|
|
Странските инвеститори чувари на нашите граници |
Во време на грчевита, од петни жили и сите сили борба (практично и војна!) за стабилност но и гол опстанок на нашата држава, се наметнува една старо-нова димензија, поточно стратегија на која малку или недоволно внимание и се посветува. Не барем од одредена структура која се самопрогласи за државотворна а за државата ја боли колку за „Ауди“. Конкретно: А-три! Сега на повозрасните веќе им се бистрат мислите, им се палат фитлите и им фрчат пцовките - ММЕ...! Имено, да го „доотворам“ муабетот. Целам да проговорам и ќе се обидам да посочам на значението на странските инвестиции, особено на познати компании во нови ем и мали држави. Како сопственик на едно парче хартија по економија од „вечерното“ во Прилеп, овде и сега сакам да им укажам нешто на големите транзициски магистри и доктори по измами кои што така маестрално ја извршија приватизацијата носејќи ја невработеноста до вртоглави 40% а стечајците до просјачки стап, контејнер или пак и гроб. Е тие тогашни властодршци а сега децениски опозиционери кукаат по судбината и платите на вработените во слободните зони. Е-де, многу малку пари им давале а премногу труд и работа барале. Брее, жал за работничката класа од нивната сатана, црвено-сината тиранија! Вака! Неспорна е фактографијата: ниски плати – вложен труд, се нема дума. Но, дозволете, тоа е последица а јас сакам да ја нотирам причината за да ја разоткријам суштината. Море луѓе, млада и мала држава каде што се спорат граници, име, идентитет... опстанок од надвор а внатре по етнички состав ако не каша, попара сигурно, ти да во зародишот од нејзината независност поради пеликанската ненаситност по провизии и го избркаш германскиот и светски гигант „Ауди“ е приближно обид за државен удар или рамно на велепредавство. Оти навигатор на една држава можеби е политиката арно ама ескалатор (двигател) е економијата. И сите тие политички „игранки“ и „седенки“ по разно-разни алијанси, сојузи, совети, заедници, партнерства... и сл. се за постигнување на одредени економски цели а се друго се варијации на тема. Поинаку кажано и политиката и војната се вклучуваат или ставаат во служба на економијата. Така било, така еве и останало. Нашите (к)умови од 90-тите, преименувана багра со гангстерска матрица, место да ги ускладат своите лични интереси (кариера, бизнис и пара) со државните, тие го сторија токму спротивното. Се што стигнаа приграбија, и со рака и со капа, преку акти и акции а не реални продажби или ваучери, за да преку ноќ од голтари и (деца на) пролетери станат газди и профитери. И сега баш тие исти транзициски мршојадци со хациенди и јахти се пењават, „другарски“ солзи ронат и фрлаат дрвја и камења против „експлоататорите“ во слободните зони. Опаа, буржоазијата „ја заболе“ за сиромаштијата! Бре другари проле(фи)тери со мутирана, пожолтена петокрака на чело, лажна жал за народ во уста а вистински, евтини марифетлаци во ракав – по којпат да ви кажам. Одамна минаа 90-тите па сте повеќкратно видени, чуени, прочитани и искусени. Црниот 15-ти септември беше почеток на крајот на вашите црнила како владетели а сега како улични сеачи на ветер и магла можете да си џавкате до сто и една и назад. Башка празници. Со секоја странска инвестиција, или уште поточно со секое евро од неа растат и шансите за опстанок и развој на оваа држава, која сеуште мнозина од вас не своја ја чините. Особено тоа се однесува за компании од моќните економии и земји кои никако не инвестираат на слепо и кои со сите средства (економски, политички па и воени) го штитат и ќе го штитат својот капитал каде и да е распослан тој. Туку, да дорасчитиме за платите. Констатиравме, неминовно е да се ниски при висока невработеност но со самото нејзино намалување тие ќе растат. Чиста пазарна економија но и логика. Да, во ред, држи и тезата (и вистината) дека пак со зголемувањето на платите дел од инвеститорите ќе „одлетаат“ (како што впрочем и највеќето „долетале“ кај нас) а дел затвораат (сосем природна работа). Меѓутоа постојат и механизми и стратегии за нивно задржување, како и тоа дека не е нималку лесно ти да испланираш, се решиш, закрениш, инвестираш а потоа за нешто повисоки плати да си ги собираш „парталите“ и се дислоцираш или пак затвораш. Секогаш и секаде борбата е инвеститорот прво да се доведе а сетне и што подолго да се задржи. Уште и уште, колку се може и колку тебе те бидува (поволна бизнис клима) а нему му се исплатува. Се насе тоа е тоа, никој не е улав да фрла пари по вода а понајмалку светските брендови. Ах „Ауди“, „Ауди“, да не може човек да се изначуди: мајка ли беше или кучка тој ѕвер што го роди што за ненаситни лични апетити ни нанесе колективни долгорочни последици.
|