|
|
Осамениот воин Драган Богдамовски |
ВМРО ДПМНЕ на 17 јуни 2016 година го прослави својот 26 роденден. Но, да се говори за партијата и нејзините достигнувања од основањето до денес, не може а да не се каже неколку збора за нејзиниот идеолог и еден од основачите Драган Богдановски. Тој беше осамен воои кој повеќе децени, откажувајќи се од животните благодети, се бореше за остварување на илинденските (Гоцеви) идеали за ослободување и обединување на сите делови на Македонија. Драган Богдановски (18. IX 1929 – 31. V 1998) е еден од најпознатите македонски дисиденти, кој повеќе од 30 години беше во челните редови на патриотската македонска емиграција. Воспитан во патриотски дух од неговиот сакан дедо Богдан, кој бил илинденец-комита во четата на Атанас Бабата (по кого го сменува и своето презиме од Станковски во Богдановски), уште на третиот семестар од студентските денови во Белград се јавува како иницијатор за формирање на „Македонскиот студентски клуб“, поради што во 1950 г. бил осуден на 6 месеци затвор и бил исклучен од Универзитетот без право на упис на било кој факултет во Југославија. Ваквата мерка од основа ќе го смени животот на Богдановски. Почнувајќи од 1951 година кога со неколку колеги ја минува југословенско-грчката граница, Богдановски во текот на својот животен пат престојува во повеќе држави: Грција, Аргентина, Бразил, Франција, Норвешка, Шведска, Белгија, Швајцарија и СР германија. Талкајќи сам по светот, каде и да бил, тој активно дејствувал за остварување на идеалите на Гоце Делчев. Во 1954 година доаѓа во Париз и се запишува на Сорбона каде студиран на Факултетот за политички науки и журналистика. Истовремено започнува со политичко дејствување и во 1956 заедно со група македонски емигранти учествува во формирањето на организацијата „Македонски национален фронт“. Тој е избран во раководството и е поставен за редактор на органот на организацијата „Македонска искра“, кој набрзо бил забранет по интервенција на Белград и Атина. Во 1958 година, по иницијатива на Богдановски во Шведска се формира организацијата „Македонски национален комитет“, во чие раководство влегува и станува редактор на органот „Македонска лоза“. А во 1962 година членовите го менуваат името на организацијата во „Ослободителен комитет на Македонија“, а тој станува редактор на списанието „Македонија“, во кое од 1964 до 1969 година објавува свои написи редакциски коментари. Како редактор тој ја организира доставата на списание до повеќе лица во Европа и прекуокенските земји. По одржувањето на Уставотворниот конгрес во Кил во јули 1967 година, на кој е донесена политичка платформа, статут, Манифест на македонскиот народ и политички реферати, Багдановски истите ги публикува во посебна брошура и ги шири низ Европа. Во овој период Богдановски го издава списанието „Македонска лоза“, а во почетокот на 1971 година, го основа списанието „Македонска нација“. Во 1972 година, по негова иницијатива, на вонреден конгрес „Ослободителниот комитет на Македонија“ прераснува во „Движење за обединување на Македонија“ (ДОМ), а весникот „Македонска нација“ станува нејзин орган. Истата година, во согласност со ограноците во САД, Канада и Австралија формиран е нов централен комитет, а за претседател бил избран Богдановски, кој активно работи за нејзино омасовување. Две години потоа, по негова иницијатива на општ конгрес во Минхен, ДОМ го сменува името во „Движење за ослободување и обединување на Македонија“ (ДООМ). Во рамките на организациите МНФ, МНК, ОКМ, ДОМ и ДООМ, Богдановски ги обединуваше луѓето околу заедничката идеја, организираше списанија во кои објавува свои написи, а печати низа летоци, апели, меморандуми и прогласи со промакедонска содржина. Според тогашните безбедносни структури, Богдановски имал напишано повеќе текстови за Македонија отколки сите новинари во Македонија. Неговите сепаратистичи ставови го привлекле вниманието на УДБ-а, но таа иако го следи долго време не превзела ништо, бидејќи ставовите на Богдановски и членството на ДООМ, изнесени во „Македонска нација“ беа одбрана од делувањето на пробугарската организација. Самото остранување на Богдановски би значело македонските емигранти лесно да подпаднат под влијание на пробугарската МПО. Меѓутоа, со разгорувањето на меѓусебната пресметка меѓу екстремната југословенска емиграција и УДБ-а, во која биле ликвидирани амбасадори, конзули и видни емигранти, било одлучено да биде остранет и Драги Богдановски, како опасен емигрант, иако тој и организацијата ДООМ не презеле нити една конкретна акција против тогашна Југославија. Во 1977 година Богдановски бил киднапиран во Париз и донесен во земјата, каде е осуден на 13 години затвор. Пуштен од затвор е во 1988 година. Меѓутоа и по цена на сите полициски тортури и судски процеси од поранешниот режим, до крајот на својот живот, Богдановски не ги напуштил идеите за ослободување и обединување на сите делови на Македонија. По излегувањето од затвор, Бигдановски со подршка на браќата Гојко и Мане Јаковлевски кратко живее во Скопје и потоа заминува во Шведска, каде во сумракот на Југославија, подготвува програма за формирање на национална политичка партија во Македонија, која е отпечатена во „Млад борец“. Според него таа партија треба да се вика „Демократска партија на македонско национално единство“ (ДПМНЕ). Во 1990 година заедно со Гојко Јаковлевски од Берлин се состануваат во Минхен, каде е донесена одлуката за формирање на партија со предзнак ВМРО. На состанокот присуствуваат и Љупчо Георгиевски, Борис Змејковски и Владо Транталовски од Ресен, по што партијата на 17.06.1990 г.се формира и регистрира во Македонија. На првиот конгрес на ВМРО ДПМНЕ, одржан во Прилеп на 6 и 7 април 1991 г., Драган Богдановски е избран за почесен претседател на партијата, а од 1991 до 1993 г. е претседател на Задграничниот комитет на ВМРО ДПМНЕ за Европа. Меѓутоа, доаѓа до заладување на односите помеѓу него и претседателот на партијата, Љубчо Георгиевски. Во 1993 г. доаѓа до конечното разделување од ВМРО ДПМНЕ. Драган Богдановски умира на 31 мај 1998 г. во воз (во местото Фредериција, Данска), на пат од Шведска во Германија. Погребан е во присуство на семејството и најблиските во Куманово на 1 август 1998 г. На погребот беа присутни членовите на семејството, неговите пријатели, општинските раководители на градот Ресен и еден претставник од ВМРО ДПМНЕ. Во животот и делото на Драган Богдановски, како и во формирањето на партијата ВМРО ДПМНЕ, голема улога играат браќата Јаковлевски, а помалиот брат Мане Јаковлевски го продолжува списанието „Македонска нација“, кое денес излегува во електронска форма.
|