|
|
Србија и Грција преземаат се за да спречи создавањето на автономна Македонија |
Прашањето на иднината на Македонија на меѓународен план станало многу актуелно во текот на 1918 година. Во престолнините на големите сили на Антантата, особено во Британија, живо се размислувало за создавање на автономна Македонија под заштита на големите сили. Соочени со можноста од едно вакво решение по прашањето за Македонија, српската и грчката влада преземаат се за да не дојде до создавање на автономна Македонија. Уште за време воените крварења на бојното поле за време на Првата светска војна, спротивставените страни се спремаа за идната мировна конференција на која ќе можат да го легализираат својот грабеж на туѓи територии. Во рамките на тие припреми се работело и на плановите за грабеж на Македонија. Прашањето на иднината на Македонија на меѓународен план станало многу актуелно во текот на 1918 година. Во престолнините на големите сили на Антантата, особено во Британија, живо се размислувало за создавање на автономна Македонија под заштита на големите сили. Дури во некои периоди 1918 година во таа смисла водени преговори за сепаратен мир со Бугарија. Меѓутоа, по Октомвриската револуција во 1917 и со излегувањето на Русија од војната, раговорите биле водени на сметка на Македонија. За да се придобие Бугарија и извлече од Централниот сојуз, големите сили започнале да прават комбинации на сметка на Македонија. Во разговорите за потпишување на сепаратен мир, големите сили на Бугарија и нуделе две алтернативи. Во првата се предвидувало на Бугарија да и се остапи делот на Вардарска Македонија источно од реката Вардар и втората, која била разгедувана особено во првата половина на 1918 година, Македонија да се организира како автономна државна единица на Балканот под заштита на една од големите сили. Со таа намера, во пролетта на 1918 година во јужните делови на Македонија била организирана обемна анкета, чија цел била да се согледаат географските, стопанските, етничките, верските и други карактеристики на Македонија. Ваквиот третман на иднината на Македонија од страна на големите сили на Антантата предизвикала остра реакција на српската и грчката влада, кои не биле подготвени да го изгубат стекнатото со Букурешкиот договор. Соочени со перспективата на едно вакво решение по прашањето за Македонија, српската и грчката влада превземаат се за да не дојде до такво решение. Србија го активирла режимот на специјалните уредби од 1913 година во Македонија. Главна основа на српската политика за решавање на територијалните проблеми, според која не смеело да има никаква дискусија на кого ќе му припадне Вардарската долина, ја изработил Пашиќ во април 1918 година. Тој сметал дека не треба и не може да стане збор за македонската територија која Србија ја присвоила за време на балканските војни. Спротивно на тоа, тој истакнувал дека треба да се води борба за добивање на „стратешка граница“, односно за понатамошно територијално проширување на Балканот. Пашиќ наместо остапување на делот на Македонија на Бугарија, тој на своите дипломатски преставници им наредил да се залагаат, како минимум гранични територии со Бугарија, на Србија да им припадне територијата по долината на реката Струма, а како максимум граница „со која би биле опфатени сите Македонци“. Сепак, во случај на краен притисок на големите сили на Антантата, српскиот пратеник требал да предложи алтернативно решение, со кое се предвидувало создавање на автономна Македонија, вклучувајќи го тука битолскиот и солунскиот вилает, без големиот округ. Но тоа било последно режение. Генерална линија на територијалните проблеми била линијата која ја изработил Пашиќ. Со неа српската делегација настапила на Мировната конференција во Париз, а со слична концепција настапила и грчката влада. Се разбира, ваквиот став на српската и грчката влада за територијалниот проблем со Македонија не значи дека бил доволен за да тоа прашање биде тргнато од дневниот ред. Напротив, активноста на македонската емиграција во Бугарија, Швајцарија и други земји во Европа и Америка, која за своите барања не само што успеала да ги придобие симпатиите на голем број истакнати личности во светот, туку и тие да се ангажираат за создавање на автономна Македонија, го држела ова прашање отворено се до потпишување на договорот со Бугарија на 27 ноември 1919 година. Особено во тој поглед се истакнала дејноста на емигрантските кругови на Серскиот револуционерен округ. Тие уше во октомври 1918 година излегуваа со „Декларација за решавање на македонското прашање“ врз база на обновување на интегралниот дел на Македонија и нејзино изградување во автономна држава. Како резултат на нивното делување дошло до обединување на сите прогресивни сили на емиграцијата во Бугарија и на 9 март 1919 година излегуваат со заеднички апел, во кој уште еднаш ги афирмираат барањата за обединета самостојна Македонија со цврсти меѓународни гаранции и постојана неутралност. На тоа допринесувало и залагањето на бугарската влада, која и покрај изгубената војна настојувала да ги заштити своите територијални аспирации према Македонија. Исто така, уште повеќе допринесуваа и противречните интереси на големите сили на Антантата, кои прашањето за иднината на Македонија постојано го држеа отворено, како за време на војната, така и за време на Мировната конференција. Најпосле, во сето ова, голем придонес имала и нестабилната состојба внатре во новата држава на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (1.12.1918 – 29.111945), која била потресувана од револтот на масите. Поради тоа и признавањето на новата заедница било одложувано се до мај, односно до потпишување на Версајскиот договор на 28 јуни 1919 година. Дискусиите на Мировната конференција за Македонија изгледа дека официјално започнале после потпишувањето на Версајскиот договор, кога на дневен ред дошло составувањето на мировниот договор со Бугарија. После тоа проблемот бил изложуван надвор од Конференцијата. Во тоа била најактивна македонската емиграција чие главно барање било изразено со активноста на Пол Христов или Генералниот совет на македонските друштва во Швајцарија, чие барање било создавање автономна Македонија во нејзиниот географски обем и под заштита на големите сили. Сепак, Големите сили се оглушија од барањата на Македонците и уште еднаш му нанесоа голема неправда на несреќниот македонски народ. По Првата свестска војна силите на Антантата ја санкционира поделбата на Македонија од Букурешт во 1913 година, а од земјата создадоа буре барут кое секогаш може да експлодира. Стотина години потоа Европа повторно ги прави истите грешки. Истите сили, денес повторно си играат со судбината на единствениот слободен дел на Македонија и со својот однос, особено заради Грција, повторно ја доведуваат земјата во состојба која може да експлодира и да го зафати целиот регион и пошироко, вклучувајќи ја и самата Европа.
|