|
|
Партизација на младината |
Сведоци сме на бурни промени кои што се случуваат во нашето општество, позитивни или негативни тоа сепак зависи пред се од личната перспектива на случајниот односно намерниот набљудувач. Интересен е фактот што денес македонската младина е разединета, разбиена во секоја смисла поради силната партизација на општеството. За прв пат можеби младите кои секогаш имале спротивно и покреативно, пoслободоумо решение од решенијата за возрасните сега станаа слепи следбеници на леви или десни политичари. Некои во старт ќе ме побијат, но треба и да се погледне пошироката рамка односно слика на целата ситуација. Овие од лево усрдно се борат против овие од десно, во таа борба нити левата ниту десната младина не добива ништо попозитивно од тоа што предходно го имала. Иритира фактот што движењата на младите, размислите на младите некако се присоединија со политичките ставови на борците за превласт без разлика на тоа дали ставовите на младината се совпаѓаат со политичките ставови или пак се работи за обединување против заеднички непријател иако младите имаа сосема поинакви барања од оние на броците за превласт. Партизацијата на младината доведе до уште една екстрема, доведе до непочитување на ученик со ученик, на врсник со врсник и се поради тоа што едниот мисли вака а другио мисли онака. Место да ја градиме идеологијата на XXI век која пропагира мир, согласност, конзензус место конфликт ние го разгоревме конфликтот. Се конформиравме или уште би можело да се рече се претопивме во струите на политиката, станавме само жолти и сини, лавови и ружи иако тоа на прв поглед не се гледа. Колку и да се негира овој факт сепак тој е присутен, присутен е и повеќе од што се мисли, во последниве неколку години е евидентен фактот на зголемување на младинската, ученичката активност во политичките партии. Далеку и одамна изминато е време кога младите се грижеа за училиштето, дружењето, читаа литература и ги негуваа своите таленти и афинитети. Сега сите некако станавме политичари, општествено свесни а колку тоа нашите години или образование ни го дозволуваат е дискутабилно прашање. Со новите закони за задолжително образование се изгуби квалитетот на образованието а се доби во квантитет. Во никој случај не сум противник на идејата образование за сите но сметам дека тоа не треба да биде императив поради кој и кадарен и некадарен седнува во ученичките клупи. За изградбата на добри и квалитетни работници, и интелектуалци од секој тип пред се треба да имаме талентирани ученици кои ќе бидат способни да се носат со предизвиците на иднината а вклучително со тоа и на предизвиците на работата. Нагласувам дека сите треба да се образуваат но секој според своите можности и природни афинитети а според тоа кој каква партиска припадност има или пак каков углед има неговата фамилија, бидејќи градењето на такви кадри не продуцира квалитет ниту пак ќе доведе до подобро општество што е крајна цел на образованието. Департизација на училиштата,факултетите, и претпријатијата, да основаме односи во општеството според модел на толеранција не на модел на конфликт и судир. Од внатрешните судири кои се далеку пострашни од надворешените секогаш најмногу страда државата и одвнатре се разрушува. Доколку сакаме квалитетна иднина департизацијата на општеството и повторното враќање на моралните вредности и принципи кај народот мора да биде императив.
|