Среда, 16 Март 2016   
Големата Австро-турска војна и Карпошовото востание (4)

Tihomir Karanfilov-001
Тихомир Каранфилов

Востаниците предводени од Карпош во октомври месец 1689 година воспоставиле слободна територија која се протегала од Кратово до Скопје и Качаник. Сепак слободниот живот на востаничката територија, траел кратко време, за да може да бидат воспоставена организирана власт и сите оние потребни компоненти кои би ги создале основите за консолидација и понатамошен развој. Во моментите кога востаниците имаа намера да ги прошират границите на слободната територија, спремајќи се акција во правец на Кустендил, настанала брза промена на војно-политичката ситуација на Балканот. Австриците почнаа полека да се повлекуваат, а  Османлиите презедоа енергични мерки за консолидација во своите воени редови.

По успесите на Карпошовите востаници и продорите на Австријанците на македонска територија за нов велик везир бил поставен Мустафа паша Чуприли заде. Една од првите негови мерки била одлуката за укинување на низа вонредни давачки. Опростени биле и сите заостанати долгови на рајата на име на вонредните давачки од претходната година. Напоредно со овие мерки, започнале и воени припреми за напад на македонските востаници и австриската војска. За таа цел на помош на турските сили пристигнал и кримскиот хан Селим Гирај со своите борбени и сурови татарски одреди, кои ќе преставуваат ударна сила во престојните крвави судири со востаниците. На советувањето во Главниот штаб на османлиската војска, одржан на 14 ноември 1689 година во Софија, било одлучено во напад да се тргне преку Ќустендил, односно прво да се ликвидира Карпошовото востание. На чело на војската биле главни команданти (серескер) Коџа Махмуд паша и кримскиот хан Селим  Гирај.

Махмед Рашид (ум. 1735) кој е османлиски дворски историчар, напишал обемна историја на Османлиското царство, позната како Рашидова историја. Во неа е опфатен периодот од 1660 до 1721 година, а меѓудругото и за Карпушовото востание и неговото прогласување за крал на Куманово. Во контекст на советувањето одржано во Софија, тој ќе го забележи следното:

„Неговата екселенција високославниот хан, серескер Махмуд паша и везирите и ајаните (првенците) на државата присутни во царската ордија, одржаа советување и се согласија дека сега е потребно со достојно единство да се спротивстават, да се крене против бедните неверници кои го запоседнале Скопје и тамошните предели и со помош на божјата милост да се направат напори да се пресече коренот на непријателските напади од овие места. Следниот ден гореспоменатиот серескер и сите монотесистички борци надевајќи се на Алаха тргнале од Софиското поле  за споменатото место. Кога пристигнале до местото наречено Каменичко Поле на влезот на паланката наречена Егри Дере (Крива Паланка), проклетникот по име Карпош, кој пред извесно време ставил калпак добиен од германскиот цар и идниот старешина над ајдутските невернички разбојници стекнал слава под името крал на Куманово, со многу илјади безверни непријатели од редовите на неверничката раја, ја беше зазел паланката Егри Дере и за да му биде упориште, одоколу ја утврдил со широки и длабоки ендеци.          

Така, на удар на османлиската војска прва била Крива Паланка во која се наоѓале неколку илјада востаници, спремни за маневерски напад на Ќустендил. Дознавјаќи за огромната надмоќ на непријателот, востаниците предводени од Карпош ја запалиле и напуштиле Крива Паланка, по што се повлекле во правец кон Куманово. Уште утредента турските и татарските војски се појавиле пред градот. Востаниците одлучиле да дадат отпор и тоа надвор од новоиграденото утврдување. Настанала жестока и неравноправна борба во која паднале голем број жртви. Последниот отпор востаниците го дале од утврдувањето, кое било завземено на јуриш, додека неговите бранители херојски загинале. Во борбата Карпош бил заробен заедно со голем број востаници. Победниците пота се упатиле кон Скопје, водејќи ги со себе заробените востаници, меѓу кои бил и Карпош. Во тој момент Скопје бил под контрола на ајдуците, веројатно биле Карпошови луѓе, но кога тие разбрале за поразот кај Куманово и за приблужувањето на многубројна османлиска војска, тие се разбегале, така градот паднал без борба.

Дефтердаровата историја на хаџи Мехмед паша (ум 1717), која го опфаќа периодот од 1648 до 1703 година, ја опишува борбата кај Куманово, заробувањето и маченичкото убиство на гордиот Карпош. Тој доживеал страшна смрт. Во Скопје, кај камениот мост на Вардар, Карпош бил изведен пред Селим Гирај, набиен на колец, а потоа избоден со татарски копја и фрлен во реката. Тоа се случило најдоцна во првите денови на месец декември 1689 година. Трагичната смрт на Карпош значела и крај на востанието. Турските властодршци имаа доболно причини да се радуваат после оваа брза и ефикасна акција на својата војска. Востанието кое можело да ја зафати цела Македонија било ликвидирано, а заедно со него и човекот кој со години им задавал многу непријатности. На победникот, кримскиот хан Селим Гирај му биле приредени големи почасти, а еден турски песник напишал славопојка во чест на победата врз Карпош.

Македонскиот народ скапо го платил својот обид да се ослободи од османлиската власт. Во почетокот на декември во Призрен пристигнала вест дека турските и татарските војски одејќи кон Скопје со себе воделе 6.000 луѓе меѓу кои имало жени и деца, и дека ги запалиле околните села. Покрај тоа, Татарите го запалиле Тетово и Куманово. За најголем дел, особено за оние кои зеле активно учество во борбата против османлиските власти, единствен спас било во напуштање на својата земја и бегство далеку на север, преку Сава и Дунав, од каде најчесто не се враќале.

Свесни за големата поддршка која ја дале балканските народи за време на нивните офанзивни операции против Османлиското царство, а со надеж дека повторно ќе ги послужи воена среќа, Австријанците сакаа да ја сочуваат поткопаната доверба кај овие народи и да ги потикнат на понатамошна соработка со австриската војска. За таа цел на 6 април 1690 година австрискиот цар Леополд I издал Манифест (Literae invitatoriae)  со кој се повикуваат балканските христијани и земји, меѓу нив и народот на Македонија, да се дигнат против Туците. Во Манифестот меѓу другото се прокламира:

„Нека ви биде познато дека Турската војна, на која неоправдано сме предизвикани, поради прекршување на договорот... ја водиме со единствена цел да народите кои се потчинети ... и сите други христијани да ги отргнеме од ужасното турско ропство и да им ја вратиме поранешната слобода, поранешните привилегии, .... како и да го вратиме секому неговото право. Поради тоа ги повикуваме сите народи, населени низ цела Албанија, Сервија, Мизија, Бугарија, Силистрија, Илирија, Македонија, Рашка, ... и сите други народи кои стенкаат под турскиот јарем, .. да преминат сите на наша страна и да земат оружје против Турците, за свој спас и ослободување и за напредок на христијанската религија.“           

Речиси истовремено, на 26 април 1690 година, австрискиот цар издал и едно писмо со кое посебно се зема во заштита македонскиот народ. Иницијатори за негово издавање биле Марко Крајда, родум од Кожани и Дмитри Георгија Поповиќ, родум од Солун. Во писмото меѓудругото се вели: „Македонскиот народ во целост го примаме во секој еден поглед благонаклоно под Наша царска и кралска заштита.“ На 31 мај 1690 година царот Леополд издал уште едно писмо со кое ја проширува својата заштита на населението на Бугарија, Србија, Македонија и Албанија. Меѓутоа, Манифестот и заштитните писма на австрискиот цар не можеле да имаат некое поголемо дејство зошто развојот на настаните ја довел Македонија повторно да биде длабока провинција во Османлиското царство.

Масовното бегство од родните огништа и суровите постапки на османлиската војска за време реокупација на изгубената територија, допринесоа многу села да опустошат, а на плодната земја да израсне плевел. На турските власти им било јасно дека доколку сакаат успешно да ја пролжат војната против Австријците, тие мораат што побрзо да ги стабилизираат условите во земјата, односно  мора да престанат со репресалиите и да го обноват производството. За таа цел во опустошените предели тие започнало населување на албанско население, што довело до значајни промени во етничкиот состав на населението. Освен тоа, биле превземени одредени чекори за враќање на одбегнатото христијанско население, со давање на амнестија, која ја прокламираа највисоките органи на власта. Меѓутоа, и покрај тоа, трагите на преживеаната трагедија уште многу години биле видливи на лицето на македонската земја. Минувајќи низ Македонија во 1714 година, калиѓерот Јеротие Рачанин запишал:

„ .. И дојдовме на тринаесетти конак Горобинце на Овче Поле. Тука видов прекрасна земја, убави полиња и жито, лозја и разни овошни дрвја. Убави реки течат од планините. Изворите се ладни и бистри. Се гледаат градови и села. Тука, за врема на закуска, на едно место избројавме четрнаесет големи цркви од бел камен ... а сега сите се пусти“.

Трагичниот крај на Карпошовото востание предизвика голем бран на иселување на македонскиот народ од востаничките области. Тие свое прибежиште првично најдоа од другата страна на Сава и Дунав, каде се ставија на располагање на австриските власти и потоа гинеа за нивните интереси. Условите за живот ќе натера добар дел од овие воини да заминат во царска Русија, каде од нив потоа бил формиран „Македонски полк“. За тоа време се затемнеа изгледите во скоро време да дојде до ослободување на македонскиот народ.

 (крај)

Подготвил: Т. Каранфилов

(Извор: д-р A.С. „Од минатото на македонскиот народ – Карпошово востание“, Скопје, 1969, стр. 79 -85 )

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.