народ ќе се осети во Македонија како во своја куќа; за прв пат тој стана дребна пара во сметките на грабежливите сили, ами слободен народ во слободна држава. Това е најголемата придобивка во историјата на нашиот народ, спечалена во гигантскиот антифашистички фронт со крвта на најдобрите синови на Македонија... ...Тргвајќи од вековните идеали на македонскиот народ, првото македонско Народно Собрание го прокламира пред цел свет своето праведно и неостапно сакање за обединение на целиот македонски народ на принципите на правото за самоопределување. Со това ќе се тури крај на робството на македонскиот народ во сите негови делови и ќе се создадат условија за искрена солидарност и мир между балканските народи... Борејќи се за слободата на македонскиот народ, првото македонско Народно Собрание ги прокламира правата на полна слобода и рамноправност на сите народности во Македонија.
Првото македонско Народно Собрание ги прокламира овија свети принципи во момент кога братската победоносна Црвена армија стапува на германска земја и неиздрживо оди кон Берлин, кога нашите англо-американски сојузници на запад го пробија атланскиот ѕид на Хитлеровата европејска зандана, кога сојузничките армии од југ настапуваа кон Алпите... Првото македонско Народно Собрание ги прокламира овие големи принципи во согласие со основните решенија на Московската и Техеранската конференција, кои ги гарантираа правата на слободен живот на секој народ, ангажиран во борбата против фашискиот окупатор. Во овија дни се решава судбата на нашиот народ за векови. Историјата ве поставила пред судбоносна проба. Од вас зависи дали Македонија ќе биде зандана за робови или слободна татковина на слободни луѓе. Жртвите на вашите браќа и првоборци ве викат на последен јуриш. Иднината ваша е иднина на нашата земја и таа не вика на последен, одлучен бој. Наредете се сите во народно-ослободителниот фронт и докажете оти сте достојни и докажете оти сте способни да си ја спечалите слободата и изградите сами сетнина.
Обединението на целиот македонски народ зависи од вашето учестие во гигантскиот антифашистички фронт. Само со борба против подлиот фашиски окупатор ќе го спечалите правото на самоопределување и обидение на целиот македонски народ... Нека патот на овој дел на Македонија стане и ваш пат, оти само тој води кон слободата и обединението на целиот македонски народ! Нека вашето учестие во свеопштата антифашиска борба им даде живот на принципите прокламирани на првото македонско Народно Собрание и нека ги збрише искуствените граници који разделија брат од брат, Македонец од Македонец.
Поробувачите на Македонија од везден сакале да не разделат и скарат за полесно да ја владат нашата татковина и да ги грабат нашите народи. Тешкото минато ни покажа оти интересите на нашите народи са исти, а нивната судба заедничка. Во овие решителни моменти сите ние изградуваме слободна Македонија. Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме. Вашите синови учествуваат во македонската војска и земат веќе командни места. Вашите првоборци учествуваат како пратеници - народни претставители во Народното Собрание. Првото македонско Народно Собрание е прокламира слободата и равноправноста на сите народности во Македонија. Мобилизирајте ги сите народности поскоро да ги оствариме неговите свети принципи. Учествувајте равноправно во изградувањето на слободна Македонија - слободна татковина на сите народности.
...Се исполнуваат целите за кои вие сте се бориле. Македонија врви кон својата слобода, кон непостигнатиот идеал за кој хилјадници ваши другари ги дадоа својте животи во Илинденската епопеја. Вашиот првоборец и другар Димитар Влахов е еден од нашите водачи. Вашето место е покрај вашите синови и внуци. Напред во борбата за идеалите за кои вашата генерација се бореше, а нашата ги исполнува! Напред стари и млади за изградување на слободна Македонија.
Ропството на нашата македонска родина ве оддели од вашите куќи, од вашите блиски, од вашите села и градови. Тешката судба на вашата поробена татковина ве фрли во шапите на подлиот кобурговски диктатор... Ние синовите на боречка Македонија везден сме правеле разлика между убијците и чесната македонска емиграција. Ние од везден сме знаеле оти во вашите гради никога не престанало да биде едно чесно срце на нашата обшта родина, оти нашите идеали са и ваши идеали, и оти во вас никога не угаснало желанието да се најдете пак во вашата слободна и незастранена македонска татковина. Првото македонско Народно Собрание ви испраќа пламени братски поздрави и ве кани во дружна борба за ослободување на Македонија и изградување на слободна Македонска држава. ...Земете учестие во ослободувањето на обштата македонска татковина! Дајте го својот дел во нејзиното изградување! Нека нашата сплотеност стане остар одговор на сите поробувачки планови! Нека нашето единство стане страх и трепет за враговите на Македонија! Нека нашиот боречки патриотизам стане гаранција за подобра иднина на нашата татковина!
Зората на слободата изгрева! Од крвавата слобода израсна веќе слободна Македонската држава... Но борбата уште не е завршена. Прегнете ги сите сили да се истргне слободата што поскоро, да се зачуваат печалбите на сегашната борба, мобилизирајте ги сите снаги за изградувањето на нашата држава и направете од неа сретна татковина на среќен народ. Да живее првата Македонска Држава“!
Манифестот на Првото заседание на АСНОМ, не е само свечено обраќање до македонскиот народ, туку аманет да се продолжи да се работи до целосно исполнување на светите илинденски иадеали. На вториот Илинден, со Првото заседание на АСНОМ се обележува почетокот на постоењето на македонската држава, која влезе во федерација со другите југословенске народи, како држава со ограничен суверенитет. На третот Илинден, 8 септемнври 1991 година, Македонија се осамостои и од држава со ограничен суверенитет, стана држава со целосен суверените. Следејќи ги светите традициите на Илинденци, нашата генерација е должна не само да ги чува спомените на нив и нивните достигнувања, туку треба да работи на надоградување на државата и да ја направи среќна татковина на среќен народ. Сепак, не смее никогаш да го заборави и аманетот од Манифестот на Привремената влада на Македонија од 1881 година во која се вели: Македонци, запомнете го вашето потекло (име), и не одрекувајте се од него!
|