|
|
Треба да се спречи поткопувањето на темелите на македонската држава |
Следејќи го делувањето на раководството на СДСМ од осамостојувањето до денес се стекнува впечаток дека оваа партија работи против интересите на македонскиот народ и македонската држава. Само да се потсетиме дека на самиот почеток од осамостојувањето на Македонија тогашната СКМ – ПДП (денешната СДСМ) условуваше дека нема да гласа за Декларацијата за сувереност на Македонија, најважниот документ пред прогласување на независност, доколку ВМРО ДПМНЕ не го прифати Киро Глигоров за претседател на Македонија! Декларацијата за сувереност на Македонија беше двапати одбивана од социјалдемократите пред да се случи политички компромис и истата да биде едногласно прифатена на 25 јануари 1991 година, а на 27 јануари Глигоров беше избран за претседателот. Истите тие, кои тогаш отворено беа против сувереноста на Македонија, денес со своето однесување повторно работаат заедно со надворешен фактор на рушење на суверенитетот на земјата. Според договорот од Пржино без пардон се крши Уставот и Законите на земјата со што суверенитетот е доведен во прашање. СДСМ сега директно се насочува против македонската дијаспора која има огромен придонес за осамостојувањето на земјата и е еден од виталните столбови на македонскиот суверенитет. Со остранување на правото на дијаспората да гласа, социјалдемократите и албанскиот политички фактор, ќе го исполнат договорот на своите налогодавачи. Тие ќе го скршат последниот отпор на македонскиот народ и ќе вметнат такви дефектни решенија, како што беа Рамковниот договор и територијалната поделба, што ќе доведат до федерализација и поделба на земјата. Односно решенија со кои Македонија во иднина може да исчезне од географската карта. Неодамнешната изјава на сдсмовската перјаница Љубомир Фрчковски дека треба да имаме Албанец за премиер, преставува врв на лицемерието на СДСМ и говори до каде одат челниците на опозицијата заради личните интереси и во одработувањето на странските агенди. Речиси 25 години, СДСМ континуирано работи против интересите на македонскиот народ и држава и никогаш не застанал во нивна одбрана. Политичката активност на СДСМ во последните години која доведе до политичка криза во Македонија и која резултира со договорот од Пржино, ќе ги наведе меѓудругото четирите најголеми партии повторно во присуство на странци да преговараат за правото на глас на македонските граѓани надвор од Републиката и бројот на пратеници во Собранието. Гласањето на дијаспората до последен момент остана најспорно прашање пред работната група. Нелегитимниот и недемократски процес, длабоко ќе ја загрижат македонската дијаспора, која историски гледано, има значаен придонес за меѓународниот углед и економскиот развој на државата. Оттука, Македонците од дијаспората со право реагираат, укажувајќи дека секое игнорирање и занемарување на интересите на македонската дијаспора не е во интерес на македонската држава, туку дека се работи за теснопартиски интереси. Истовремено тие посочуваат дека таквите лидери немаат политичка иднина. Според Обединетата македонска дијаспора, Македонија без Македонците од дијаспората нема да има темелен просперитет. Во тој контекст таа ги повика партиите и пратениците во Собранието да не биде занемарен и игнориран гласот на дијаспората, а за таа цел да го разгледаат искуството на Холандија и Естонија. Како што велат „најавите за укинување на гласот на граѓаните кој живеат надвор од Републиката не се државнички интерес и одразува политичка незрелост“. Но, да беа лидерите на СДСМ зрели и озбилни политичари, немаше ни да дојде до ова што денес се случува, ниту пак да размислува за суспендирање на гласот на дијаспората, само заради тоа што таа традиционално гласа за ВМРО ДПМНЕ. Иако СДСМ јавно и дава поддршка за дијаспората да гласа, јасно е дека опозицијата со поддршка на албанскиот блок, сака по секоја цена да се суспендира дијаспората. Меѓутоа ниту македонскиот народ во земјата, ниту македонската дијаспора која испраќа огромни средства во татковината не го заслужува ова. Голема неправда би била направена ако им се одземе правото на гласање на македонската дијаспора и ако се дозволи на опозицијата заради лични теснопартиски и надворешни интереси да го наруши суверенитетот и да ги поткопа темелите на македонската државност. Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ треба да направат се за да се спречи ова лудило, оваа политичка агенда на опозицијата предводена од СДСМ и насочена против македонскиот народ и држава.
|