|
|
Катазјанија |
Најспецијалката од с(тр)ите, смоквиниот лист на килавата опозиција и маша на Меѓународната заедница, со својот лик и дело само до сега несомнено го сврте но и го заслужи вниманието на јавноста. Добро, повеќе на онаа трачарската отколку на стручната но, битно е in media res (во центарот на вниманието). По лошо или по бетер, сеедно. Зошто и како? Просто и лесно, еве вака! Уште на самиот старт, при формирањето на Специјално Јавно Обвинителство (СЈО) низ народот почна да се тресе гората од „тешкаши“. Имиња како професорот Калајџиев, адвокатот Тортевски и останата тешка правничка и практична артилерија за да од сето тоа се изроди анонимното глувче Катица Јанева. Од каде до каде маргиналката (се мисли во стручната фела) од Основното јавно обвинителство во Гевгелија, кое нема надлежност за случаи на организиран криминал и корупција туку за полесни кривични дела, излезе најпогодна? Или колку полоша – толку поарна? Значи да се разбереме. Јас во состојбите со правото и обвинителството се разбирам колку таа во длабоко орање или во смоквите, малку помалку од ич. Арно ама пратејќи ги медиумите, написите и дебатите за кандидатите тврдам дека никој жив нејзиното име не го спомна ни под разно. Со едно коригирање дека од медиуми ги изземам во Муртино кооперацијата и во Гевгелија чаршијата. Ними ги немам ниту во телевизорот, ниту во лаптопот ниту пак во мобилниот. Тие се за мене Амазонија или Патагонија, сеедно. Искрено, сите очекуваа/вме еден правен „булдужер“, сосем независен или непристрасен, исто толку (об)учен и искусен кој потоа околу себе ќе прибере дружина експерти и така и во Македонија со најдоброто од правото ќе се тргне на чистење на доброто од злото. Но што бидна? Од сета таа стручно-професорска елита меѓународните пријатели(?!) ни ја нацртаа Катица од Гевгелија. Дамата со чипката која по пресови се смее како дете пред тоблероне а својата стручна поткованост ја поткрепува со диплома од сите шестки и чат-пат по некоја, колку за иљач, седмица. Или, ако не грешам, со 6,24 просек на оценки и некои 6-7 години студии. И со таков ли кадар и со тој ли калибар ќе ја тепаме големата мечка која се нарекува криминал и корупција? Но ај тоа кај неошло, ќе речеш, дипломата. Ни прва ни последна, та ова е земја на чудата, арно ама кога се дрзна место да ги бара изворот и авторот на нелегалните снимки и промтно сите! да ги прибере, сочини записник и провери дали има останато или распространето оригинали или нивни копии - таа Верушевски од притвор го ослободи, веднаш ти штракнува и ти текнува колку е саатот. И дури тогаш ти доаѓа сам клоца да си удриш, да полудиш или за фантом во огледалото се прогласиш. Бати дереџето бати, кога дочекавме ваква „елита“ криминалот да го чисти и криминалците испофати а ваму ни записник не знае или не сака да сочини. Панагум на незнаењето, неискуството и целата оваа катазјанија доаѓа апликацијата за насади со смокви кои се само за регистрирани земјоделци, каде место насади биле пустелии и опожарени површини. Е сега што точно матела и бербатела, како, колку и кога таа нека му ја мисли а надлежните треба да (до)кажат. Ние само пренесуваме тоа што читаме, слушаме или гледаме а, меѓу другото, како јаготка на тортата доаѓаат и двата станови пишани на синовите кои, како што наведуваат медиумите, ги префрлила отпосле, откога дојде на функција за да државата и плаќа кирија од 300 евра. Плус тоа имало некои нејаснотии и сомнежи со и околу работата на сопругот. Се насе – лице со дебела маска ем и долга опашка, портфолио бабачко. Било како било, најбитно по државата е специјалката да ја истера свадбата, ако се повеќе сите, да се ќердосаат младите, да де и сместат во становите, да ги испоштува постите, вапца јајца за Велигденот и, после, здравје Боже, кај „бостан брање“ ќе пулиме ќе правиме. Важно „Пуч“ да се одложи за после изборите за да пучистите можат да се најдат на листите. Потоа ќе добијат пратенички имунитет, па рака и сенка ќе стави амбас(ч)адорот од Калето и така караванот ќе си врви а новинарите ќе си ги полнат рубриките: СЈО - ЈО, Катица - платица, Ленче - Менче, Фатиме - пушти ме, држ - недај... На самиот крај, иако можеби и најбитно е тоа што според некои партии но и мнозина експерти е спорна уставноста на самото СЈО, чија поставеност е спротивна на Уставот и Законот за судство. И, да не изумиме, за да сиот овој театар кулминира во циркус се погрижи кој друг ако не самата Јанева, која на прес конференција ги помножи со нула институциите од кои го црпи легитимитетот и самото СЈО прогласувајќи ги за нелегитимни Уставниот суд, Собранието и Претседателот. Ете мој народе тоа е тоа, жива папазјанија - уште една тажна комедија од Македонија на која за жал сите плачат од смеа.
|