Среда, 19 Август 2015   
Битката за Невеска

kleopatra-33
Клеопатра

Во текот на Илинденското востание 1903 година, до масовно дигање на народот дошло и во другите реони на Битолскиот револуционерен округ. Во Костурскиот револуционерен реон востаничките акции особено биле интензивни во Пополе, Корешта и Клисурско. Во овој дел од Македонија на 4 август востаниците го зазеле гратчето Клисура и го држеле во свои раце се` до 27 август. На 12 август еден востанички одред од 700 души го освоил и градчето Невеска.

Костурчани кои најмногу го посакувале востанието, најдоцна ја добија пораката од Главниот штаб. Прогласот од 26 јули со кој за ден на востанието бил определен 2 август, на празникот Илинден, тие го добиле на ден Илинден над село Дреновени. Веста за почетокот на востанието било поздравено со громогласно ура на востаниците, кое, по краткиот говор на Чакаларов, се слеало со ехото на соседните планини и ги затреперило срцата на жителите на Горно и Долно Дреновени. Половина час подоцна брзи курири го разнеле по селата повикот од Горското началство, составен набрзина од Лазар Поп Трајков, а препишан во стотина примероци:

„Востанието е објавено денес. Македонија е во отворена борба со тиранинот. Отаде Вич борбата е започната од денес наутро. Ги повикуваме сите способни да носат оружје, по утврдениот редослед, да влезат во редовите на борците! Да живее борбата за слободна Автономна Македонија! Да живеат борците!  

Првиот ден поминал во мобилизација на вооружените сили. Во текот на ноќта одделни одделенија ги прекинале телефонско – телеграфските линии и го изолирале градот Костур. Вториот ден биле преземени безуспешните напори за да се започне поход на градот Костур, иако уште првиот ден биле испратени востаниците преоблечени во селска облека за да предизвикаат пожари, кои требало да бидат сигнал за напад на вооружените сили на соседните села Апоскеп, Жупаништа и Тихолишта. Раздвижувањето на аскерот го натерало раководството на востаниците да се откажат од планот за напад на Костур.

Сепак, набрзо потоа, востаниците ќе ги извојуваат своите први победи и ќе ги ослободат градовите Клисура и Невеска. Заземањето на овие два града претставувало крупна победа на востанието во Костурско.

Добро обучените востаници во Костурскиот востанички реон покажале на почетокот на востанието висок степен на борбена ефикасност и со минимални загуби постигнале големи воени победи. Ова е особено важно ако се знае дека тие се случуваат откако по првичната збунетост, турската војска необично брзо се консолидира и концентрирала големи сили во текот на август, по што петнаесетилјаден турски аскер презел контраофанзива.

Од војнички аспект, особено ослободувањето на Невеска, кое броело околу 6.000 жители, било едно од поголемите воени победи во текот на востанието. Градчето било нахиски центар на југозападниот дел на Леринската околија и во него бил сместен турскиот мудур. Местото имало телефонско-телграфска станица и гарнизон со околу 70 војници. По започнувањето на востанието, протераните турски војници од околните села се прибирале во Невеска, така да бројот на војниците во градчето се зголемил на околу 250. Поголем дел од турските војници кои не можеле да се сместат во касарната, биле сместени во шатори, надвор од градот.  

Ослободувањето на Невеска, како и ослободувањето на Клисура, било дело на здружените востанички чети од Костурскиот и Леринскиот востанички реон. Врз основа на разработениот план кај селото Псодери, операцијата за ослободување на Невеска била изведена под команда на искусниот војвода Васил Чакаларов, а во содејство со војводите Лазар Поп Трајков, Иван Попов, Никола Андреев, Никола Мокренски (Алај - бег) и др. Во нападот учествувале околу 700 востаници кои од четири страни настапувале кон градот. Додека војводата Чакаларов ги следел и раководел со дејствијата од соседната височинка од каде имал преглед и услови да интервенира доколку акцијата биде загрозена од турскиот аскер, првата група востаници настапувала од север од страната на село Бел Камен, втората од исток и југоисток од страната на селото Зеленич, трета од запад од страна на село Елово и четвртата од југоисток од страна на селото Прекопана. Концентрацијата на силите траеле во текот на денот и ноќта, а четата на Иван Попов успеала незабележано да се доближи на само 600 метра од шаторите на аскерот.

Нападот го започнал со силен оган во три часот наутро леринскиот одред кој напаѓал од северната страна на Невеска. Четирите одделенија на војводата Иван Попов, со прецизна стрелба оневозможиле турските војници да дојдат до оружјето, а други три се доближиле до војниците. Забележувајќи дека од спротивната страна нема стрелба, турските војници избегале во панично бегство во правец на Зеленич, оставајќи го оружјето и опремата. Веднаш потоа војводата Попов, од северната, а Андреев од јужната страна влегле во градот.

По влегувањето во градот востаниците наишле на отпор од турските војници во касарната. Но, откако увиделе дека долго време нема да издржат, турските војнци избегале. Востаниците во касарната заплениле 37 модерни пушки маузер, 6.000 куршуми, воена опрема, шинели и друго, по што ја запалиле.

Иако мудирот навреме избегал, последниот објект кој бил освоен во Невеска бил мудирлукот. Во борбите за овој објект биле убиени тројца, а заробени седумина заптии, меѓу кои и баш-чаушот Сулејман. Со оваа акција борбата за Невеска била завршена, а на мудирската кула било истакнато востаничкото знаме.  

По завршувањето на борбите, во текот на вечерните часови, костурските востаници се повлекле од градот, додека леринските, предводени од Ѓорѓи Поп Христов, останале уште два дена, со цел да помогнат за воспоставување на Привремена управа во градот.   

На 27 август 1903 година, турската војска која броела околу 15 илјади луѓе, во две колони се упатила кон Невеска. Главната колона, со сила од 10 илјади војници, настапувала со забрзан марш од правецот на Клисура и селото Загоричани, а другата колона која броела околу 5 илјади војници настапувала од правецот на Лерин и селото Бел Камен.   

Согледувајќи ја новонастанатата ситуација, во согласност со стратегијата за водење на вооружената борба и за да се избегнат непотребните жртви, востаниците решиле без борба да се повлечат од Невеска. И покрај брзата интервенција на османлиската војска, извлекувањето на востаниците било успешно спроведено со што бил избегнат судирот со турскиот аскер. Главнината на востаниците се повлекла на југ, кон Емборската Планина во Кајларско, а помалиот дел од силите се упатил кон Корештата, во Костурско.

Со цел да се избегне судирот со големите турски единици, повлекувањето се одвивало со забрзан марш. Востаниците успеале да ги избегнат судирите, иако турската војска ги имала запоседнато сите позначајни врвови и планински преслапи, па дури за да се стесни просторот за маневар и засолнување на востаничките сили таа спровела систематско сечење и палење на шумите. Но, ни тие мерки не ги дале очекуваните резултати. Главнината на востаниците, без поголеми загуби, се извлекла од обрачот.

Блескавите војнички победи за жал не биле крунисани со поголеми политички ефекти. И овде, како и во Крушево со Крушевската Република, забележително е формирањето на револуционерна власт во ослободените краишта, особено во Клисура и Невеска, што претставува уште еден придонес во остварувањето на државотворните стремежи на македонскиот народ.

(извор: В. Стојчев, „Широк одзив“, Одбрана бр.93, 2004, стр.37 - 39 )

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.