Среда, 02 Март 2016   
Големата Австро-турска војна и Карпошовото востание (2)

Tihomir Karanfilov-001
Тихомир Каранфилов

Големата австро-турска војна во XVII век век ќе остави тешки последици врз економијата положбата на балканската раја, што ќе предизвика да се развие ајдутството. Но, војната ја зголемува надежта дека се ближи часот за ослободување од Турците. Во Македонија ајдуството зема голем замав така да во еден момент тоа ќе премине во востание – познато како Карпошово востание. Податоци за точниот датум нема, но се смета дека е подигнато во текот на октомври 1689 год. На чело на востанието застанал искусниот ајдутски арамбаша Карпош.

Во текот на големата австро-турската војна, кога даночниот притисок и насилството земаат дотогаш невидени размери, животот на македонскиот селанец особено се влошил. Воените операции ја принудуваа Османлиската држава да го зголеми принудниот откуп на жито, сточната храна, стока и останати други земјоделски производи. Откупните цени биле далеку од реалните вредности на производот, а откупените производи селаните биле должни да ги донесат до одредени откупни пунктови без никаква надокнада. Во исто време централната власт вовела цел низ на вонредни давачки. После падот на Белград (6 септември 1688) бил воведен нов данок во пари кој изнесувал 133 гроша по домаќинство познат како „хане акчеси“. Поново бил воведен данок на трговија со вино и ракија, кој бил укинат уште во 1671/72 година, потоа и данок за трговија со тутун. Во 1689 година населението од Балканот морало да дава данок за општа мобилизација т.н. „нефиријам бедели“ во износ од 50 акче по глава.  Военото време донело и осетно зголемување на цените на стоката на пазарот. Во 1688 година, особено негативно делувало на економскиот живот во земјата пуштањето во промет на бакарните пари, т.н. мангар, како и настојувањето на државата неговата вредност да се изедначи со акче.

Во ова матно време рајата трпела и од зулумите на  турските воени дезертери, кои во мали или поголеми групи дивееле во внатрешноста на земјата. Од тоа време познат е Јеген паша, некогашен румелиски беглербег (управник на една од најголемите управни единици во европскиот дел на Османлиското царство, во чиј состав се наоѓала и цела Македонија). Со околу 10.000 одметници тој ограбувал по Балканскиот Полуостров. Немоќната централна власт прво се обидела да го придобие и неговите сили да ги насочи во корист на државата, доделувајќи му државни и воени функции. Но, кога сето тоа не доведе до некои трајни резултати, таа извршила мобилизација на муслиманското население (нефиријам) и успеала да го ликвидира непослушниот паша дури во февруари 1689 година.

Ваквите состојби ќе го засилат ајдутското движење кое подоцна ќе му ја даде главната ударна сила и раководниот кадар на востанието. Всушност ајдутството беше една од најстарите форми и најдолготрајните форми на оружена борба на македонскиот народ за време на турско-османлиската доминација. Се развивало паралелно и сразмерно на интензитетот на феудалната експлоатација, злоупотреба и насилство над рајата и се чини дека кулминација достигнало во XVII век, особено во периодот на хаотична економска и политичка положба на земјата, која била последица на неуспешната австро-турска војна од 1683 година. Централните власти повеќе пати интервенирале кај локалните власти во цела Македонија и соседните подрачја, барајќи од локалните власти да се превземат енергични мерки за уништување ајдутските дружини кои во тоа време достигнале застрашувачки размери. Нарочито често биле испраќани султановите наредби во критичната 1689 година да се ликвидираат ајдуците во санџаците Ќустендил, Скопје, Охрид, Трикала и Солун.

Меѓу ајдуците кои делуваа во 1689 година се наоѓал и Карпош. Како старешина на голема ајдутска дружина која се појавила неколку години порано, тој се прославил со своите акции во планината Доспат, гранка на Родопските планини чии падини ги сочинуваат севороисточните граници на Разлошката котлина. Против него бил упатен турскиот аскер, но тој не успеал да го фати. После извесно време, во текот на летото (месец август или нешто порано), Карпош ги пренел своите активности на подрачјето на Нишката, Лесковачката, Врањската, Брезничката и Пиротската каза, всушност на терен кој набрзо ќе биде во сферата на австриските операции.

Во 1689 година (третата декада на зилкаде 1100 година), Портата презела мерки за ликвидирање на втората Мариовска буна и македонското востание предводено од Карпуз, како што Турците го имануваат Карпош. Во наредбата до кадиите на Брезник, Шаќир кој, Врање, Ниш, Лесковец и до мартолозбашиите и ишерлерите на вилаетските ајани од споменатите кази се вели: „Бидејќи една од најважните работи е да се остранат и тргнат од мухамеданскиот народ и од рајата и берајата злосторствата на ајдутските разбојници што се појавија во нашите кази, ти од мене, споменатиот Мехмед – нека ти се зголеми вредноста – кој си мартолозбашија на казата Знеполје, си поставен за главатар. Поради тоа, освен со војска од споменатата каза, уште и со ишелрерите што се способни за борба и со мартолозбашиите, да тргнеш против појавениот ајдутин по име Карпуз и уреди на секој начин да се фати и казни. По овој повод издавам наредба за да внимаваш и да се грижиш нивните злосторства да се остранат од рајата и берајата. “  

Меѓутоа, веќе кон крјот на септември и почетокот на октомври, што значи во времето кога австријанците го завзеле Ниш, османлиската централна власт издала наредба со која на Карпош и неговите луѓе им се дава амнестија, а самиот Карпош бил поставен за старешина мартолог во казите Кустендил, Сиршник и Радомир, како и за главен командант за мартолошките старешини во спомнатите кази, како и во Штипската, Радовишката, Велешката, Дојранската, Серската, Демирхисарската, Разлошката, Петричката и Мелничката каза. Задачата на овие мартолози била да ги протера ајдутите во наведениот судско-административни територијални единици. Иако паракдосален, овој потег бил во склад со опробаната, перфдна тактика на турската власт да ги неутрализираат своите непријатели, па дури и да ги искористат за свои цели со доделување на високи титули и државни функции. Немоќна да го уништи и истовремено свесна за Карпошовиот авторитет и сила, чие дејствување на територијата на која австриското присуство со секој ден бивало се повлијателно и можело уште повеќе да ги ослаби и загрози турските позиции, врховната власт не гледала друго ефикасно решение, освен да го привлече на своја страна. Засега не познато дали Карпош ја прифатил понудената функција, но ако го направил тоа, сигурно било од тактички причини и останал кратко време, бидејќи набрзо ќе застане на чело на востанието на македонскиот народ.

За разлика од историските извори, народното предание за Карпош е многу побогато. Според една од тие легенди, Карпош потекнувал од сиромашно семејство на некој воденичар од селото Војник (на патот Куманово – Крива Паланка). Името го добил поради својата корпулентна става која асоцирала на карпа. Од родното село тој побегнал заедно со татко му во кратовското село Коњух. Бидејќи немале земја, тој набрзо почнал да работи во кратовските рудници. По една година тој повторно се вратил дома, се оженил со некоја сиромашна девојка, а подоцна заминал на работа во Влашко (Романија). После долго време со многу заработени пари  се вратил дома, каде го чекала жената и два сина. Но, бил опљачкан од Турците, што кај Карпош предизвикало силна омраза и желба за освета, Тој повторно заминал да работи во кратовските рудници. И кога еден ден разбрал дека Австријанците напредуваат  во правец на Македонија, тој веднаш ги собрал и побунил селаните кои работеле во рудникот.

Народното предание, исто така го поврзува Карпош и Карпошовото востание директно со кратовските рудари. Се смета дека рударите од кратовскиот рударски басен зеле учество во востанието. Причините кои се наведуваат не е само положбата на рударите која не се разликувала многу со положбата на селаните, туку и поради тоа што меѓу рударите сеуште се наоѓале луѓе со германско потекло (Саси) и католичка вероисповед. Приближувањето на Австријанците кон Македонија секако имало влијание на расположението не само на македонското население, но и на тие луѓе.

Приближувањето на Пиколомини со својата војска ќе ја зголеми надежта дека дека се ближи часот за ослободување од Турците. Ајдуството во Македонија кое има земено голем замав во еден момент тоа ќе премине во востание – познато како Карпошово востание. Податоци за точниот датум нема, но се смета дека е подигнато во текот на октомври 1689 година. На чело на востанието застанал искусниот ајдутски арамбаша Карпош.

Главното упориште на слободната востаничка територија била Крива Паланка, кое пред тоа била едно од најсилните турски утврдувања во таа област. Тврдината била изградена во 1634/35 година, а турски патеписец Евлија Челебија наведувајќи ја причината за нејзината изградба, запишал дека „не можело да се помине од ајдуци“. Исто така, овој патеписец ни дава опис и за најзиниот изглед во 1660 година, во кој вели:

„Тој е четвороаголен град кој зафаќа простор од осум стотини чекори. Има една капија која се отвара према југоисток, складиште со муниција, десет шахи топови, двеста војници и командант на утврдениот град (диздар). Градската капија и ѕидините се многу високи. Постои ров од камени шкрилци. Во тврдината се наоѓаат пеесет куќи, џамија и купола за војна музика. Секоја вечер свири стражата и се извикува мухамеданскиот борбен повик.“

По освојувањето на оваа тврдина востаниците предводени од Карпош заробија шест топови, а веднаш потоа пристапија кон нејзино зајакнување – ја оградија со широки и длабоки ровови.

Второ, не помалку значајно упориште на востаниците стана тогаш малото место Куманово. Покрај него изградија сосема ново утврдување, а изгледа дека ова населба поради својата локација станал центар на востаничката територија. Современите турски хроники и месното народно предание го нарекуваат Карпош „Крал од Куманово“. Таа титула на Карпош наводно му била доделена или ја потврдил австрискиот цар Леополд I (1657 - 1705), испраќајќи притоа и калпак, како надворешен знак на признание.

На ден 22 октомври, кога Карпошовото востание земало замав и била веќе создадена територија, која највероватно се протегала до Кратово, како и на просторот Скопје - Качаник, генералот Пиколомини се упатил од Приштина во Качаник со намера да се пробие према Скопје, па дури и до Солун.                                          

(продолжува)

Подготвил: Т. Каранфилов

(Извор: д-р A.С. „Од минатото на македонскиот народ – Карпошово востание“, Скопје, 1969, стр. 69 -74 )

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.