|
|
Во манастирот Хилендар долго време служат монаси од Македонија (4) |
Подготвил: Тихомир Каранфилов Хилендар e познат како српски манастир. Но, во 1896 година, српскиот крал Александар Обреновиќ требаше да го посети официјално Хилендар, не од голема љубов, туку од чисто национално српско гледиште, за да стави рака на манастирот, што подоцна и успеа иако во манастирот речиси да немаше српски монаси, сите беа ... од Македонија, Тракија и Бугарија.“ – пишува авторот Ѓорѓи Трајчев во својата книга „Манастирите на Македонија“ (1933). Во 1018 година, Македонија потпаѓа под власт на Византија, но Василиј II не ја уништува црквата на Самуиловот царство. Тој само ја сведува само на ранг архиепископија со седиште во Охрид, а за архиепископ го именува игуменот на дебарскиот манастир македонецот Јован. Тој ја потврдил и дијацезата на Охридската архиепископија, под чија управа се наоѓаат 31 епархија: во Македонија (без Солун и Халкидики), Албанија, Епир, Тесалија, Србија и подунавска Бугарија, со што се зачувало обележјето на македонско-славјанската црква. По смртта на Василиј II (1025 г.), а особено по смртта на архиепископот Јован (1037 г.), кога на негово место доаѓа гркот Лав, во Македонија почнуваат да доаѓаат грчки свештеници и монаси при што доаѓа до заоштрување на односите со византиските власти. И покрај притисоците на грчкото свештенство учениците на охридската школа ја шират македонската редакција на црковно-славјанскиот јазик. Тие го пренесуваат своето знаење насекаде во рамките на диецезата, па и на Света Гора, каде тројца браќа од Охрид (Мојсеј, Арон и Иван Селима) го основаа Зографскиот манастир уште во IX или X век. Во втората половина на XII век доаѓа до опаѓање на моќта на Византија, па Србите и Бугарите започнуваа со востанија. Во 1170 година во Рашка, Немања се прогласува за голем жупан, а во 1175 година во Бугарија се крена востанието на Асенови, што беше почеток на т.н. Второ бугарско царство, а веќе нареднта година се формира самостојна бугарска црква. Трновска архиепископија прераснува во патријаршија и се шири на сметка на Охридската архиепископија. Зајакнувањето на српската држава доведува до нови промени во Охридската архиепископија. Во 1219 год. Србите се отцепуваат од Охридската архиепископија и создаваат своја афтокефална Српска архиепископија на чие чело е најмладиот син на Немања, Сава. Со формирањето на двете цркви, Охридската архиепископија чија дијацеза во овој период во територијален поглед била под три царства, го губи првостепеното значење на Балканот, а српските монаси се појавуваат и на Атон. Трајчев во своето дело „Манасирите на Македонија“ за формирањето на Хиландар вели: „Хиландар во старо време бил грчки манастир. Кон крајот на XII век тој се запуштил и во 1200 година бил обновен од Св. Сава, кога византискиот император Алексиј Ангел, без да ги праша властите на Света Гора го дал на Србите. Сепак во Хилендар низ вековите најмногу служат монаси од Македонија, Тракија и Бугарија, а тој бил поддржуван не само од српските владетели, туку и од македонските, бугарските, влашките, молдавските и руските владетели. Опишувајќи го Хилендар Трајчев ќе напише: „Хилендар е северозападно од Зограф, оддалечен час и половина. Расположен е во чудно убава гора, покрај еден мал поток. Десниот наклон на долината е покриен со голема, вечно зелена гора, а левиот е карпест. Карпите се варовити со многу пештери... Хилендар е во дното на долината и има прекрасен изглед од височина. Во манастирот се влегува од кај северната страна низ еден средновековен влез со железни врати. Дворот наликува на неправилен четириаголник, заграден од сите страни со високи камени згради. Хилендарската црква е прекрасна зграда, една од најубавите во Света Гора. Направена е во чист византиски стил во XIII век од Стефан Урош II Милутин. Ѕидовите се ѕидани од делкан камен и тули, а покривот е од олово. Црквата е долга 35 метри, а широка 13. По средината се издига прекрасно кубе со убави прозорци, а поназад има други две кубиња. Црквата е со два трема. По зидовите се забележуваат ликовите на разни српски владетели, кои го помагале манастирот. Има слики и на некои византиски господари. Црквата остава длабок впечаток со својот богат иконостас, исцело позлатен, со подарените икони, над кои висат множество златни и сребрени кандила, со голем хор и множество лустери, со скапоцен мозаичен влез, каков нема во Света Гора, со убави аналои, украсени со резби и украси од седеф и слонова коска и друго. Особено впечатлив е игуменскиот стол, поставен од десна страна до пеачкиот полукруг. Тој е направен во 1625 г. од ореово дрво и со украси од седеф и слонова коска. Од десната страна се наоѓа во позлатена рамка најпознатата манастирска икона Св. Богородица „Троеручица“ облечена со позлатена кошула, накитена со скапоцен камен и со стари монети. Над иконата стои балдахин со 12 кандила, кои вечно горат. Хилендар не е општожителен манастир. Тој се управува од три епитропи (застапници н.з), без игумен. Тука монасите немаат општ имот и трпезарија, како во Зограф, туку секој си има свој имот и се храни оделно, како може и колку може. Јадат и месо, а во општожителните тоа е забрането. Од манастирот се дава по една мала сума пари, леб и некои други продукти и алишта за монасите, а за сето друго сами се грижат. И затоа братството не е цврсто групирано околу општите интереси на манастирот, како во општожителните манастири. Управувањето со манастирот не доверено на игумен туку на собор, кој се состои од сите повидни монаси. Соборот избора секоја година по два епитропи (се грижат за црковните пари – н.з.), кои стојат на чело на управувањето. Тие и ред други причини, доста чуствително ја расклатиле економската состојба на манастирот, така да во 1896 година требаше официјално да го посети Хилендар српскиот крал Александар Обреновиќ, не од голема љубов, туку од чисто национално српско гледиште, за да стави рака на манастирот, што подоцна и успеа иако во манастирот речиси да немаше српски монаси, сите беа ... од Тракија, Македонија и Бугарија.“ По доаѓањето на Турците кон крајот на XIV век Македонија, тие се толерантни кон верата и не влијаат врз автокефалноста на Охридската архиепископија. По целосното освојување на Балканот, под турска власт се нашле четири самостојни православни цркви: Охридската архиепископија, Цариградската патријаршија, Трновската патријаршија и Печката патријаршија. На почетокот на XIV век кон Охридската архиепископија биле приклучени софиската и видинската епархија, а кон средината на векот кон неа биле приклучени Влашката и Молдавската епархија, а потоа и некои општини во Италија и Далмација. Иако, во 1767 Охридската архиепископија е укината, верниците од овие епархии донираат за манастирите во Атон. За донаторите на Хилендар Трајчев ќе го забележи следното: „Манастирските градби се доста стари. Источното крило е поправено во 1649 година. Има 4 ката и висока кула со параклис на св. Јован Крстител. До неа има друга кула со часовник, ѕвонарница и параклис на Св. Иван Рилски, подигнат во 1796 година од Дедо В’лко Чалков, од Копривштица. Во западниот дел се наоѓа стара трпезарија и библиотека. Тој дел од подновен од Видинци и Копришвштани во 1789 година. Тука има параклис Св. Сава, изграден од копривштанецот чорбаџи Гено, чија што лик е насликан од десната страна на притворот. Од лева страна на притворот се насликани ликовите на Видинеците Кир Хаџи Николај, Кир Теодор и Кир х. Тошо.... Северното крило на манастирот е подновено во првата половина на XIX век од поклоници од Бугарија. До главната црква, од десно се наоѓа гробот на Кесар Воихна... (управител на Драма посед на македонскиот крал Јован Углеша, брат на Волкашин). Од десната страна пред црквата е водосветилница, изградена од монахот Стефан од Копривиштица... Видливо е како верниците кои во најголем дел се диацезата на Охридската архиепископија го потпомагаат манстирот Хиландар, па интересно како станува српски. Трајчев за ова го раскажува следното: „ ...Српските владари се грижеле за манастирот и го дарувале. Особено се споменува Стефан Урош II Милутин, кој ја издигнал одново манастирската црква и подарил многу села и имот. И Стефан Душан, кој лично го посетил манастирот, го раширил неговиот имот на Полуостровот. Од XIV век српската држава опаѓа и помошта намалува. Од XVI век до крајот на XVII век манастирот се поддржува од Русија, а кон крајот на XVII век, еден венецијански трговец (Србин) дошол во Хилендар, се покалуѓерил и ги исплатил сите манастирски долгови... Подоцна почнале да доаѓаат со своја помош .... поклоници на Копривштица, Видин и други места, кои правеле нови објекти и обновувања.Во тоа време се променило и манастирското монаштво. И кон крајот на XVIII век Хилендар е (славјански) манастир.... Во истото време се создадоа мноштво метоси во Македонија, Бугарија и Тракија, а самиот манастир зеде живо учество во преродбата на (славјанскиот) народ... Во 1894 година, кога В. К’нчев го посетил Хилендар, таму затекнал 70 монаси од кои 2 - Власи, 2 – Грци, 2 – Чеси, 2 - Арнаути, 1 – Србин, 1 – Русин и сите други 60 – (славјани) мнозината млади момци од Малешевско и Неврокопско. Во 1897 година. Хилендар станува исклучително српски. И сега, сепак српското монаштво, безволно оди во задужбината на Немања.“ Во однос на богатството на мастирската библиотека на Хиландар, авторот на „Манасирите во Македонија“ ни ги дава следните податоци: „Во западниот дел се наоѓа манастирската библиотека. Хилендар има многу древни книги, но многу од нив се изгубени. Се наоѓаат околу 300 ракописи, меѓу кои евангелие од XII век. Тука е една Паисиева историја, препишана од проигуменот Пантелејмон во градот Расчук (Русе) до 1809 година.“ Инаку кога Григорович го посетил манастирот (20. XI – 21. XII 1844 г.) затекнал славјани монаси, под раководство на Грци. Тука, како што пренесува Трајчев, тој наишол на околу 80 ракописи и други 150 скриени и уште 20 ракописи во кулата. Однесувајќи се недоверливо, братството не се покажало услужливо кон Григорович во покажувањето на манастирските ракописи. На крај тој разгледал уште околу 100 хрисовули..“ Едната од нив, била од Константин Асен Тих (1270 – 1287) за Виргинскиот манастир во Скопје. Таа била доста оштетена, поради која не можела целосно да се прочита. Потоа евангелие на Цар Георги Тартар II од 1322 година. Тоа историско евангелија се чува во хилендарската библиотека под бр. 7, како и други. Освен овие хрисовули Григорович видел уште многу на српски, влашки и други господари. Освен за откритијата на Григорович, авторот Трајчев уште не запознава дека во поновото издание на проф. Јордан Иванов (1931 г.) биле набројани околу 40 разни белешки и надписи во Хиландарската светина. Во својот напис за Хилендарскиот манастир, Ѓорѓи Трајчев ќе не запознае и со светињите на манастирот, како и за учеството на поедини монаси во македонската револуционерна борба: „Хилендарскиот манастир има чудотворна икона која ја излекувала отсечената рака на Св. Јован Дамаскин, поради која е наречена „Троеручица“. Има голема дел од делот на дрвото на Св. Крст и дел од трновиот венец; дел и три влакна од светата брада Христова; има свети мошти: главата на Евтихаја патријархот, нога на Симион Столпни и Св. Маченица Марина и други различни делови; царски жезол, даден на св. Сава Српски и други. Хилендарец е и извесниот револуционер Ѓаконот Евстатиј, ресенски војвода во текот на 1905 година, стар револуционер кој зел живо учество во нашето револуционерно дело, а за време на Балканската и Светската војна стоел на чело на партизанска чета.“ - пишува Трајчев на крајот од својот напис за Хилендар во своето дело „Манастирите на Македонија“. (продолжува)
|