|
|
Македонски благородник Марко Сервиски бил познат добротвор во XVIII век |
Марко Ѓорѓев(ич) - Сервиски (1740 – 1794) е уште еден благородник со македонско потекло кој го наоѓаме на листата на македонски благородници во европските земји во периодот од XV- XVIII век. Тој е син на македонски преселник од Сервија, Егејска Македонија. Познат како голем добротвор и подржувач на панславјанската идеја и напорите на христијанското население за ослободување од турско ропство. По завршувањето на Австро-турската војна 1737 – 1739 година, кога Турците го повратија Белград и се вратија на старата граница меѓу двете државаи, многу народ пребегнал преку Сава и Дунав. Така во Срем, меѓу многуте преселници меѓу кои и од Македонија се најдоа двајцата браќа Ауксентие и Манојло Ѓорѓеви од селото Сервија, Егејска Македонија. Во текот на преселбите, во 1740 год. во сремското село Черевич се родил Марко. Во 1751 година, татко му Ауксентие купил куќа во Сремски Карловци, а осум години подоцна тој ја заменил со куќа во Нови Сад. Манојло рано починал, а неговиот син Константин кога пораснал исто така купил куќа во Нови Сад и станал партнер со стрико му. Во 1774 година Ауксентие го наследил синот Марко, кој татковиот дуќан целосно или делумно му го остапил на братучедот Константин. Тогаш во нивната трговија се вклучил Теодор Дука, доселен од Македонија. Тој веќе десет години бил калфа кај некој новосадски трговец. Марко и Константин побарале од Магистратот да му дозволат на нивниот соработник Теодор право на граѓанство, односно право равноправно да учествува во нивните заеднички работи. На тоа се спритивставила „Православната купеческа компанија“ (еснафот на новосадските трговци), користејќи го правото врз основа на порано стекнатите привилегии. Всушност тие не сакале да имаат силна конкуренција, па ги обвинуваат Ѓорѓеви дека многу тргуваат во Трнава, големо трговско седиште во северна Унгарија, денес во Словачка, а за Теодор Дука тврделе дека бил скитник и измамник, дека е турски поданик, кој сеуште се облекува „ала Турка“ и т.н. Но набрзо состојбите се промениле. Починала царицата Марија Терезија (1780), а нејзиниот син и дотогашен совладар Јосиф II ја добил целосната власт во државата. Еден од првите државнички работи било укинување на сите феудални привилегии кои го попречуваа развојот. Така Јосиф II наредил на „Купеческата компанија“ во Нови Сад да го примат во своите редови Теодор Дука. Тоа ќе му овозможи на Дука да стане еден од најугледните трговци во градот. Семејството на Ѓорѓеви се зголемило, иако братот на Ауксентие Манојло и неговиот син не ја дочекале староста. Сепак изродиле доста женски деца кои набрзо стасале за мажење и носеле добар мираз. Марко кој се грижел за фамилијарните обврски без проблеми успевал да ги подмири сите побарувања и не само да го сочува имотот туку и да го зголеми. Потоа се откажал од дотогашната трговија, за која партнерот му исплатил голема сума пари и станал замјопоседник. Меѓутоа, уште пред да стане земјопоседник, за да го потенцира своите корени, тој почнал да се потпишува „де Сервиски“ (де Сервијски), со што го навлекол бесот на добар дел од граѓаните на Нови Сад и некои помали места во Банат и Бачка. Никој не знаел како ја стекнал благородничката титула! Поради тоа, во 1778 година, новосадскиот правобранител Јоже Ковач го тужел пред надлежните дека лажно се преставува. Во тужбата се наведува дека Марко сам на себе си напишал „де“ (што значи „од“) и го користил малото место во Македонија „Сервија“, од каде неговите претци дошле во Хабзбуршката монархија. А ним им било познато дека нема благородници, туку само турски поданици. Меѓутоа, Марко кој бил образован и знаел латински, имал информации дека австриската царска куќа уште од 1751 година ги подмирува своите воени и други трошоци со продажба на заемјишните имоти кои по повлекувањето на Турците останале без сопственици. На 1 август 1781 година, на лицитација во Виена, Марко го купил спахилакот Турска Кањижа (денес Нов Кнежевац) за 90.000 форинти. Со купувањето на овој имот тој се стекнал со благородничка титула „де Сервиски“ и ги уживал сите права, односно станал господар од Турска Кањижа. По овој овој повод Марко го повикал Магистратот на Нови Сад да присуствува на прославата на 16 февруари 1784 година за влегувањето во неговиот нов имот и благородничката титула. Во 1792 година, Марко на својот имот почнал да го гради својот едноспратен дом од 22 соби со стилски карактеристики на доцниот барок. Тој ќе стане еден од најубавите дворци од тоа време на територијата на денешна Војводина. Марко бил голем добротвор и поддржувач на панславјанската идеја. Свесен дека младите пред се треба да се образуваат за да можат да ги поведат масите за ослободување на христијанското население од турско ропство, тој во октомври 1792 година, во својот тестамент оставил завет, во кој бара годишните приходи од 30.000 рајнски форинти да се исплатуваат стипендии за школувањ. За извршител бил назначен неговиот малолетен син Ѓорѓи, а „Стипендариус Сервицкианус“ бил еден од првите и најголемите фондови во тоа време наменет за школување. Марко починал во јануари 1794 година и бил погребан на својот имот. Го наследил неговиот малолетен син Ѓорѓи Ѓорѓев(ич) де Серви(ј)ски кој тогаш имал само четиринаесет години. Тој никогаш не се оженил и немал потомци. Следејќи ги стапките на својот татко тој се грижел за стипендиите редовно да се исплаќаат и бил голем добротвор. На својот имот производувал пченица која ја транспортирал со бродови од свое пристаниште на реката Тиса, најголемо во Банат. Населувал производители на тутун па ја произведувал и таа култура. Од Турска Кањижа направил значаен трговски центар и издејствувал на 2 август 1832 година да добие ранг на градче со привилегија да оддржува три панаѓури годишно. Ѓорѓи се обидел со некои новосадски благородници да формира театар, но тоа не му успеало, но затоа во 1845 формирал славјанско читалиште, каде се поткревало патриотското расположение. Исто така, тој често престојувал на дворот на српскиот кнез Милош Обренович, со кој бил пријател. За време на буната во 1848 година, во неговиот двор бил сместен штабот на генерал Кузман Тодорович кој ги предводел српските востаници. Горѓи бил пријател и со родителите на српскиот поет Јован Јовановиќ Змај кој го крстил. Синот на Марко постајано се истакнувал со својата добротворна работа. Во 1845 година изградил понтонски мост Тиса и започнал да ја гради католичката црква во Турска Кањижа, која подоцна ќе ја завршат неговите наследници. Ѓорѓи починал во Виена во 1855 година. По неговата смрт, постојат докази дека фондот за стипендии сеуште постоел во 1862 година. Иако имал голема фамилија, целиот свој имот и го оставил на Катарина Миланков(ич) Пачански и нејзините деца, која имала претходно два брака. Набрзо потоа во Турска Кањижа голем број благородници ќе изградат дворци, па местото ќе стане познато како најголемо благородничко место во целиот Банат. Во дворецот додека живееле старите господари имало голема библиотека од околу 3.000 книги, ретки примероци на стар порцелан, предмети од сребро, бронза, стар и скапоцен намештај и богата ловечка збирка и старо трофејно оружје. Сосема е јасно дека денес не би постоел македонскиот народ ако во него не постое синови кои не само што биле вешти во војувањето, туку и мудри, кои знаеле дека доколку народот не си го знае коренот, доколку дозволи да му пропадне културата, традицијата и верата, со време ќе исчезне. Исто така, познато е дека еден народ може војнички да биде покорен, неговиот животен простор да биде окупиран, но, тој никогаш нема да исчезне ако го сочува јазикот, традицијата и културата. Само така, кога тогаш, ќе го поврати тоа што некогаш го изгубил. Всушност, кај голем дел од македонските преселници на територијата на Австро-Унгарија во овој период често се сретнува покрај името и презимето и името на земјата или местото од каде доаѓа. Така меѓу македонските благородници ќе сретниме имиња како Данчо Македонски, Никола Македонец, Ладислав Македонски, Волк Македонски, семејството Монастерлија, Теодор Јанкович Миријевски, Марко Сервиски (Ѓорѓевич) и др.
|