|
|
Никој со декрет не успеал да укине нечиј идентитет |
„Македонската нација и држава постоеле и ќе продолжат да постојат. Никој никогаш со никаков декрет не успеал да укине нечиј идентитет. Станува збор за внатрешно чувство, а вие со лист хартија никому не може да му наложите како да се чувствува“ – ќе изјави Никола Груевски за грчкиот „То Вима“. Актуелната бегалска, но и политичка криза во Македонија, ја ставија земјата во фокусот на вниманието на ЕУ. По неуспехот на Грција да се справи со напливот на бегалци, се почести се посетите на европските преставници, кои бараат земјата што побргу да ја разреши политичката криза, но и да биде втора линија на која ќе го спречи бранот на бегалци и мигранти кои се движат кон Европа. Иако гости, европските преставници често се забораваат каде се дојдени и продолжуваат со навреди и потценување на македонскиот народ. Михаел Рот, втор човек во германското министерство за надворешни работи, при посетата на земјата ја користеше навредливата референца ПЈРМ, а Белгијанецот Питер Ван Хојте, посредник во преговорите за разрешување на политичката криза, неодамна пред камерите во лице ни плесна: „Не можете да имате закон за медиуми според европските стандарди, зошто овде немате таков менталитет..“ Не е првпат некакви второкласни европски преставници вака да се однесуваат со нас, истовремено да бараат да спороведуваме нивни политики и да не не почитуваат. Многумина ќе се запрашаат дали изостанокот на пожестоки реакции на интелектуалната јавност е знак на наша инфериорност, добро воспитување или мудрост!? Секако дека не се работи за инфериорност, ниту за супериорност, туку за мудрост која македонскиот народ ја стекнал низ вековите минувајќи низ разни голготи, кои најчесто му ја приредувале и западот и истокот. Еден народ кој на славјанскиот свет му дал писменост, а на западот културни вредности, еден народ кој ги почитува човековите права, народ кој без крв се раздружил од југославенската заедница и згрижил повеќе од 400.000 бегалци за време на војните на поранешните југословенски територии не може да нема „европски менталитет“ или да биде инфериорен. Од друга страна, оние кои не не почитуваат само ја покажуваат својата инфериорност, неспособност и страв дека нема да успеат да се справат со проблемите за кои се нафатиле да ги решат. Тие реагираат исто како што реагира и домашната опозиција предводена од лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тие свесни дека нема да успеат на престојните априлски избори, употребуваат навреди, гласно се закануваат и уценуваат. Но, ваквата комуникација има спротивен ефект кај народот кој ги игнорира сите оние (било странски или домашни) кои само ветуваат и бараат, но никогаш никакви добри резултати не даваат. Едноставно народот им верува на оние кои покажуваат резултати и кои го испорачуваат ветеното како ВМРО ДПМНЕ. Народот добро знае дека никој неможе да им го одземе правото на сопственото име, па затоа навреди од типот на употребата на референцата ПЈРМ, наместо Република Македонија, со презир ги отфрла. Ова чуство најдобро ќе го истакне лидерот на ВМРО ДПМНЕ кој во интервју за грчкиот весник „То Вима“ децидно ќе истакне: „Неприфатлива е каква било промена на уставот со која се менува уставното име на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ како одговорна и народна партија, нема да дозволи кое било решение за спорот кој го наметна Грција, да биде прифатено од страна на политичари или поединци, влада или парламент без референдум. Ние сме подготвени да го продолжиме дијалогот и да останеме силно посветени на процесот на интеграција во семејството во кое припаѓаме и политички и културно и економски. Ние сакаме решение за проблемот не само заради членството во НАТО и ЕУ, туку и заради нормализирање на односите со Грција. Надвор од овој проблем, постојат многу заеднички предизвици кои ако заеднички ги решаваме, ќе биде подобро и за двете држави и народи, и за целиот регион. Но сепак, решението не може да биде еднострана желба на една од двете држави, туку компромис кој не загрозува ничии интереси. Не постои решение издејствувано со сила, закана или уцена кое може да е одржливо. Земете ја на пример привремената референца за името од Времената спогодба од 1995 година. Тогаш народот не беше прашан. Секој во Македонија ја отфрла таа референца. При тоа, народот е уште поподготвен да се бори за сопственото име и идентитет. Таа е навредлива за македонските граѓани и така ќе остане засекогаш.“ Прашањето за името е безсмислен спор и Македонија сака да се надмине сегашната состојба, која ја блокира авроатланската интеграција на земјата. Но, како што вели Груевски во интервјуто за „То Вима“ - „Не по цена на загрозување на нашиот идентитет“. Македонија јасно ги има подвлечено црвените линии за спорот со името. Но, таа не може да биде закана за Грција, бидејќи македонскиот народ одамна ја има подадено раката за соработка. Меѓутоа поради разни причини, економски, политички мигранстаката криза, спорот со името сеуште трае, а тој ги ограничува двете земји во справувањето со заедничките предизвици. Можеби во Грција некој сеуште верува дека со помош на своите пријатели во ЕУ, со закани, уцени и поткупи може да ги натера Македонците да го сменат свој став. Но, како што вели и самиот Груевски „Македонската нација и држава постоеле и ќе продолжат да постојат. Никој никогаш со никаков декрет не успеал да укине нечиј идентитет. Станува збор за внатрешно чувство, а вие со лист хартија никому не може да му наложите како да се чувствува“. Токму така. Затоа тие што доаѓаат со добри намери во земјата нека се воздржат од употребата на референцата ПЈРМ. Ваквиот начин на именување на земјата, не само што е знак на непочитување на домаќинот, туку и лоша презентација на културата на земјите од каде што доаѓаат овие преставници.
|