|
|
Европа доби уверување дека Македонците повеќе претпоставуваат смрт отколку ропство |
Македонската револуционерна организација по Илинденското востание се нашла во крајно тешка положба. Дошло до распаѓање на бројните градски и селски организации и прекини на врските во револуционерната мрежа. Всушност, врските меѓу Окружните комитети и ЦК биле практично прекинати. Настапил период на пасивизација на организацијата и губење на верата кај населението. Првите процени за пропаднатото востание и воопшто со иднината на револуционерното движење, Внатрешна македонска организација ги прави кон крајот на 1903 и почетокот на 1904 година во Софија, каде што биле собрани најголем дел од раководните кадри. Исправени пред големи и многубројни проблеми, меѓу кои и присуството на странската вооружена пропаганда во Македонија, во дискусиите дошле до израз две главни струи во револуционерното движење: козервативната (десницата) предводена од задграничните преставници и прогресивната (левицата) предводена од Серскиот револуционерен округ. Додека левицата категорично била против задржувањето на стариот ред на организационата структура и барала негово децентрализирање, козервативците предводени од Матов и Татарчев биле за запазување на старите организациони форми на движењето и без оглед на последиците се изјасниле да продолжат со востанички акции во пролетта 1904 година. Освен што биле водени разговори за иднината на Организацијата надвор од земја и во Македонија беа преземени одредени мерки за санирање на состојбата по востанието. Се презедоа иницијативи да се воспостват контакти со Србија, која евентуално би овозможила прием и помош за револуционерното движење, а на внатрешен план биле преземени мерки за брзо заздравување на Организацијата. Уште во октомври 1903 година се одржале разговори меѓу Револуционерната организација и преставниците на српската пропаганда, но овие средби не довеле до резултати. Соседните земји, меѓу кои и Србија, чии вооружени пропаганди веќе работеле на теренот, внимателно ги следат случувањата во Македонската револуционерна организација. Белградска „Политика“ на 2 фебруари 1904 година проследува две информации од Софија и Солун кои потврдуваат дека Организацијата се подготвува за пролетно востание. Во првата информација од Софија, која ја проследува белградскиот весник, се вели: „Пред три дена лидерите на Внатрешната македонска организација имаа конференција на која се донесени важни заклучоци. Во добро известените кругови се тврди, наиме, дека решиле да ја причекаат работата на цивилниte агeнти и жандармеријата, но да не ги прекинуваат своите подготовки за наводното кревање на востание на пролет...“ Во втората информација која доаѓа од Солун, белградскиот весник бележи дека: „Турската полиција открила голема количина на прокламација на Внатрешната македонска организација со која народот се повикува на востание. Револуција, се вели во прокламацијата, ќе пламне со удвоена жестокост. Европа веќе доби уверување дека Македонците претпоставуваат повеќе смрт отколку ропство и дека нема да мируваат се дотогаш додека не бидат слободни. Две сили, Русија и Австро-Унгарија и притекнаа на помош на Турција со реформната акција, но таа ќе наседне бидејќи неа ја диктираа нивното взаемно ривалство. Останатите сили сигурно нема да ги остават Македонците и понатаму да ја поднесуваат оваа огромна беда. Ваквите прокламации се најдени во сите делови на Македонија и таа се шири со голема брзина и покрај целата ревност на турските власти.“ Овие информации укажуваат дека Организацијата не верува многу на Мирцштешки реформи. Врз основа на овие реформи било предвидени при главниот инспектор Хилми Паша да се постават двајца цивилни агенти, еден од Русија и еден од Австроунгарија, надлежни за примена на реформите во македонските вилаети од страна на турската администрација. Покрај нив, за реорганизација на турската жандармерија во Македонија, се именува еден странски генерал, под чија команда се аташираат определен број на европски офицери. Турските власти долго време ги саботираат овие реформи, а бидејќи тие не ја решавале суштината на македонското прашање и не ги задоволувала потребите на македонското население, тие биле осудени од Внатрешната организација. Од друга страна, спроведувањето на овие реформи биле закана и за интересите на соседните земји, па ја засилуваат вооружената пропаганда. По неуспешните преговори со српската пропаганда, нов момент за Внатрешната македонска револуционерна организација по Илинденското востание била борбата со српската и грчката вооружена пропаганда. И двете земји ползувајќи се со примерот на бугарската врховистичка акција сакаат со помош на оружјето да ја постигнат она што не успеале да го направат со помош на црквата и училиштето. Почнувајќи од 1904 година, Србија и Грција ја засилуваат својата вооружена пропаганда. Оттука, додека од далечниот Исток доаѓаат бројни вести за Руско-јапонската војна, на 3 март 1904 година белградска „Политика“ ќе објави текст под наслов „Грците се раздвижуваат“ во кој за почетоците на грчката вооружена пропаганда пишува: „Од Атина ни доаѓаат две информации, кои укажуваат дека на почетокот на пролетта оваа година и Грците почнаа нешто да се припремаат. Веројатно не се работи дека тие размислуваат на некоја посериозна акција, туку сакаат да се јават дека се живи и дека мора да се рачуна на нив доколку дојде до решавање на македонското прашање. Првата информација е дека грчката војска, според соопштението на полуофицијалниот лист „Хестија“, оваа година во Тесалија ќе одржи големи маневри под команда на престолоналедникот и кнезовите Никола и Андрија. Ако се земе во предвид дека Грција стои лошо со финансиите, тогаш зачудува фактот што таа баш оваа година се фрла на луксуз да одржи големи маневри во Тесалија, каде грчката војска со брзината со која бегала пред турската војска го надминала брзоногиот Ахил. Но бидејќи ни непосредните соседи на Грција по се изгледа нема многу да ја вртат главата на ова играње на војниците „потомци“ на маратионските јунаци, нема ниту ние, ниту Европа, многу да се грижиме. Втората информација заслужува многу повеќе внимание. Заслугите кои минатата година ги собраа македонските бугарски комитети со својата акција, не им дава на Грците мирно да спијат, па и тие решиле по примерот на софискиот комитет да формираат свој „Македонски-антибугарски комитет“. Цел им е да, повторно по софискиот модел, формираат „внатрешна организација“ на македонските Грци, која би ја помагале сите Грци. Овој Комитет веќе ги изработил правила, според кои сите членови се делат на војници и граѓани. Војничките членови се оние кои ќе се обврзат дека ќе влезат со оружје во рака во комитските чети. Тие мора да бидат вешти со оружјето, да се издржливи на долги маршеви и мора да се обврзат дека ќе се потчинува на најстрога дисциплина. Цивилните членови на комитетот плаќаат на општествената каса најмалку една драхма (динар) месечно. Управата на војните членови ќе биде некаде во Македонија, а седиштето на граѓанската управа и касата ќе биде во Атина. Грчкото население во Македонија ќе биде поделено во 20 окрузи или аделфати (братства). Комитетот веќе растурил по Грција и Македонија прокламации, повикувајќи ги елинските (грчки) патриоти да се запишуваат во комити, но колку што досега е познато одѕивот досега е многу слаб. Особено слабо се јавуваат војничките членови. Во прокламацијата се вели дека грчкиот елемент се брани од „злосторничките чети“ и дека света должност е да се убие секој „непријател на грчката света ствар“. Значи грчките комитетлии сакаат да убиваат по Македонија исто така како што заслепените Бугараши досега работеа. Прокламацијата носи потпис „Алман“, а се смета дека тоа е псевдоним на генералот Јаникостас. Грчката влада се прави невешта према ова здружение и доколку не го помага, сигурно нема да го попречува. Не е ова прв обид на грчките патриоти да го разбудат и воодушеват својот народ. Но бидејќи ваквите обиди до денес никогаш не успеале, така ќе биде и со оваа и нема да му помогне сјајното име на генералот Јаникостас – Алман. Грците имаа по-приоритетни работи, кои се помалку опасни, а носат заработувачка. Тие тргуваат по цел свет, а во Македонија вршат шпиунирање за Турците и тоа за добри пари. Својата кожа тие не ја носат на пазар.“ Инаку, појавата на грчките андарти во Македонија датира од пред востанието, но не со ист интензитет како по него. Грчката вооружена акција добива на масовност откако била богато финансирана од државниот буџет, а најголем дел од грчките четници биле регрутирани на Крит. Грчките вооружени чети настапувале во јужните делови на Македонија со особена жестина. Тие се обидувале со сите сили да го скршат отпорот на македонскиот народ, но и покрај сите прогроми, палења на цели села и слично, никогаш не успеале.
|