|
|
Илинден му припаѓа на македонскиот народ |
Македонците се библиски народ, овековечени во светата книга. Во неа пишува дека Апостол Павле дошол во Македонија на повик на Македонец, а не на повик на некој наш сосед. Многу од соседите на Македонците, незадоволни од сопственото минато, со векови се обидуваат да ја уништат, преиначат или присвојат славната историја на македонскиот народ. Во последните речиси два века уништување и присвојување на македонската историја континуирано се зголемува и трае до ден денешен. Вообичаено тој тренд добива на интензитет пред некој значаен настан или национален празник на македонскиот народ. Долги години сме сведоци како нашите соседи, сите тргнувајќи од своите интереси не ни го признаваат името, идентитетот, културата и црквата. Едни или други, повеќе или помалку, не блокираа во евроатланските интеграции и не попречуваат во нормалниот развој на државата. Всушност, трите соседни држави кои ја поделија Македонија во 1913 година, со години, децении, а некои со векови, ги прилагодуваат своите истории за да можат да претендираат на македонското културно наследство. Меѓутоа, тоа не е патот до просветлувањето, туку патот до пеколот, каде сите го плаќаат данокот за неброените злосторства направени врз македонскиот народ. Денес некои се обидуваат да го присвојат Илинденското востание од 1903 година како свое, бидејќи како што велат нивните претци го кренале Востанието. Коректно е да се каже дека во Илинденското востание зеле учество и Бугари, Срби, Црногорци,Чеси, Грци и сл., исто како што е точно да се каже дека во ослободителните востанија на Србија, Бугарија, Грција и Романија учествувале и Македонци. Зарем треба Македонците да бараат и да ги присвојат нивните ослободителните востаниа само затоа што нашите претци солидаризирајќи се со своите соседи поитале со оружје врака да им помогнат да се ослободат од вековниот поробител на христијанското население на Балканот. Сигурно не, тоа се нивни востанија во кои Македонците само помагале. Но, исто така не може да се каже дека тоа е нивно востание. Македонскиот народ не може и не смее да дозволи другите да ја присвојуваат македонската историја и македонското ослободително дело. Македонските револуционери сосема децидно се изјасниле против таквите пропаганди и затоа порано или подоцна биле ликвидирани. Дека тоа било исклучиво дело на народ од Македонија говори и Гоце Делчев кој немајќи верба во нашите соседи вели: „Ослободението на Македонија лежи во внатрешно востание. Доколку можеше поинаку, Македонија одамна ќе беше слободна државичка.“ „ ...Tоа е патот за ослободувањето на народите од туѓо его. По него оделе Грците, Србите, Бугарите. По тој пат треба да одиме и ние, Македонците, за да се ослободиме од Османлиите." Слично на Гоце и Јане Сандански ќе изјави: „Tреба да се бориме за издвојување на својата слобода без да се надеваме на туѓа помош, зошто оние кои ќе дојдат да не ослободат, всушност ќе дојдат да не заробат." „Македонците не се ниту Бугари, ниту Грци ниту Срби ниту Куцовласи, туку се чисти Македонци, потомци на античките македонци на Филип II и на Александар, кои што ги подјармија Грците." И покрај развиените пропаганди на соседите, постојат голем број докази дека македонските револуционери се изјаснуваат како Македонци, а револуционерно дело исклучиво како македонско. Во тој контекс, како и многу други македонски револуционери, Борис Сарафов ќе каже: „Ние Mакедонците не сме ни Срби, ни Бугари, туку просто Македонци. Македонскиот народ постои одделно и од српскиот и од бугарскиот... Србите и Бугарите нека не забораваат дека Македонија е само за Македонците.“ Токму поради ваквиот отпор кај македонскиот народ, како и поради зближување на Белград и Софија, во текот на 3 дена во септември 1924 година, во Бугарија беа убиени водачите на Македонците – Илинденци, Федералисти и Сандинисти. Убиствата беа во врска со познатиот Мајски манифест од 1924 година, односно беа ликвидирани сите кои сметаа дека ослободувањето на македонскиот народ може да се постигне преку единството на македонското ослободително движење. Едноставно македонските раководители паднаа во одбрана на македонската вистина. За разлика од сите тие кои се обидувале и се обидуваат да ја присвојат македонската историја, македонскиот народ никогаш немал такви тенденции. Ниту сакал да биде Бугарин, ниту Србин, ниту пак Грк, па да има потреба да ја присвојува нивната историја и нивните дејци. Иако некогаш и политички и духовно владеел со дел од тие територии Македонецот никогаш не сакал да истакнува дека тие се македонски територии и тие народи се Македонци, дури кога и сами се именувале како македонијани од пределите Македонски. Едноставно и без да се навлегува многу во историјата јасно е кој е кој и од каде потекнува. Македонија е библиска земја, за која Димитрија Чуповски вели дека е, прославена од Александар Македонски, осветена од Апостол Павле, облагородена од дејноста на светите браќа Кирил и Методиј, обединета од славниот Цар Самуил, бранета од храбриот Добромир Хрс, обесмртена од Крале Марко, облеана од крвта на милион маченици за слобода.... Илинден 1903 е дело на македонскиот народ раководен од Македонската револуционерна организација ВМРО. Народот е Организацијата, а Организација е народот – Македонци кои никогаш нема да прифатат да бидат управувани од ниту еден наш сосед или било кој друг. Ние Македонците сме потомци на Филип II и Александар кои го освоија речиси целиот антички свет и нема да му дозволиме некому кој нема своја историја, свои светли синови, да го присвојуваат Илинден 1903.
|