|
|
Договорна држава |
Иако по природата на нештата, а според желбите на граѓаните, ние треба да говориме и се бориме за демократска држава, во суштина се соочуваме со врамена или рамковна, вазалска или договорна, нешто помалку (или пак повеќе?) од протекторат. Капацитетите се пресликуваат во резултатите а тие велат: чаре дае компромис да се изнајде без потпис и печат на едикојси од надвор. Кавги до бол и бес и инает до вреќа сол сѐ и само да не се излезе попаметен иако, нели, според народната попаметниот попушта. Токму со силата на инаетот а со слабоста на разумот, сакале или не но полека но сигурно со посредство (диктат) на т.н. меѓународна заедница место одговорна (о)стануваме договорна држава. Искрен да бидам мнението ми е дека за ваквата состојба причини има колку ти душа сака но во оваа пригода би сакал да укажам и се осврнам на една, според мене најбитна. Имено, не е ова топла вода или наука туку фактите се неумоливи и непобитни а тие велат вака: во самостојна и плурална Македонија власт беа и „орото“ го водеа двете најголеми партии, од лево СДСМ а од десно ВМРО-ДПМНЕ. Да де, придружувани од разно-разни сателити но, фигуративно кажано, тие колеа тие бесеа. Се друго беа пердуви и декор или и помалку од тоа. Е сега, една вистина и загатка сепак поминува скоро незапазено или на неа не е доволно време посветено а носи тектонски последици по државта, нејзиното секојдневно битисување, развој но и голиот опстанок што е најстрашно. Конкретно, кога е ВМРО на власт а СДСМ во опозиција неминовна дешавка е криза. Помала или поголема, политичка или воена... арно ама државата такаречи се гуши и диши на шкрги. За ваквите последици има две можни причини: или ВМРО е неспособна или СДСМ претерува (кожа не ја држи во опозиција). Прво, ако ВМРО е неспособна да владее, што не е неможно, тогаш не е можно и народот редум да греши девет пати. Тоа никако! Ти него, мнозинството де, можеш да го прелажеш еднаш, двапати и еве, прекусила трипати. Арно ама деветпати со ред да добиваш избори или треба да си Никола Груевски или да откарши имаш редум родени лузери. Да ги бараш да ги нема, компујтер да ги пиши некој ќе погреши! Сакал-нејќел човек ќе се запраша: добога, каква е оваа ситуација? Губитници во серија и пак место програма и проекти се фрлаат и надеваат на тајни уцени и нелегални и селективни снимки. Или пак протестираат, маршираат, блокираат... се перчат по пресови, кумуваат, мудруваат... надвор кукаат, плукаат, кодошат... арно ама никако да застанат и во огледало да се погледнат. И, внимавајте, оти тука лежи одговорот на прашањето над сите прашања (и од погоре): како немири и на година-две избори само и угу кога е ВМРО позиција а СДСМ опозиција? Така, со продуцирање проблеми а сетне канење арбитри и... доаѓаме до договорната држава! Охридската, таа од Пржино или оваа (со) „специјалнава“, сеедно. Формулата е таа: изгуби на избори и почни со дворски игри, интриги и заврзлами за на крајот тоа што се губи зад параванот да се бара на зелена маса. Меѓународно замешателство! Подобро (поними) отколку ништо, оти не беше партија родена за да владеат тие пусти вмровци. Тоа, владеењето де, им припаѓа по генетика, од (пра)дедовци преку татковци до (пра)внуци. Династија на другарски начин а со мангупски зачин. Или тие или никој, макар и со бојкоти и уцени, дури и парцијално... министерче-две, по некој заменик... толку-толку... оти, нели, тие се државотворци. Безними потоп. Соними (к)рај. Стечаи и технолошки сурии, пирамиди ко печурки, од секое семејство вработени, автопат преку Бабуна, пруга до Бугарија... права рајска градина. Најнакрај збор-два и за направијата на деценијата: специјален обвинител. Намерно не спомнувам име, тоа не ме засега туку институцијата. Ќе вроди ли плодови овој тазе проект/експеримент (и предлог?) на меѓународната и ќе биде ли иљач за хроничната болест на опозицијата? Се молам да е така но им се крстам на умот. Кој? Заев и Шеќеринска бараат истрага? Мх, да – за криминал, корупција, злоупотреба и, што е најмизерно, се надеваат на таа карта да го придобијат електоратот и од „Илинденска“ клучот. Ништо посебно не би коментирал само една наменска би цитирал: кој е улав нека верува! Прво и основно, од каде гаранција дека снимките ќе бидат неселектирани и сите предадени (кој знае колку се штом се нелегални) и второ, што е најиронично, ако некаде има чист криминал тоа е 200.000 пати кажано и видено - кај батето на Вицто и заменичката со глава боли киријата. И сега они нашле да паламудат, кудат и за проневери судат. Очај, сламка или изгубен компас и ориентација на пална боранија опозиција ќе пресуди времето – непогрешливиот судија. П.С. За нас, така испаѓа, не мора скарај па владеј - ние и онака сами си се караме!
|