Среда, 15 Јуни 2016   
„Манастирите во Македонија“ - Во манстирот „Св. Ѓорѓи Зограф“ требало да има многу документи за Охридската архиепископија (3)

Tihomir Karanfilov-001

Подготвил: Тихомир Каранфилов

Манастирот „Св. Ѓорѓи Зограф“ кој се наоѓа во северозападниот дел на Атон (Атос) денес е на деветто место во хиерархијата на манастири во автономната монашка држава  Света Гора, со 40 – тина монаси. Според манастирската легенда, запишана во „Сводна грамота“, овој некогаш богат и славен манастир бил основан во IX или X век од три браќа од Охрид – Мојсеј, Арон и Иван Селима. Најстарите документи кои сведочат за постоењето на братството се од 980 година, но иако тука треба да има документи за Охридската архиепископија, бидејќи последниот архиепископ Арсениј умрел во Зографската келија во Кареја, нив ги нема.

Во книгата „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933), авторот Ѓорѓи Трајчев дава детален прекрасен опис за манастирот „Св. Ѓорѓи Зограф“, каде меѓудругото вели:

„Од Караја, пристаниште на Света Гора, патот до Зограф трае околу 3 часа. Тој има североисточна насока и минува високо низ источните ребра на ланецот, блиску до нејзиниот гребен. Бидејќи е ридеста и кривулеста месноста, така да речиси додека не се стигне до самиот манастир, последниот не се гледа. Мала црква и до неа гробница е првата слика која се издвојува пред посетителот. Зад неа се издига друга зграда – Св. Богородица. Тоа е болница и засолниште. Се сретнуваат уште неколку градби и се доаѓа до широк плоштад, каде се исправа величанствен камен свет манастир – Зограф. Зограф е издигнат на едно од најживописните места на св. Гора. Вгнезден на западната падина, на еден вечно зелен рид, кој исправен над него стрмно, со своите кипарисови и дафинови (ловорови) дрвја, го чува не само од природните бури, туку и од световните напасти.

Во манастирот се влегува од кај северното крило. Над првата врата стои ликот на свети Ѓорѓи Зографски, а зад вратата висат неколку старовремски боздогани. Изгледот на манастирот личи на дворец. Еден грамаден корпус, долг околу 200 метра, на четири спрата, изграден од делкан мермер, се исправа пред посетителот. Тоа е северното крило на манастирот. Манастирскиот двор е широк и послан со калдрма. Јужното крило е најстаро, кое е изградено во 1760 година. По него следи источното. Во југостичниот агол на дворот е изградена во 1801 година, во византиски стил, прекрасна соборна црква св. Ѓорѓи. Десетина куполи со тесни високи прозори ... даваат една впечатливост на храмот. Северо-источно од неа се наоѓа втората Зографска црква Успение св. Богородица, изградена кон 1868 година.  Меѓу двете цркви е павилјонот за крштевање света вода на Богојавление. На северо западниот агол на дворот има споменик на 22 маченици монаси, живи изгорени на 10 октомври 1276 година од папските војски. Византискиот император Михаил Палеолог, за да си обезбеди поддржка... објавил за соединувањето на источната и западната црква, под превласт на Папата. Опозиција за тоа соединување имало и во Света Гора, поради што Зографскиот манастир настрадал. Латините го нападнале манастирот, го опљачкале. Ја запалиле ... кулата и загинале 22 монаси и 4 мирјани. Тогаш биле уништени многу книги и скапоцени црковни работи...      

Недалеку од тие згради, високо на еден рид, постои друг храм, кој го носи името на Ѓорѓи Арабиски. Тука се чува втората чудотворната икона на св. Георги, дојдена од ... родното место на св. В.М.Георги.  Камбанаријата е одделна градба со параклис над неа – св. Преображение. Во манастирската ограда има 6 параклиси: на исток - св. Јован Претеча; под него св. Димитар; во западното крило над трпезаријата е св, Кирил и Методиј; до келијата на игуменот - св. Арангел; под него - св. Козма Зографски; во северното крило над портата – св. 26 Преподобни Зографски маченици. Југоисточно над манастирот е параклисот на св. Никола; на с.- з. – св. Ѓорѓи; на местото „Иваница“ – св. Спиридон; на месноста „Херово“ Св. Покров Богородичен; на црн врв – Пресвета Богородица; на мастирското пристаниште – Св. Николај. Во сите надворешни параклиси се служи најмалку еднаш месечно. Кај сите згради има манастирски згради за живеење на монасите и гости. Најубава е соборната црква Св. Ѓорѓи. Десно од западната врата се забележуваат ликовите на ктиторите: импраторот Лав Мудри, Андроник Палеолог, Стефан Молдавски војвода, Александар Молдавски војвода и др. Трпезаријата во Зограф е широка и висока сала, над која се наоѓа црквата Св Кирил и Методиј. Браќата се хранат секогаш заедно и во определено време.“

Авторот во својата книга „Манастирите на Македонија“ ни ја пренесува и легената за основање на Зографскиот манастир. Според неа, тој бил основан од тројца браќа родум од Охрид. Тоа се Мојсеј,  Арон и Иван (Јован – н.з).

„Според преданието зачувано во манастирот и според еден ракопис од XIV век, најден од арх. Леонида, тројцата браќа дошле во Атон во времето на Лав Мудри.. и се населиле на три места во границите на денешните манастирски имоти. Решиле да изградат заедничка црква, но влегле во спор за името на црквата. Спремиле даска и се молеле на Бог да им го каже решението за недорабирањето. Утрото на вториот ден на даската го нашле ликот на Св Ѓорѓи  Победоносец. Така црквата била посветена на Св. Ѓорѓи, а манастирот го нарекле Зограф, бидејќи иконата самата се зографисала. Таа икона ... е многу почитувана не само во Зограф, туку и во цела Света Гора. Таа е опшиена со прекрасна сребрена и позлатена ризница изработена во Русија.

Според ракописот од XIV век троцата браќа охриѓани дошле во Св, Гора во 911 година и ја изградиле црквата во 919 година, а според манастирските преданија Зограф бил основан во 898 година. Во 1837 година била направена нова ризница на чудотворната икона и на неа е означена датата 898 година. Вистине е, дека манастирот е основан во времето на Лав Премудриот, кој се искачил на престолот во 886 година, а умрел во 912 година. Лав се смета за прв ктитор на манастирот...“  - пишува Трајков  

Во православниот свет огромно било значењето на Охридската патријаршија – Јустинијана прима. Од Охридскиот Универзитет излегуваат голем број ученици кои го шират православието и писменоста меѓу славјанскиот народ. Иако Солун и Халкидики никогаш не влегувале во дијацезата на Охридската архиепископија, сепак врските биле големи. Трајчев за оваа поврзаноста и улогата на Зографскиот манастир вели:

„ ..Пренесената црковно-славјанска книжевност од Охрид, преку трите браќа во Зограф, дала добри плодови во текот на цели 10 века. Повеќе илјади монаси го стекнале тука своето образование. Стотина учители .. излегле од овој манастир, илјадници книги се препишани тука и разнесени по разни краеви на славјанскиот свет.“

Поради своето значење кое го имал манастирот меѓу православните народи, тој бил посетен и даруван од повеќе цареви, војводи и приватни лица. Но, некои од нив, како се менувале полтичките услови, границите и влијанието на Балканот, од манастирот одземааа и делови од имотот. За тоа сведочат повеќе хрисовули. Прилепскиот автор на „Манастирите на Македонија“ за дарувања и за имотот на овој манастир го бележи следното:

„ ...Царот Михаил (1323 - 1330) му подарил имот на Зограф, а наследникот на Александар му подарил нови земји на манастирот. Стефан Душан ја посетил Света Гора во 1351 година. Тој одзел некои земји од Зограф и ги предал на Хилендар, откако поништил шест хрисовули, поврзани за тие земји. Зографскиот манастир нашол покровители и во влахо-молдавските војводи. Во првата половина на XV век Александар Унгаровлашки давал годишна парична помош. Истото го правели војводата Стефан. Така тој станал и манастирски ктитор. Војводата Богдан ја направил манастирската кула на пристаништето во 1517 година. Во 1651 година војводата Василиј му го подарил на Зограф манастирот Добровец со целиот имот. Во 1699 година Молдавскиот војвода Антиох Костадин му го подарил на Зограф Кипријановскиот манастир во Бесарабија со сите имоти. Тоа право на владение било зачувано до скоро време. Во текот на XVIII и XIX  век Зограф веќе не добивал ништо од Молдавија. Тој се издржувал од ... првенци и поклоници од Македонија, Тракија и Бугарија...

Во 1800 година бил срушен стариот катедрален храм и на истото место била изградена сегашната црква. Меѓу донаторите биле Јован Алтипармаков (видинлија - !?). Во текот на првата половина на  XIX  век се спомнува имињата на арх. Анатолиј од Галичник (Реканско) и монахот Хаџи Виктор, кои издејствуваа од рускиот царски дом враќањето на кипријанскиот манастир, кој давал на Зограф годишен доход од околу 100.000 рубљи.

Во 1849 година Зограф станува општожителен манастир, поради кое добива големо значење меѓу другите манастири. Прв игумен бил Јеросхимонах Иларион од Галичник, чичко на митрополитит Партение Зографски.    

Имотите на Зограф биле примерни. На југ од Солун (Каламарија) имаа големи земји: на Лонгос (вториот халкидички пол.) имаше ливади, маслинови гори, полјани; на Тасос маслинови градини и др. Зограф поседуваше свои метоси (манастирска земја – н.з.) по целиот Балкански полуостров. Тој земаше трето место по благосостјба. Во Зограф имало секогаш по 200 монаси... Зографските монаси се занимавале и со книжевност, а манастирската библиотека била богата со книги...“ – пишува Трајчев.

Балканскте војни, Првата светска војна и поделбата на Македонија ја менува целокупната слика во манастирите на Атон, па така и на Зографскиот манастир. Бедата во која запаѓаат манстирите е голема. Под грчка власт доаѓа до намалувањето на монасите и уништување на старославјанските (македонските- н.з) ракописи. Во тој констекс авторот вели: 

„За несреќа оваа скапа наша светина во текот на Првата светска војна, кога во Русија владее болшевизмот, а Македонија е поделена меѓу нашите непријателски народи, и кога Атон се управува од за нас вековни инородци (туѓинци – н.з.), сите нејзини извори од каде Зограф ја црпеше својата издршка, пресушија. ... Манастир Зограф, кој некогаш цветаше, а сега беше во беда, бидејќи значајни суми вложени во руската господарска банка пропаднаа по руската револуција. На пространите имоти во Бесарабија стави рака романската влада. Владенијата во грчка Македонија се ставија под тежок режим.“ - пишува Трајчев.

Повикувајќи се на повеќе извори, Трајчев пишува и за книжевната оставнина која се наоѓа во библиотека на Зографскиот манастир Тој ги пренесува податоците од изработениот каталог од Г. А. Илински од 1808 година, во кој се забележени 184 ракописи и кои се:  „17 се од XIII век, 7 од XIII – XIV век, 15 од XIV век, 2 од XIV - XV век век, 14  од XV век, 4 од XV - XVI век, 54 од XVI век, 8 од XVI - XVII век, 65 од XVII век.“ По оддели, како што пренесува авторот, тоа се: „39 евангелија, 5 апостоли, 1 апостол и евангелие, 19 пасалтири, 10 триоди, 1 стихар, 1 трефологија, 19 служ. минеи, 3 празнични минеи, 3 часослови, 2 каконика, 6 требници, 16 служебници, 2 служби, 5 молитвословија, 2 акатиса, 1 сбор на богослужбена книга, 5 црковно правни, 1 историска, 12 творенија на црковни оци, 3 житија, 3 минеи, 1 книга молитви и поученија, 10 пролови, 3 зборници. Ракописите се 61 од средно-бугарска редакција, 112 од српска и 6 од руска. 

Трајчев пишува и за славјанските ракописи кои по ред се опишани од А.П. Стоилов, кој во 1902 година престојувал три недели во Зограф. Така според Стоилов  „сите славјански ракописи се 257, од кои 25 се пишувани на паргамент, а останатите 233 на хартија... Пергаментните ракописи се 25 и 7 ненумерирани, од кои: минеи 2 од  XIII век, 12 четвороевангелија од XII – XIV век и само едно од XV век, 3 триода од XIII век, еден службеник од XIV век, еден апостол од XIV век, два псалтира од XIII век, еден месецослов од XIV век, еден требник од XIV век, еден октоих од XIII век.“

Меѓудругото, постојат зачувани повеќе написи и белешки кој говорат за минатото. За откриените текстови споменици за Кирилската писменост од XI и XII век пишува Илински („Македонски листок“, С. Петербург, 1906; „Македонски глаголически листок -  текст на Ефрема Сирена“, С. Петербург, 1909). Трајчев без да го спомене овој пат Илински говори  за зачуваното глаголското евангелие и вели:

„Зографскиот манастир којшто го беше зачувал за науката и поколението своето прочуено глаголско евангелие од X - XI век, тоа во библиотеката е најстаро до сега познато датирано славјанско писмо од 980 година. Тоа е славјански потпис на игуменот, поставен на врвот на еден грчки продажен лист, ставен од стариот носител на манастирчето св. Апостол Тома, на новиот  купувач Онисифор во 980 година. Продажбата е зачувана во два примероци, пишани на пергамент....“

Главниот заклучок, кој Трајчев го дава тогаш врз основа на овој натпис е дека „тој заедно со Самоуловиот натпис (993) и Варошкиот (996) се единствените позитивни писмени паметници, кои го искажуваат  живиот јужно славјанскиот јазик од  X век и во таква форма во која науката го сфаќа Кирило-Матодиевиот јазик, на кој што јазик е извршен преводот на богослужбените книги. А тој јазик е на (Македонците – н.з.). И за среќа и трите споманати паметници произлегуваат од Македонија.“.

Григорович (1845), како што пишува Трајчев, во манастирот видел околу 100 ракописи, од кои 65 црковни и по нови, а најважното откритие за кој тој спомнува е глаголското евангелие. Него го открил австрискиот конзул во Солун Михајлович во 1843 година. Освен ракописите Григорович видел и хрисовули, меѓу кои и од Андрониј Палеолог на славјански.  Во Зограф  имало 15 хрисовули од разни цареви. Исто така, во Зографскиот манастир, каде до Балканските војни имаше 160 монаси, а денес околу 40 –тина се чуваат разни грамоти и ракописи.

Познато е дека Грците систематски ги уништувале старославјанските документи и дека Цариградската патријаршија е причина за укинувањето на Охридската архиепископија. Сепак, Трајчев на крај на својот запис за Зографскиот манастир, ја потенцира изјавата на Григорович дека, „тука требало да има многу документи за Охридската архиепископија, бидејќи последниот Охридски архиепископ Арсениј умрел во Зографската ќелија во Кареја.

(Продолжува)

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.