|
|
Маричката битка пресудна за навлегување на османлиите на Балканот |
Маричката битка во 1371 година е еден од најсудбоносните настани не само за Македонија туку и целиот Балкан. Македонската војска предводена од кралот Волкашин и деспотот Углеша беа целосно разбиени од Туците во битката кај Черномен. По оваа битка не постоеше веќе воена сила на Балканот која можеше да го спречи продорот на Турците. По смртта на цар Душан (1355), како резултат на феудалниот сепаратизам и незадоволството на македонското население, до крајот на 1365 година, на територијата на Македонија беа формирани две моќни феудални држави, раководени од браќата Јован Углеша и Волкашин. Углеша (1365–1371) создал независна држава на територијата јужно од седиштето во Сер, стекнувајќи деспотска титула. Волкашин (1365–1371) пак воспоставил кралство со седиште во Прилеп. Во рамките на Волкашиновото Кралство, кое опфаќало поширока македонска територија, вклучувајќи ги градовите Битола, Преспа, Скопје и Охрид. Волкашин востановува и кралска династија, прогласувајќи го својот син Марко за совладетел во 1370 г. Тој се потпрел на Охридската архиепископија, лишувајќи го пеќскиот патријарх од јурисдикцијата врз Скопската и Призренската митрополија, а деспотот Јован Углеша, пак, го отстранил српскиот митрополит Сава од Серската митрополија и на негово место го поставил приврзаникот за црковно помирување со Константинопол, Теодосиј, кој бил по потекло од Македонија. Браќата Волкашин и Углеша потпирајќи се на црквата подигаат цркви и манастири. Здружените војски на Волкашин и Углеша успешно излегувале на крај и со офанзивните планови на српскиот цар Урош V, но, воениот капацитет на двете држави не бил доволен за посериозно спротивставување на Османлиите, кои го започнале својот пробив на Балканот. Така по освојувањето на Галиполе во 1354 година Османлиите започнуваат да ги напаѓаат териториите на деспотот Углеша и ги загрозуваат териториите на Византија и Бугарија. Браќата Волкашин и Углеша Мрњавчеви воено им се спротивставуваат, подготвуваат војска од 20.000 луѓе и ја ограбуваат и ја опожаруваат Тракија и потоа се враќаат. Османлиите кои го следат нивното движење од планините, со 3.000 војска ја напаѓаат заднината на непријателската војска. Во раните часови на 26 септември кај тракиската крепост Черномен, изненадени од Османлиите, Мрњавчевци претрпуваат пораз. И двајцата браќа загинуваат со голем дел од војската. Оние што не загинале во битката, биле фатени и одведени во ропство. Ова е само една од верзиите за пресудната битка на реката Марица, по која Отоманското освојување на Балканот се изразува со последователно подчинување на остатоците од Византинската империја и другите христијански феудални држави. Причина за тоа е политичката реалност во Централна Европа која се карактеризи со раскарани феудалци и голем раскол меѓу христијанските држави, како што се конфликтот меѓу Светата Римска империја и Унгарското кралство. Неефикасноста на католичката црква, ги остава народите на Балканот сами да се справуваат со турската коњаница. По Маричката битка, во втората половина на XIV век османлиската експанзија го достигнува својот врв на Балканскиот Полуостров. Инаку, според турски извори во Маричката битка учествувале “неверници“ од Босна, Унгарија и Влашка. Според Стојан Новаковиќ, браќата биле поддржани само од Дејановиќи и војводата Богдан, додека пак грчкиот писател од XV век Лаоник Халкокондил ги спомнува само Углеша и Волкашин. Според овие извори може да се заклучи дека војската била собрана во делот од Шар Планина, како и сите јужни делови околу реките Вардар и Струма, заедно со краевите во Егејскиот дел на Македонија, меѓу Драма и Воден. Различните извори говорат за различни бројки на војските кои се судриле кај Черномен. Според нив, македонската војска броела од 20.000 до 70.000, додека пак османлиите биле од 3.000 до 11.000 војници. Сепак мора да се напомене дека доколку на страната на македонската војска учествувале сили од претходно наведените држави тие биле многу мали така да тогашните историски извори, освен турските, ги сметале за занемарливи за да се спомнат. Всушност, за да му дадат значение и да ја увеличат својата победа, турските извори го зголемуваат бројот на неверниците и го земјите кои учествуваат во походот против нив, а го намалуваат бројот на турската војска која ја водел румелијски беглер-бег Лала-Шахин. Во Маричката битка загинале браќата Волкашин и Углеша. Околностите под кои загинале предводниците на македонската војска не се познати и нивната смрт станала легенда. Според Мавро Орбини, Углеша се удавил во обид да ја премине реката, а Волкашон бил задавен додека пиел вода од неговиот војсководец Никола Хрсојевиќ. Неговите посмртни остатоци подоцна биле пренесени во манастирот Св. Димитар кај Сушица. Синот на Валкашин, Крале Марко го наследил татко му на престолот на македонската држава, но сега како вазал на Турците. Оставени сами, населението на Македонија не можело да се справи со растечкиот наплив на Османлиите кои набргу потоа ќе го освојат Балканот и ќе и се заканат на Европа. Шест и пол века македонската држава повторно се сочува со еден нов тип на инвазија. Сега имаме бегалска и мигранстка криза која е безбедносна закана И овој пат Македонија се справува сама и покрај декларативната помош од Европа. Историското искуство не учи дека треба да се обединиме за да можеме сите заедно да одговориме на овој историски предизвик.
|