|
|
Расправа за славјанското потекло на Јустинијан (1) |
Иван Томко Мрнавич (Шибеник, 1579 - 1637) бил католички бискуп и автор на дела со историска тематика. Тој потекнува од босанско благородничко семејство, син на офицер во турска служба. Рано заминал во Рим, каде што бил школуван од Језуитите. Со својата интелигенција го привлекува вниманието на високото свештенство, меѓу кои и на кардиналот Францис Барберини. Во 1614 година бил повикан во Рим да прави преводи од српско-хрватски јазик. Мрнавич верува дека Илирите биле Славјани. Во тој контекст за Јустинијан и Скендербег тврди дека се Славјани. Едно од најпознатите дела му е „Животот на Јустинијан“, за кое современите историчари тврдат дека е фалсификат. Основата за вакво тврдење ја поставува Џејмс Брус (1838 - 1922), британски академик, правник, историчар и либерален политичар. Меѓутоа, бугаринот Георги Сотиров кој во времето на социјализмот емигрирал во Канада, во својата книга „Убиството на Јустинијановиот идентитет“, успешно го брани хрватскиот бискуп Иван Т. Марнавиќ (1580 - 1637) кој е нападнат од Брус и потоа од други историчари за резимето на житието за Управда / Јустинијан, напишано од неговиот учител отец Богомил. Поаѓајќи од првичните извори Сотиров не само што успева да го ослободи Марнавиќ, туку и да посочи на значителни грешки, како фактолошки, така и методолошки во вледеачката историографија. Во својата студија Сотиров меѓудругото пишува: „Во октомврискиот број на "English Historical Review" од 1887 за година излегува една статија од Џејмс Брус, насловена "Житието на Јустинијан од Теофил" (Life of Justinian by Theophilus). Од нејзиното објавување изминаа повеќе децении, но овој напис не изгубил ништо од Негирањето на присуството на славјаните во овој период му дава тон на целата статија. Брус се обидува да докаже дека сека славјанското потекло на Јустинијан е измислица. Тој не се двоуми да посочи дека Теофил, по славјански Богомил, кој најверојатно го напишал житието на Јустинијан, бил мечтател и нечесен историчар. Брајс посочува за Теофил дека „не се знае ништо, освен едно кратко повикување од несомнено образован автор кој го цитираат и кого сите подоцнежни историчари, се чини, го следеле како доволен гарант за кредибилитетот и вредноста на овој Теофил". "Образованиот автор", како што појаснува Брус, е Николас Алеман (Nicholas Alemanni), скриптор на ватиканската библиотека. Но, иако образован, Алеман наводно бил заведен од Иван Томко Марнавич, кој подоцна станал епископ во Босна. Написот на Брус во која наводно е објаснето како Алеман бил заведен, успева да ја импресионира научната јавност. Во периодичното списание "Византиски временик" од 1894 година, познатиот руски историчар Александар А. Василев објавува дека загатката со славјанското потекло на Јустинијан најпосле е објаснета. Василев пишува, повикувајќи се на откритијата на Брус дека изворот поради кој многу научници оформиле мислење "не е ништо повеќе од фикција од почетокот на XVII век" . Истиот заклучок, речиси збор по збор, наоѓаме и потпишан од Ив. Гревс во т. 81 од рускиот "Энциклопедический Словарь" во изданието од пред 1914-та. За да не остане подолу, Карл Крумбахер го заменува зборот "измислица" со зборот "фалсификување". Во својот зборник, насловен "Geschichte der Byzantinischen Literatur" (1897) тој го нарекува славјанското потекло на Јустинијан eine im slavophilen Sinne unternommene Falschung (т.1, стр. 237). Најпосле Чарлс Дил во воведот на својот масивен труд "Justinien et la civilisation byzantine" (1901) пишува дека житието на Јустинијан е само еден зборник од славјански легенди, но без историска вредност. Тоа се крајните расудување, на кои никој не се осмели да се спротивстави и да ги стави аргументите на Брус под лупа.“ Во спротивставувањето на тезите кои ги постави Џејмс Брус и откривањето на вистината за потекло на Јустинијан, Сотиров тргнува од откривањето на житијата на Јустинијан (Justiniani Vita) за кои ќе го забележи следното: „Настанот што поттикнува Џејмс Брус да ја напише својата статија, е едно откритие што тој го прави во 1883, додека бил во посета на Рим. Во замокот Барберино тој наоѓа латински манускрипт, кој се состои од околу 775 зборови, насловен "Justiniani Vita", напишан на хартија и чуван заедно со други ракописи во мала кутија со димензии 27х20 см. Кон житието биле приложени и дополнителни белешки со истиот ракопис од околу 450 зборови. Брус го препишал целиот текст и го објавил како дел од својата статија... Во тоа житие наоѓаме единственото достапно, опис на раниот живот на Јустинијан, една приказна која е појасна и убедлива од сето познато досега. Житието започнува со информирање на читателот дека пред него е резиме на латински, составено врз основа на подетална биографија напишана со илирски букви на илирски јазик, која се чува во манастирската библиотека (Basilian Monastery) на планината Атос. Знаеме дека под "илирски" авторот имал предвид буквите од кирилицата, а под "илирски јазик" мисли на славјански јазик. Понатаму дознаваме дека исцрпниот славјански оригинал ги опфаќа првите 30 години од Јустиниановото владеење и дека е напишана од Богомил - учител на Јустинијан во младешките години. Името Богомил е објаснето во житието - на латински значи Deo carus (грчки Theophilus). Некогаш овој Богомил бил назначен за епископ на Сердика и станал познат на Римјаните и Грците под името Домнио (Domnio). Според манускриптата, родено име на Јустинијан е Управда. Роден е во Призрен, Македонија. Татко му, кој прикажува своето потекло од родот на Константин Велики, се викал Исток. Името на неговата мајка е наведено како Бигленица, а на латински како Albula. Таа била сестра на царот Јустин, кој го привлекол младиот Јустинијан кон царски трон. Таткото на Јустинијан имал сестра на име Лада, која се омажила за Селимир, славјански принц. Таа и Селимир имале неколку синови, од кои едниот се викал Речирад. Овој Речирад станал сојузник на Бугарите што не им се допаднало на Јустин и Јустинијан. Меѓу другите детали, споменати во ракописот од Барберино, се издвојува следново: а) Уште пред да наполни 20 години Јустинијан го убива при дуел братучедод Речирад, но бива повреден и е испратен во Константинопол за лекување. б) Подоцна Јустинијан бил испратен од чичко му Јустин како заложник на кралот Теодорик во Италија. в) Кога Јустинијан станува император, тој изградил во чест на својот учител Богомил една црква во Сердика, која ја нарекува "Света Софија". г) Богомил, нарекуван уште Теофил, нарекуван уште Домнио, бил погребан во оваа црква. д) Човекот кој напишал овој латински манускрипт заснован на славјанскиот првичен извор, се вика Иван Томко Марнавич (латински Marnavitius). Се тврди дека Алеман бил поттикнат да верува во славјанското потекло на Јустинијан, која самиот Брус не ја споделува. Тој смета дека Vita Justiniani не заслужува никаква доверба. Не е лесна задача да се категоризираат причините за овој скептицизам.“ Сотиров во продолжението на својата расправа за тезите на Брус пишува: „...За да може читателот да стекне претстава, во следните пет параграфи ќе понудиме неколку извадоци од статијата, концизна верзија на откритијата на Брус и некои наши забелешки. Потоа ќе обрнеме внимание на фундаменталните изјави на Брус и ќе ја провериме нивната валидност како од општо прифатените гледна точка, така и во светлината на новите податоци. Според Брус, босанскиот епископ бил "автор на родословија фантазерски или измамнички склоности, кој е толку невешт за историјата и етнологија, па тврди за Готите - Визиготите во Шпанија, а исто така и за Остроготите - дека зборувале на јазик како на српските Славјани ". Само во оваа реченица имаме двојно обвинување. Прво ни се вели дека Марнавич пишува лаги - каков е авторот на родословија со измамнички склоности, ако не лажго? Второ, ни вели дека Марнавич греши како го поистоветува српскиот јазик со оној на Визиготите. Целосно е убеден дека Марнавич е лажго, и тоа неук. Брус се труди да одлучи колку може да му се верува на тврдењето на Марнавич во врска со оригиналното житие. "Премногу е веројатно", пишува Брус ", и во склад со она, што го знам за други литературни фалсификати, Марнавич едноставно сам да го напишал овој славјански оригинал во манастирот на планината Атос, за да си обезбеди веројатен историски извор за своите легендарни бајки". Малку понатаму, тој додава: "Но од самиот му текст ми се чини дека работите се малку различни и го поддржуваат мислењето дека Марнавич верувал во постоењето на некаков оригинал кој тој го користел (како извор), но сепак премногу слободно." Брус прави сериозна попуст: не гледа мотив од страна на Марнавич да фалсификува житието за профит или од друга причина. Од друга страна пак, како покажува следниов цитат, тој мисли дека Марнавич можеби го составил житието за забава: "Можно е, се разбира, иако малку веројатно дека Марнавич едноставно составил теорија, каде обединил во една целина неколку сведоштва од различни извори, кои ги препознал како еден оригинал и го лоцира на планината Атос." И така, од нас се бара да поверуваме дека Марнавич бил лажлив писател без мотиви, кој тврди дека ја видел славјанската биографија на Јустинијан, кој всушност не постои. Тој ни вели дека Марнавич греши кога прифаќа за точно дека Готите (Визиготите) во Шпанија зборувале славјански дијалект дека славјанското население постоело уште во петтиот век од нашата ера во Тракија и Македонија, дека овие Славјани имале своја писменост. Со зборовите на Брус тоа звучи вака: "Во времето на наводниот Богомил ... одреден број Славјани веќе може да се населени ... на територијата на империјата, во северна Македонија и Тракија. Тие секако биле во состојба на голема примитивност, а јазикот не им бил сведен до писмена форма и векови подоцна. Големата миграција, која ги славенизирале земјите на исток од Јадранот, е во првата половина на седми век; нема никакви докази за славјански преселби во Призрен или Охрид или Ускиуб (Скопје) толку рано, како кон крајот на петтиот век." За да нè убеди уште повеќе, Брус потоа објаснува дека оригиналната биографија на Јустинијан не може да е напишана во времето на наводниот Богомил, бидејќи се тврдело дека е напишана со славјански букви, а тие биле измислени барем три века по времето на Јустинијан. Исто така не било можно современик на Јустинијан да го користи славјанскиот јазик за литературни цели: "Ако некогаш имало житија на Јустинијан, напишано во негово време од свештеник, тоа би требало да е било дела на грчки или латински, а славјанската книга која претендира да го содржи (житието), може да е само превод од еден од овие класични јазици, направен многу подоцна." Велејќи ги овие работи и слично, Брус пристапува кон сумирање на она што тој го смета за свои откритија, имено: 1) Ракописот од Барберино е житието што Алеман го припишува на "Теофил, учител на Јустинијан" и што подоцнежните автори се цитирани од него; 2) Ракописот од Барберино очигледно е извадок од оригиналот. 3) Ракописот од Барберино е напишан од Марнавич; 4) Постоењето на оригиналот на планината Атос не може да се потврди. 5) Нема ништо што покажува дека некогаш живеел учител на Јустинијан или епископ на Сердика, кој се викал Богомил или Теофил. Идентификувањето на таква личност со историскиот Домнио е своеволно и без основа. Уште помалку имаме причина да се претпостави дека ова дело е напишано на планината Атос, како и дека авторот е современик на Јустинијан; 6) Ако претпоставиме дека има оригинал на Vita Justiniani на Атон, тоа не може да е напишано порано од четиринаесетиот век; 7) Легендите во житието може и да се постари, но колку постари, не може да се каже; 8) Ниту едно од тврдењата во ракописот не може да се потврди од вистински авторитет за историски факт. Дури претпоставките засновани долго време врз верувањето во цитатите на Алеман дека вистинското име на Јустинијан е Управда и дека е од славјански род, сега треба да се смета за неосновани. Постои веројатност неговите роднини да се Тракијци, а не Славјани.“ Сотиров во продолжение на својата расправа вели: „Читателот ќе забележи дека во последната реченица Брус зборува за "веројатноста" дека јустиниавото семејство се Тракијци, а не Славјани. Така Брус навестува дека Тракијците не се Славјани, без да кажува на своите читатели каква разлика гледа меѓу двете. Неговата фразеологија е намерно умерена. Тој ја допушта можноста, иако мала, Јустинијан да е од славјанско потекло, бидејќи зборува за веројатности. За него нема значење дека насекаде претходно изјавува дека "нема никакви основи да се прифатат тврдењата за славјанското потекло на Јустинијан". Тој не мисли дека таму каде што "нема никакви основи", не може да станува збор за "веројатноста". Но Брус прави нешто грдо од тоа да си противречи. Како професор по граѓанско право, тој знаел дека човекот без национален идентитет не е никаква личност. И тој го убива јустиниановиот идентитет, кога нястојува дека императорот може да бил некој Тракиец, надевајќи се дека многумина не знаат што значи тоа и дека никој нема да се осмели да праша. Нашето истражување ќе е насочено кон токму тоа дело. Во меѓувреме, внимателен читател кој вникнал во осумте "откритија", не може а да не забележи колку упорно Џејмс Брус се обидува да побегне од последователните аргументи само со внимателна селекција на зборовите. Разгледана одблизу, секоја од горенаведените точки се испоставува како бесмислена или ирелевантна. 1) Житието може навистина да е единствениот преживеан документ во врска со оваа тема. Прашањето не е дали е единствено или има други како него. Прашањето е дали е веродостојна; 2) и 3) Дека житието е скратена верзија на детален првичен извор, не е откритие на Брус, откако самиот Марнавич вели дека тој и никој друг го напишал резимето; 4) Нема потреба "да се потврди" што и да било за постоењето на првообразот на Vita Justiniani на планината Атос. Имаме јасното уверување на Марнавич дека славјанското житие постоело. Единственото прашање е дали Марнавич ја кажал вистината; 5) Истото важи и за постоењето на Теофил (Богомил). Марнавич го идентификува тој човек со Домнио кој е историска личност. Повторно, прашањето е дали можеме или не можеме да се довериме на оваа идентификација; 6) Авторското житие, ако воопшто постоело, според Брус не можело да е постаро од четиринаесетиот век. Брус не нуди никакви докази во поддршка на своите зборови.7) Легендите во житието може и да се постари, вели Брус, но колку постари, не е можно да се каже. Марнавич не прави упати кон легенди, а цитира факти, кои ги поткрепува со детали за датуми и конкретни места. Скептицизмот на Брус за автентичноста на житието е главната причина да се зборува за легенди. 8) Овој потстав го преставува целокупниот начин на размислување на Брус. Тој сака од нас да прифатиме за "вистински авторитети" во областа на историјата само авторитетите кои добиле неговото лично одобрување. Исто така Брус сака да објавиме за неосновани цитатите на Алеман од житието, и покрај фактот дека Алеман го познавал лично Марнавич и бил во подобра позиција да ја процени неговата веродостојност отколку што можел тоа да го стори Брус 250 години подоцна, како и можноста Алеман да имал на располагање други податоци кои го потврдуваат житието. И конечно, откритието на Брус дека Јустинијан е од тракиско потекло не е откритие воопшто, а во неколку наврати посведочам факт. Со тоа сепак сосема не заврши дискусијата, таа допрва почнува.“ – пишува Сотиров: (продолжува)
|