|
|
Илинденското востание го изненади светот |
Свекрва Пред 113 години, на 2 август 1903 година пламна големото македонско востание познато како Илинденско востание. Тоа востание е една славна епопеја на револуционерната борба на македонскиот народ, на неговиот незадржив устрем кон слобода и независност. Во него дојдоа до израз вековните стремежи на македонскиот народ за национално ослободување и реализирање на државотворните традиции. Овој стремеж ќе се оствари на вториот Илинден, на 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Отец Прохор Пчински, каде пред 72 години на Првото заседание на АСНОМ беше возобновена македонската држава. Илинден 1903 година значеше многу, како за своето време така и за иднината на македонскиот народ. Македонците никогаш не ги заборавија спомените на Илинден и претците кои со својата крв ја испишаа поновата македонска историја. Не ги заборавија ни по 1913 година кога Македонија беше распарчана и кога новите поробители се трудеа да го избришат секој спомен за првата Република на Балканот и споменот за македонските корени. Всушност, големината на историските настани се изразува со трајноста во колективната меморија на еден народ. А македонскиот народ ги памети двата Илиндена (1903 и 1944), сеуште памети дека сите македонски дејци големи и мали застанаа во првите редови на борбата на својот народ. Сеуште памети за масовниот хероизам и на стотиците и илјадници македонски синови и ќерки кои ги положија своите животи за слобода на својата татковина. Но, исто така македонскиот народ во својата колективна меморија памети дека додека во 1903 година околу 30.000 слабовооружени македонски востаници водеа борба на живот и смрт со добороворужената 300.000 турска армија, српската, бугарската и грчката армија беа во касарните. Србија, Бугарија и Грција за време на востанијето ги затворија границите и се изјаснија против поддршка на македонските востаници. Нивните влади кои претендираа на македонската земја чекаа да биде уништена Македонската револуционерна организација и македонските дејци, како и да се деморализира народот, за да можат потоа полесно од веќе начната Османска империја, да завладеат со опустошената македонска земја. Илинденското востание со својата масовност, еланот и храброста која ја покажа македонскиот народ во текот на тримесечните неравноправни борби, пројавеното единство и сплотеност на народот во одбраната на Крушевската Република родена во огнот на револуцијата, го изненади светот. Сепак последиците од турските злосторства, масакрите и масовните злосторства, опожарените села, како и колоните бегалци, воопшто не ги трогна големите сили за нивна интервенција и решавање на македонското прашање. За разлика од политичарите, интелигенцијата и обичниот народ на Европа со симпатии ги следел настаните во Македонија, а на масовните митинзи бараа заштита на народот и решавање на македонското прашање. Исто така, тие ја осудуваа пасивноста на своите влади и се бара преземање итни чекори за да се спречат злосторствата и да создаде автономна Македонија. Така, во резолуцијата од големиот собир одржан во англискиот град Ридинг, меѓу другото, се вели: „Изразувајќи ја нашата голема симпатија спрема Македонците во нивните страшни маки, ние жалиме што како нација не сме ослободени од одговорноста и вината“. Многумина им се восхитуваа на храброста и пожртвуваноста на македонските востаници, но, интересите на големите сили и игрите на балканските држави не дозволија да се остварат идеалите на македонскиот народ. Во Зборникот „Британски документи за историјата на Македонија“ (1901-1904) е забележена изјавата на тогашниот британски генерален конзул во Солун, А. Билиоти кој за македонските борци меѓу другото вели: „Тие ни покажаа како треба да се бориме и да умреме за слободата, светол пример што е вреден да се имитира. Така треба и ние да се бориме, да ја браниме нашата нација и нејзината слобода“. Иако, Македонија беше распарчена во Букурешт 1913 година, борбата за слобода на Македонците не престана во трите дела. Илинденското востание станаа идеал и непресушен извор кон кој се стремеа идните поколенија на македонскиот народ во Вардарска, Пиринска и Егејска Македонија. Во текот на Втората светска војна, сите Македонци веруваа дека дошло време да се исполнат заветите на Гоце Делчев, Јане Сандански, Димо Хаџи Димов и илјадници херои на илинденската епопеја за остварување на слободата и создавање на своја независна македонска држава. Македонскиот народ активно учествуваше во антифашистичката борба и како резултат на таа борба на 2 август 1944 на Првото заседание на АСНОМ беше возобновена македонската држава, но, на само еден дел од нејзината географска и етничка територија. Со влегувањето во југословенската федарција се отвори можност за спојување на Народна Република Македонија и Пиринска Македонија. Но, големите сили и претендентите на Македонија повторно го спречија обединувањето на Македонија и исполнувањето на илинденскиот идеал. Како и да е, одговорноста на Европа и балкански држави за страдањата на македонскиот народ е голема. Иако поминаа 113 години од Илиндеското востание, 72 години од АСНОМ и речиси 25 години од осамостојување на Македонија, сеуште политиките на соседните земји, некои континуирано, а некои повремено, ги покажуваат своите претензии кон единствената слободна македонска теритирија. Тие не го признаваат името, јазикот, црквата, идентитетот на македонскиот народ и го попречуваат авроатланското интегрирање на Македонија, а со тоа и неформалното обединување на трите дела на Македонија. Но, и покрај сите обиди насочени против македонскиот народ, идеалот на Илинден не можат да го згаснат. Тој гори во срцата на македонскиот народ и додека тие чукаат Илинден и македонската држава ќе живее. Честит Илинден и да ни е вечна Македонија! |