|
|
Европска финансиска комисија го контролира посебниот буџет за Македонија во 1907 г. |
Тихомир Каранфилов Мирцштегските реформи претставуваат програма за спроведување на реформи на управата во Македонија кои големите сили и ги наметнаа на Осмалиското царство по Илинденското востание 1903 година. Програмата го добива името по местото Мирцштег во Штаерска, каде во ловечка куќа од 30 септември до 2 октомври 1903 година австрискиот цар Франц Јосеф и рускиот цар Николај II со соработниците, додека траеа востаничките акции, преговараа за зачувување на статус кво на Балканот и го довориле конечниот текст за реформата. Средбата во Мирцштег меѓу австрискиот цар Франц Јосеф и рускиот цар Николај II, на која присуствуваа и австрискиот министер Агенор Голуховски и рускиот министер Владимир Ламсдорф, имаше за цел да го зачуваат статус кво на Балканот. Оттука двете големи сили бараа компромис меѓу османлиската власт и христијанското мнозинство. Како резултат на овие преговори ќе бидат изработени познатите „Мирцштегските реформи“. Вистинските мотиви за наметнување на Мирцштегските реформи, не биле масакрите и безвластието кое владее во Македонија (пред и за време Илинденското востание), туку личните интереси на шесте големи сили на Балканот. Најзаинтересирани за овие реформи од една страна биле Австро-Унгарија и Италија, кои се бореле за превласт на брегот на Јадранското море, а од друга страна била Русија која во тоа време води војна на Далечнит Исток. Најмала заинтересираност покажувала Германија, која не сакала да ги наруши добрите односи со Османлиското царство. Имајќи ги во предвид интересите на големи сили, може да се заклучи дека единствената причина поради која не доаѓа до воена интервенција на Балканот не била воената сила на Отоманското царство, туку нивниот ривалитет кој Портата вешто го користи. Големите сили континуирано се обидувале да наметнат разни планови за реформи во Османлиското царство, но секогаш сите овие обиди завршувале повеќе или помалку со неуспех. Затоа австрискиот и рускиот цар се сложиле дека е потребно проширување на реформите за Македонија, прифатени во февруари 1903 година во Виена, на три начини: 1) реформи во жандармеријата, која би го вклучувало и христијанското население и страни офицери; 2) реформи во правосудството (именување на локални христијани за судии) и 3) реформи на финансиите, со поголема самоуправа на македонските вилаетите (формирање посебен буџет за Македонија, помали даноци и сл.) Суштината на овие реформи, кои се темелеле врз предлогот на англиската влада од 21. IX 1903 година, била: при главниот инспектор Хилми-паша се поставуваат двајца цивилни советници (еден од Австро-Унгарија и еден од Русија), надлежни за примена на реформата во македонските вилаети од страна на турската администрација. Покрај нив, за реорганизација на турската жандармерија во Македонија се именува еден странски генерал, под чија команда се аташираат определен број европски офицери. Исто така се предвидувало реформирање на администрацијата, судството, развивање на месната самоуправа итн. По долги одолговлечувања, турската влада се согласила на предложените реформи, но однапред решена да го спречи нивното воведување. Бидејќи една од првите реформи била жандармеријата, за командант бил именуван италијанскиот генерал Де Џорџис, а во Македонија која била поделена на пет сектори, биле распоредени странски офицери. Скопскиот санџак им бил доделен на австриски офицери, Битолскиот вилает на италијански, Солунскиот на руски, Серскиот санцак на француски, Драмскиот на англиски. Судските реформи не биле спроведени поради недоразбирањето меѓу големите сили се до Младотурската револуција, кога била вклучена во програмот на уставните реформи, а одредбите за реформи во буџетот, Османското царство ги избегнувало да ги спроведе се до 1905 година. Тогаш била формирана Финансиска комисија предвидена со програмата за реформи, што пак било и резултат на демонстрација на сила на флотите на големите сили во близината на Дарданелите. Со формирањето на жадармерија и свој буџет Македонија функционира како посебна единица во рамките на Османската империја. Европската Финансиската комисијакоја која го следи трошењето на средствата собрани од македонските граѓани, при контролата на почетокот на 1907 година во буџетот на Македонија откриваат дефицит од од 360.000 турски лири, односно осум и пол милиони српски динари. Еве што вели белградска Политика од 26 мај 1907 година за „Финансиската контрола во Македонија“. „На својата последна седница, делегатите на европската финансиска контрола со посебен биланс ја утврдија финансиската состојба во Македонија. И покрај тоа што царината била зголемена за три проценти во корист на македонскиот буџет, Турција не успеала за два и поло месеци да даде плата на својата војска и офицерите, ниту веќе три месеци да даде плата на своите цивлни службеници. Неа и останува, значи, дефицит во македонскиот буџет од 360.000 турски лири, односно осум и пол милиони динари. Хилми паша и предложил на финансиската контрола тој дефицит да помине во македонскиот буџет за идната година. Европските делегати едногласно го одбиле овој предлог на Хилми паша. Според одлуката на финансиската контрола, Турција е должна да го изравни овој дефицит барем со сума од 275.000 турски лири кои би ги издвоиле од своите општи финансии и би ги пренеле на македонскиот буџет. Така би останал дефицит само околу милион динари и би се пренеле на македонскиот буџет за идната година, која по турскиот календар, веќе почнала од месец март. Турција одлучно се противи да и со најмала сума и помогне на македонскиот специјален буџет. Овој дефицит, што е најинтересно, не е последица на лоша финансиска или економска состојба во Македонија. Извештајот на финансиската комисија покажува дека оваа година собрано е од народот данок за 15 % повеќе отколку минатата година. Меѓутоа општите отомански финасии во Цариград оваа година била доста оптеретени со воени издатоци, особено овие расходи се зголемени на македонска територија.Сега овој дефицит од осум и пол милиони мора, како било да било, да падне на македонскиот буџет, кој, меѓутоа чисто бил наменет на локалната администрација. Ваквата финансиска контрола, како што е, останува, како и европската жандармерија во Македонија, без своја ефикасна улога. Недоволна, не изведена до крај и без вистински авторитет, финансиската контрола нема никаква самостојна и извршна акција. Денес најкатегорично може да се утврди дека ни европската жандармерија, ни цивилните агенти, ни финансиската контрола не успела ни малку да ја изменат тешката состојба во Македонија. Европа ќе мора, денес или утре, да прогласи банкротство на австро-рускиот реформски програм во Македонија. Од ден на ден земјата се повеќе приближува кон нова катастрофа, која во овој момент, може да се спречи само со коренити, лојални и до крај спроведени реформи.“ – пишува белградски весник. Со свој буџет, независно судство и жандармерија, доколку целосно се реализирале реформите, Македонија би ги имала сите предуслови да стане независна држава, Меѓутоа, Портата успешно ги користела рифалството на големите сили и ја смалува ефикасноста на реформите, во периодот од 1904 до 1909 година. Всушност, Младотурската револуција значи крај за Мирцштегските реформи бидејќи во уставните реформи спроведени во јули 1908 година биле вметнати најзначајните елементи на планиранте реформи. Поради тоа во почетокот на 1909 година доаѓа до повлекување на странските офицери од жандармеријата во Македонија и кон средината на истата година бил суспендиран финансискиот комитет. Со ваквиот развој на настаните, била одземена уште една можност Македонија да се издвои како автономна држава.
|