|
|
Црна книга за тајните конвенции на Австро-унгарија со балканските држави |
Македонија со својата поволна географска положба, пријатните климатски услови и природни богатства од секогаш го привлекувала вниманието на разноразни страни племиња, народи и земји. Уште од античко време па се до денес таа била цел на напади. Речиси сите балкански народи, но и Големите сили имале аспирации кон Македонија. Всушност тој кој ја поседува Македонија владее со Балканот и со патиштата кои ја поврзуваат Европа со Азија и Африка. Втората половина на XIX и почетокот на XX век главно се карактеризира со непомирливи ставови на големите европски сили околу поделените колонии. Видливиот распад на болната Отоманската империја дополнително ќе ги заостри нивните односи околу рапределбата на сферите на влијание. По Берлинскиот договор (1878), Австро-Унгарија и Русија ќе ги искористат аспирациите на балкански државички Србија, Бугарија, Грција, Црна Гора и Романија, за да го прошират своето влијание на Балканот. Главна цел на големите сили била контрола на Дарданелите и Солун, па се склучувале тајни конвенции со балканските земји. Всушност Балканот во периодот од Берлинскиот договор до Балканските војни се наоѓаше потполно во сплетот на противречностите на големите европски сили. Додека секоја од балканските држави се бореше со своите соседи за политичка и економска доминација, односот, развитокот, опстанокот и перспективата на балканските земји зависише пред се од Австро-Унгарија и Русија. Всушност балканските земји делуваа во склоп на нивните интереси. Србија пред Балканските војни своите аспирации за излез кон море ги имала преку Босна и Херцеговина, но по анаксијата од страна на Австро–Унгарија во 1908 г., српската политика го менува курсот и нејзините напори за а излез на море била насочена преку Албанија или Македонија. Остварувањето на овие цели, можело да стане само по пат на војна со која Турците би биле прогонети од Балканот. На директното сојузување меѓу српските, бугарските, грчките и црногорските кругови за војна против Турција, предходеле мошне долготрајни и заплеткани дипломатски игри и борби во кои и голема улога имале и другите европски држави. Во пропагандната војна која се води пред Првата балканска војна, Србија која ја има поддршката на Русија и стравува дека Австро-Унгарија може со своето дејствување да ги попречи нејзините напори за излез на море, во белградска „Политика“ од 4 фебруари 1912 година, ќе објави текст за издадената „Црната книга“ во Виена, во кој се говори за тајните конвенции на Австро-Унгарија со балканските земји. Во написот за тајните конвенции меѓу Австро-Унгарија и Романија, Бугарија, Грција и Црна гора, во која Македонија е монета за поткусурување, меѓудругото се вели: „Во Виена пред неколку дена излезе една сензационална книга. Под наслов „Црна книга“, под псевдоним херцог од Св. Сава, еден дипломат издаде збирка на тајни конвенции, кои Австро-Унгарија ги склучила со Романија, Бугарија, Грција и Црна Гора. На кориците на таа ретка збирка, на дното стои иронично: “Издавачка книжарница Фрањо Фердинанд“. Дали документите кои се наоѓаат во „Црната книга се автентични“, тоа не може да се знае, меѓутоа на содржината некогаш треба да и се верува. Сите овие се сведуваат на тоа, Србија да се изолира и да се направи немоќна, во словенски земји да се шири германизам и католичката вера. Австро – Унгарија се обраќа на владарите кои се страни и несигурни во своите земји. Таа им ветува дека ќе им го осугура престолот и дека ќе им овозможи неколку поволности за државата, во случај доколку таа, Австро- Унгарија, нешто добие. Но, затоа бара слепо да ја подржуваат во спроведувањето на нејзините планови. Меѓутоа, нејзините планови се сведуваат на тоа да се формира една федерација на дунавски држави, под покровителство на Австро-Унгарија, под династијата на Хабзбурготски. Прв документ во оваа збирка е конвенцијата меѓу Австро-Унгарија и Романија. По таа конвенција Романија нема да дозволи на својата територија никакво политичко, религиозно и економско движење против Австро-Унгарија, напротив, таа ќе се труди да го потисне руското и славјанското влијание и да славјанската литургија ја замени со латинската литургија. Романија ќе ги расипува соседските односи и ќе го спречува традиционалниот славјанско романски допир, стои во конвенцијата. Поради тоа романските железници ќе имаат што помалку врски со железницата во Србија, Бугарија и Русија. Во случај Австро-Унгарија започне војна со Русија, Србија или Турција, Романија се обврзува да и стави на располагање целата своја војска и флота. За сето тоа, Австро-Унгарија се обврзува да ја штити романската династија, да ја потпомага романската пропаганда во Македонија и во случај на војна, Романија да помогне со војска. Конвенцијата е склучена во Ишл, 14 август 1880 година. Склучена е на 40 години, па спорред тоа рокот и истекнува на 14 август 1920 година. Втората по ред конвенција е меѓу Австро-Унгарија и Бугарија. Со неа, Бугарија и признава на Австро-Унгарија за сфера на интерес и работа, Новопазарскиот Санџак, косовскиот вилает, Албанија и западна Македонија, вклучувајќи ја во неа и вардарската долина со Солун и Света Гора. Бугарија, покрај друго, се обврзува дека политички, а во случај на потреба и војнички ќе ја потпомогне Австро-Унгарија, ако таа најде за потреба да ја анектира Босна и Херцеговина. Во случај Србија да ја нападне Австро-Унгарија, бугарската војска треба да го окупира Пирот и Ниш. За тие заслуги Австро-Унгарија и ветува на Бугарија: 1.Дека ќе ги поддржува нејзините претензии во Македонија, 2. Дека ќе и помогне да се ослободи од вазалството, 3. Дека во случај на поделба на Србија, ќе и биде доделена источна Србија, без Ниш и Пожаревац. Што се однесува до поделбата на Турција, спогодбата стои вака: Австро-Унгарија ќе го окупира Новопазарскиот санџак, Стара Србија, Албанија и западна Македонија со Солун и Света Гора, а Бугарија источна Македонија и и Едренскиот вилает. Конвенцијата е склучена во Виена на 20 мај 1898 година, заклучена на 15 години. Рокот според тоа и истекнува на 20 мај 1913 година. На неа се потпишани царот Фрањо Јосиф и кралот Фердинанд, грофот Голуховски и Стоилов. Третата конвенција е меѓу Австро-Унгарија и Грција, четвртата меѓу Австро-Унгарија и Црна Гора. За нас (Србите) е интересна особено четвртата. Црна Гора според се обврзува да го спречи секое движење против австроунгарската монархија, вклучувајќи ги тука Босна и Херцеговина и Новопзарскиот Санџак. Австро-Унгарија се обврзува дека ќе го штити престолот на крал Никола. Во случај Австри-Унгарија да ја анектира Босна и Херцеговина, Црна Гора се согласува да не се спротивставува. Таа признава дека Новопзарскиот Санџак, без Плав и Гусиње е сфера на австро-унгарскиот интерес. Се обврзува, покрај тоа, да биде неутрална во случај доколку Австро-Унгарија започне војна со Русија или Србија, и со војска да помогне доколку Австро-Унгарија започне војна со Турција. За сето тоа, таа ќе има 365.000 круни годишно, и се признава интересна сфера врз еден дел на Албанија, а се гарантира и интегритет во случај да завојува со Турција. Конвенцијата е склучена во Виена на 12 јуни 1907 година на рок од дваесет години. Потпишани на неа се покрај владарот, грофот Голуховски, д-т Томановиќ. Ние рековме дека во автентичноста на овие документи не можеме веднаш да веруваме; во последниот документ не можеме воопшто да веруваме, меѓутоа голем дел од документите така одговараат на австроунгарската политика и настаните, кои не изненадија, така да мора да му се верува на нивната содржина, ако не на текстот.“ Овој текст во белградска Политика е објавен екот на подготовките на балканските земји за војна против Османската империја и непосредно пред потпишувањето на Договорот за пријателство и сојуз меѓу Бугарија и Србија и Тајниот додаток кон овој договорот. Инаку, двата договори се потпишани на 29 фебруари / 13 март 1912 година, а подоцна на 19 јуни 1912 година ќе биде потпишана и спогодбата меѓу бугарскиот и српскиот штаб на армијата. Во создавањето на српско-бугарскиот, односно Четворниот балкански сојуз во 1912 г., Русија ќе одигра важна потикнувачка улога. Таа сакала овој сојуз да го контролира не само за притисок врз Турција, туку и за одбрана од австро-унгарската пенетрација на Балканот. Интересно е што сите овие договори кои се направени на штета на македонскиот народ имаат рок на траење, додека според историчарите, ваков рок нема за Мировниот договор од Букурешт во 1913 г., со кој по Балканските војни Македонија е поделена. |