|
|
На ред е меѓународната заедница да и помогне на Македонија |
По неодамнешните терористички напади во Франција, Данска, Нигерија, Турција и Мали, како и уривањето на рускиот авион над Синај, Стејт департментот ги предупреди граѓаните на САД за можноста од зајакнати терористички напади насекаде во светот. Според нив, терористичките групации Исламска држава, Боко харам, Ал Каеда и други планираат терористички напади во различни региони и затоа им препорачуваат на своите граѓани крајна внимателност при секое патување во странство. Ваквото предупредување кое ќе биде во сила до 24 фебруари, значи дека светот ќе ги помине престојните празници под зголемена тензија. Се ближат Новогодишните и Божичните празници кога градовите треба да се исполнети со разнобојни светла и украси, кога народот купува. Доаѓа време кога заради празниците се патува во познатите излетнички места или во посета на своите најблиски. Вообичаено со разни пиротехнички средства, прскалки народот ја испраќа старата и се пречекува Новата 2016 година. Меѓутоа, наместо светла и раздвижен народ кој купува подароци по европските градови, пред заканата од терористичките напади, по улиците на Пазриз, Брисел и други места гледаме и уште долго ќе гледаме наоуружени полицајци и војска. Истовремено, илијадници бегалци и мигранти од Азија и Африка, се движат кон и низ патиштата на Европа. Светот наместо по патот на мирот, тргна по патот на војната. Двојните стандарди на развиените земји, желбата за нов светски поредок, во кој силните ќе владеат со послабите, раздвижија човечка лавина. која се заканува да ја потопи Европа. Последиците од обидите за прекројување на границите и воспоставување на послушни режими се страшни. Уништени домови, невини жртви, деца без родители и образование, но и многу пари за шверцерите со човечки души, со нафта и трговците со оружје. Нема оправдување. Бегалците и мигрантите кои се насочуваат по Балканската рута минуваат и низ нашата земја. Не е првпат Македонија да згрижува бегалци и мигранти и секогаш ја покажувала својата хуманост. Така беше со бегалците од Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, така и сега, кога со овој проблем се соочува и Европа. Македонскиот народ повторно покажа хуманост и помога согласно своите можности и капацитети. Македонија го нема чаробното стапче за да може без поддршка на Европа да се справи со оваа криза. Но чудни се обвинувањата кон Македонија која има најголем прилив на мигранти и бегалци по однос на жител, дека има нехуман третман кон нив. Македонија реагира исто како и земјите членки на ЕУ, кои освен за бегалците од Сирија, Ирак и Авганистан, ги затворија вратите за мигрантите. Македонија има право и мора пред се да ги штити интересите на своите граѓани. Душегрижниците не се запрашале зошто Грција како земја членка на ЕУ ги упатува бегалците и мигрантите кон македонската граница, наместо од Пиреа да се пренесат во Патрас од каде би се транспортирале кон Италија, земја членка на Унијата, а од таму би се дистрибуирале во останатите земјите членки според договорените квоти. Исто така, не се користи ниту транзит за бегалците низ Бугарија, иако е членка на ЕУ. Наместо овие рути, мигрантите се насочуваат кон Македонија. Сепак, никој во земјата не е имун на солзите на невините луѓе кои без својата воља се приморани да патуваат илјадници километри за да најдат безбедно засолниште. Но, речиси никој од нив не сака да остане во Македонија. Сите од нив целат кон земјите членки на ЕУ. Ако, државите на нивната траса кон ЕУ ги спуштиле рампите за нивно поминување, секое нивно задржување во земјата, спротивно на нивната воља, преставува прекршување на човековите и хуманитарните права. Што се оснесува до безбедносните закани од терористички групи за балканските земји, тие се реални. Мрежата на радикалните исламисти одамна е сплетена во БиХ, Санџак и на Косово. Според експертите по безбедност тие непречено се финансираат од Ал каеда и ИСИЛ, како и од други кои имаат намера да ги прекројуваат границите на Блискиот исток, Балканот и ЕУ. Точно е дека голем дел од мигрантите бегаат поради страв од војната, но тоа не значи дека меѓу нив нема прикриени војници на Ал каеда и ИСИЛ. А оружјето им е достапно, бидејќи Балканот е магацин полн со оружје останато од војните во деведесетите години. Поради тоа никој во Македонија не смее да си дозволи да ја доведе во прашање безбедноста на државата, а хуманоста веќе земјата ја докажа. Македонија засега сама се справува со мигрантската криза и во голема мерка и помага на Европа. На ред е меѓународната заедница да помогне. Таа треба да престане со двојните стандарди и да ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, за да Македонија може да стане членка на ЕУ и НАТО.
|