|
|
Во духот на Велигден, до сите праќам порака за мир и добра воља,со верба во Бога и грижа за блискиот |
Денес сакам да кажам каков го посакувам светот. И верувам дека со Божја сила, таков и ќе биде.Мојот поглед: ни за Запад, ни за Исток, туку за Македонија, за мир и добра воља меѓу луѓето, за човечност и верба во Бога. Моето лично обраќање до сите што ја следат Македонска нација од минатата среда, 27 април, ме поттикна за ова што го пишувам и го објавувам сега. Датумот на објавување, срада, 4 мај, има симболика. Три дена по Велигден, но и датум на кој се сеќаваме како ден на погибијата на симболот на македонскиот непокор но и мудрост, Гоце Делчев. Одбележувањето на воскресението на Господ Исус Христос на Велигден го симболизира и возобновувањето на вербата во од Бога благословената добра воља меѓу луѓето со завет кон добри дела во слава Господова. А Гоцевата мудрост не потсетува на библиската порака да се љуби ближниот свој, учејќи дека “светот го разбира само како поле за културен натпревар меѓу луѓето”. Сите ние смртниците, сите ние што во буквална смисла на зборот сме само гости на овој свет, иако на различен начин го славиме Бога, сме од Бога создадени. Само со взаемно прифаќање во различностите и со меѓусебно почитување ќе ја изразиме нашата посветеност кон Неговата премудрост и благодарност што чекориме по светот. Искрената вера во Бога не насочува да правиме добри дела и да се радуваме во мир. И да се молиме за оние што го згрешиле патот. Со ваков вовед, верувам дека веќе претпоставувате за тоа каков го посакувам светот. Свет со многу повеќе човечност, а помалку бездушност, свет со многу повеќе искрена вера во Бога а помалку одглумена побожност, свет во кој ќе бидеме свесни дека ние, што сме живи денес, само сме го позајмиле светот од генерациите што ќе стасуваат после нас (ништо ново не сум кажал. Било многупати речено, но не сум сигурен колку било разбрано). Да се навратам на претходниот текст. Денес сакам да кажам каков го посакувам светот. И верувам дека со Божја сила, таков и ќе биде. Денес ќе речам Европа на Евопјаните, ама не како фраза. Мислам на Германија на Германците, Франција на Французите, Италија на Италијаните... За САД и Русија... Наместо да се натпреваруваат кој колку оружје има и кој колку пати може да ја уништи планетата, како велесили, заедно со Кина, да ја превземат одговорноста за судбината на светот и тоа за сузбивање на сиромаштијата, болестите, уништувањето на природата... Истите пари што ги трошат за рамнотежа на страв, можат да ги трошат за благосостојба и добрина. Посакувам светот да се потпира врз вера во Бога и мир и љубов меѓу луѓето, а не врз страв и закани. Парите потрошени за лошо, можат да се инвестираат во арно. Добра вест во медиумите да биде информација за она што е добро и го слави животот, а не за добра вест да се смета само вест за злодела, уништување, злоба и омраза. Каде е Македонија во сето ова? Ај да почнеме прво од себе. И околу себе. Не мора и не може сите исто да мислиме, ама да се почитуваме, тоа и можеме и мораме. Наместо страв и ривалство со комшиите, да најдеме што е тоа што не поврзува и што заедно го споделуваме. Не ми се допаѓа кога велат "Југоисточна Европа". Безбојно е, бљуткаво. За мене Балканот е бескрајно вреден. Јас сум ЗА Балкан. Балкан не како буре барут, туку Балкан како расадник на добра воља и добра мисла. Во духот на Велигден, до сите праќам порака за мир и добра воља, со верба во Бога и грижа за блискиот свој. Да помагаме онаму каде помош е потребна, и да се придружиме во радоста онаму каде се радуваат. Како што напишав на почетокот, иако на различен начин, сите заедно да го славиме Бога и да сме благодарни што сме во Неговото провидение.Амин! |