|
|
ЕУ, НАТО и САД можат да се распаднат, ама Македонците нема да го сменат името |
Македонија одамна е подготвена за интеграција во ЕУ и НАТО, а и народот го посакуваше тоа. Земјата повеќе пати покажа и докажа дека има капацитет да ги превземе обврските и одговорностите за да придонесе кон стабилноста на Балканот и сигурноста во Евроатланската зона. Македонските војници долги години учествуваат во мировните мисии, а покажаа умешност и во справувањето со бегалската криза. Но, македонскиот народ уште еднаш беше разочаран. На Самитот на НАТО во Полска беше повторена одлуката од Букурешт 2008, за покана на Македонија за членство во НАТО, штом ќе се изнајде решение на спорот за името. Иако е познато дека со Грција нема решение за името, во завршното коминике на земјите членки на НАТО на Самитот во Полска, кој се одржа деновиве во Варшава, се повтори поканата за Македонија да стане членка на НАТО штом се изнајде решение на спорот за името. Истовремено беше упатен повик за реформи во областа на судството и медиумите и исполнување на договорот од Пржино. Односно, да се овозможи опозицијата, која е спремна за остапки во врска со името, да влезе во власта. Разочарувачки и понижувачки за Македонија, за земја која широко ги отвори вратите за НАТО за време на интервенцијата на Косово 1999 г., за земјата чии војници рамо до рамо учествуваат долги години во рамките на мировните мисии на НАТО, за земјата чии војници во 2011 година го бранеа седиштетео на Алијансата во Кабул, Авганистан и т.н.. Со повторувањето на одлуката од Букурешт, НАТО покажа дека не го почитува меѓународното право и одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Алијанста отворено застана на страната на својата членка Грција, која континуирано превзема низа мерки против постоењето на Македонија и со тоа директно ја загрозува безбедноста во регионот и пошироко. Македонскиот народ кој веруваше на меѓународното право и кој сакаше со цело свое срце да биде членка на ЕУ и НАТО, но, не по цена на името и идентитетот, по сите овие години на понижувања, лажни ветувања и двојни стандарди, се помалку му верува и сака да биде член на такво друштво. Дека македонскиот народ се лади во своите чуства покажуваат анкетите, кои многу добро им се познати и на меѓународниот фактор. Особено, провоцирањето и нивното вмешувањето на меѓународниот фактор во разрешувањето на внатрешните проблеми на земјата, во изминатата децениа и пол, кои резултираа со промени во општествената слика на штета на македонскиот народ, допринесе да се измени и сликата за нивната добронамерност. Прислушкувањето, шарената револуција и обидите со опозицијата предводена од аболиран политичар да се урне легалната власт, потоа договорот од Пржино, беа само кулминација која допринесе да се закочат евроатланските интеграции, се додека не се реши проблемот со името. Всушност создавање на такви услови кога народот самиот треба да се откаже од своето име. Во Македонија и на малото дете му е јасно дека политичката криза во земјата во најголем дел е креирана од надвор и дека на Македонија нема да и се дозволи да стане членка се додека македонскиот народ не го смени името, не се разнебити како народ. Така и одлуката од Варшава беше очекувана. Се поставува прашањето дали тоа се прави исклучиво заради Грција или пак заради интересите на некоја од главните земји членки на НАТО. Меѓународниот фактор е свесен дека после сите настани се повеќе ја губи довербата не само кај македонскиот народ, туку и кај другите заедници во Македонија, што лесно може да доведе до целосна промена на курсот во земјата. Затоа тој се повеќе врши притисок врз политичките фактори во земјата и брза што побргу да има избори на кои би се избрала марионетска власт. За таа цел, набргу по Самитот на НАТО, во Македонија во кратка посета пристигна помошничката на американскиот државен секретар Викторија Нуланд. Меѓутоа, пред Нуланд да се сретне со преставниците на македонските власти, таа прво ги посети Тирана и Приштина. Потоа по доаѓањето во Македонија, по средбите што ги имаше со лидерите на партиите потписници на Пржинскиот договор, таа се сретна со специјалната обвинителка Катица Јанева и претставници на граѓанските организации и новинари. Таа, всушност се сретна со регионалните пиони кои се користат за притисок врз оние кои се спротивставуваат на промена на името и идентитетот на македонскиот народ. Викторија Нуланд по состаноците најави брз договор за нови избори и искажа поддршка на процесот за зајакнување на судството и владеењето на правото. Таа соопшти дека заминува охрабрена дека во следните денови ќе се постигне договор за спорните прашања. Истовремено, таа индиректно најави санкции доколку нема напредок, со што ги открива вистинските намери. Меѓутоа, ако таа, која е позната по славната изјава за време на кризата во Украина со која ја навреди ЕУ, смета дека без да се праша македонскиот народ, со своите пиони ќе ја спроведе својата агенда, едноставно многу се излажала. Македонскиот народ успеал да го сочува своето име и во римско, визатиско, турско и друго ропство. Империи пропаѓале, но македонскиот народ успеал да опстане. Така и сега, ЕУ, НАТО и САД, како што тргнало, можат да се распаднат, ама Македонците нема да го сменат името. Тие трпеливо ќе чекаат и ќе успеаат да ги пребродат сите овие нечесни обиди за негово обезличување. Македонците ќе го зачувуваат сопственото име, кое е нарезделен дел од нивната самобит.
|