Д-р Мери Георгиевска
На прагот сме на најголемата измама во историјата на Светот но и на Македонија, која подеднакво ме интересира колку и Светот. Во светски рамки, измамата веќе смрди, реата се шири, станува се поголема и поголема и не се знае дали планетава ќе се саморазнесе благодарение на фисијата или на фузијата? Секое вклучување на CNN ја гледаме Апокалипса Сега. Но, да прејдам на нашава држава. Во големиот котел на времето клокоти најголемата измама во историјата на Македонија, која ќе биде поголема и од Јануарската, кога го тргнаа премиерот Никола Груевски, ќе биде поголема и од ланското лето кога го запечатија Пржино. Дишеме воздух на неуморни секојдневни провокации. Можеби ова е Чистилиштето пред да се преродиме во ерата на логиката и разбирањето. Јас барем така го разбирам периодов.
Но, како ќе се преродиме ако не ги преземаме одговорностите кон нашата држава? Како ќе се конектираме со другите, а при тоа да си ги зачуваме нашите вредности? Колку време ќе треба да помине за да дојдеме до основниот чин на самореспектирање? Неколку стотици години наназад живееме во погрешната верба за вина, за казната, за нееднаквоста. Живееме во ескапизам и слепа верба, живееме со непрочитана Библија, а проповедаме на големо и погрешно.
Овој свет каков што го создаваме ден из ден, не е оној кој ни ја возврати благосостојбата, нити пак Светот е загрижен за нашата благосостојба. А зошто би бил загрижен, кога ние ич не сме загрижени. Ние сме загрижени само за нашите селфиња на фејсбук, за манџата која стана ритуален ручек на фејсбук, за лепење сликички на фејсбук, за еднаквоста помеѓу еднаквите, најголемата комунистичка социјална мрежа, која од нас направи да сме Деми Мур и Роберт де Ниро, а од Деми Мур направи да е Мери Георгиевска или Петре Стаматовски.(се извинувам ако постои вакво име, мојата фантазија го смисли на лице место). Ние си имаме наше поле на натпревар, додека државата ни ја сецкаат, дробат, блендираат, а на крајот ќе ја продаваат флаширана. Под кој бренд не ни е гајле. Рок на траење? И тоа не ни е гајле. Е па време е да ни стане гајле, ма колку и да е убаво да си играме фејсбук од разладен дом со клима уред, или од прекрасен шанк на блиско острво. Дојдовме до комунизмот. Сите станавме едно огромно неподносливо колективно зло. Дојдовме до нашето ултимативно селфи. Од пустата желба да се пронајде каменот на мудроста во погрешниот рудник, да се пронајде еликсирот на вечната младост во погрешниот несесер, да се претвори оловото во злато и што ли уште не. Сега треба нашите одговорности да ги адресираме кон реалноста. Многу очигледно е дека и Светот и поединецот е отруен во буквална смисла на зборот од минатото, кое не учеше за лажните врзувања кон гревот и со кои стапивме во интимен однос со вината, кон лажните исцелители, кон политичките системи, кон кои ние, малите држави требаше да се потпреме за на да изгинеме. Но, рентгентската слика на Светот која сега се заканува пред сите нас, ни порачува дека моравме да се симнеме на дното, да ги помирисаме даските сите како едно колективно ниво, да ги помирисаме раните што си ги зададовме еден на друг, за да се искачиме повторно нагоре, по нагорните скали.
Ајде да ги конфронтираме сите нешта кои ни се наметнаа, а ние ги прифативме. Зошто страдаме кога Исус е љубов? Затоа што го изневеривме Исус. Ја изневеривме љубовта. Најважна стана материјата и злото. Но, сега имаме шанса да ја возвратиме Неговата верба во нас. Не ли ви се чини веќе дека предолго време измислуваме топла вода за да ја продадеме поскапо? Сега имаме шанса да се спротивставиме на најголемата измама што и се случува на нашата држава, а тоа во моментов е Пржинскиот договор. Тоа, сите ние го знаеме, но не преземаме ништо. Сите ја носиме одговорноста за предавството. Незадоволни сме од тоа каде сме сега? Па, нормално, затоа што ништо не направивме да докажеме дека не сакаме договор, не ни се допаѓа Пржино. Но, Светот, државата не може сама. И треба народ и духовна моќ! И треба потенцијал. Зошто нашиот народ не може да делува по своја волја? Зошто не смее да си ја заштити сопствената држава од трошките на Европа која неместо да ни покажува прст треба прво да си ја погледне раската во сопственото око. Нивните држави се распаѓаат, а тие се тука за да ја распаднат Македонија. Каде е еволуцијата? Каде е нашата свест? Ја сакаме ли Македонија?
Ние одбиваме со години наназад да бидеме автентични, зошто се занимаваме со чувството на страв, чувството на вина. Никој од нас не е сосем невин, сосем во право, зошто сите ние сме човечки суштества. Се потпираме врз разноразни заедници за да се пронајдеме себе си. Но погрешно. Таму го пронаоѓаме погрешното јас. Таму е погрешната возбуда. Тоа е лажното чувство на сигурност. Таму е лажната насмевка. Сигурноста е моќта на сопственото јас и делувањето во името на индивидуалната свест во име на колективната. Кога дозволуваме други да ни препишуваат правила на игра во сопствената држава, во сопствениот дом, тогаш тоа е недостаток на наша моќ. Губење на моќта на народот. Се раствараме како капка црвена боја во кофа со вода. Државата е во рацете на народот. Ова е држава со парламентарна демократија. Предолгата заблуда на некои кои се обидоа да не внесат во колективното лудило, наместо во колективната свест стана заразна. Секој миг може да добие димензија на епидемија. Дојде време кога треба да се откажеме од „делување по учебник“. Време е за да се отворат ушите за да се чуе лагата и да се прозбори за вистината. До кога ќе не лажат дека цел живот треба да копаме во ист бунар? Копавме доволно во еден бунар. Не ископавме ништо. Затоа што не се обидовме да ископаме на повеќе места. А зошто? Од страв. Страв кој ни е наметнат со децении наназад и кој предизвикува слепило или лимитиран хоризонт.
Зошто ние, народот во Македонија веруваме дека ако не делуваме по учебник, тогаш сме лузери? Живееме живот доволно лимитиран и предоволно врзан со минатото. Ако не одиме во црква секој викенд, не веруваме во Бога?
Зошто не направиме експеримент? Зошто не се спротивставиме на Пржинскиот договор? Зарем верувате дека техничката влада која ќе ни ја сервираат многу скоро, за неколку дена драги мои ќе трае само 100 дена?
Си пукаме во колено, само за да се залажуваме. И токму кога бевме посилни, на прагот да ја оставиме старата тектонска плоча и да стапнеме во „новото нормално“, на новата тектонска плоча, ни дојде еден таков лажго придружен со мега гига лажговци кои уште повеќе на тераат несвесно да се нахраниме во залажувањето, наместо да испливаме на површината и храбро и јасно да се изјасниме по прашањето колку ни значи Македонија, бидејќи живееме во демократска држава.ÂÂ Пржино драги мои е најголемата измама во историјата на оваа мала но многу посакувана Македонија. Не е важно што не ја запревме измамата лани, иако ќе беше поефективно. Секогаш може да се корегираат нештата, само ако се сака. Само ако се има потенцијал да се препознае дека под секое нешто, под секој повик, под секој сиптом има интер-конекција. Ние не сме милиони бесмислени статисти. Секој од нас е едно цело. Овде дојдовме заради раните од минатото, но сега е време за исцелување. Време е да се каже големото НЕ на најголемата измама што и се случува на Македонија, кога паралелно во Светот веќе тие измами испливуваат на површина на океанот како вулкан од најголеми фекалии, кои со години не можеле да испливаат. Во САД се крши копјето на Хилари, но под закрилата на големата измама не значи дека таа нема да победи на следните избори и при тоа наместо она што Светот го очекува од неа, а тоа е да биде жестока дама со уште пожестоки потези, таа многу едноставно може да се претвори во светица која утре ќе добие уште и Нобелова награда за мир?!? Да, господа, вредностите се изместија, зошто допуштивме да ни тече измамата. Сепак во САД најверојатно ќе треба да се молат да победи Трамп. Но, да се вратам на темата. Зошто се плашиме од нашата моќ? Зошто стравуваме да не погрешиме ако сториме нешто за Македонија? И да погрешиме не е страшно. Страшно е сите во еден глас да ја предадеме Македонија. А ќе ја предадеме свесно или несвесно, задоволувајќи се со селфињата на фејсбук и статусите со кои си ја подгреваме машкоста во нас, без оглед на тоа дали сме мажи или жени, наместо да допреме до нашата машкост на автентичен начин. Пропаста на секој народ започнува со неговото слепило за фактите, како и со неговиот примитивизам и ординарно незнаење. Но, тоа не ме плаши. Мојот народ има знаење и никако не е примитивен. Далеку сме од примитивизам. Ние сме само уплашени. Доцна е за бајачка. Не драги мои, не постојат илуминати, нити духови, нити демони, нити бајачки како контра метод. Тие се создадени за ние, „обичните смртници“ да гледаме од лимитираната перспектива, од лажната сигурност, токму за да се нарекуваме „обични смртници“. Не, ние сме љубов, Господ е љубов и ние сме децата на Бога.
Чувствуваме љубов кон Татковината, така? Зошто не застанеме зад таа љубов? Зошто не застанеме зад моќта на нашите души? До кога ќе се плашиме од нашиот потенцијал? „Ова е она што се очекува од мене. Ова е она што родителите го очекуваат од мене, ова е она што општеството го очекува од мене. Ова е она што авторитетите мои го очекуваат од мене. Ова е она што партнерот го очекува од мене. Ова е она што моите пријателки го очекуваат од мене. Ако погрешам, ќе бидам црната овца? Не, нема да скршнам од патот.“ Е па драги мои, помина тој воз. Помина времето да се „биде на патот“. На кој тоа „пат“ ви се молам? Дојде време да се прекрши некое правило и да се одбрани честа на Македонија. Прогледајте во име на иднината. Да имаме респект за сите човечки суштества, без разлика на боја, етничка припадност, раса, полова припадност. Стравот не чува сите нас во решетки. Нели ја имаме и славната поговорка со која уште и се гордееме, а таа е- „стравот чува лозје“. Е па дојде време да се сменат и поговорките. Стравот чувал лозје, како да не. Ете каде не доведе стравот. Ете каде не доведе немањето на самочувствие. Дајте да прогледаме, да ја здогледаме лагата и да се решиме од неа, како и да е спакувана, а многу тврдо е спакувана.
Господ Бог ни ја дава раката да го одиграме божествениот танц и да застанеме на подиумот на вистината заедно со Него. Како интелектуалка обележана од општеството, но не и од природата каде сум дел од целото, се чувствував интимно должна да го напишам овој текст на прагот на најголемата измама која ќе треба да ја изодат нашите деца и децата на нашите деца, ако не и застанеме на патот- НЕ со сила, ами со ум, со љубов, со размисла, не со селфиња, туку со автентичен потенцијал, со инспирација, со моќ на зрелост, со одговорни одлуки. Ние, народот сме силата која треба да се придружиме кон новата парадигма, да застанеме на новата тектонска плоча на „новото нормално“, да ги разбереме различностите во нас, да сфатиме дека ние сме браќа и сестри, дека сме кокреатори на нашата иднина, да го грабнеме Светиот Грал в раце – нашата Македонија, за да не пропадне во бездната која ни ја копаат подолго од 5 години (ако го сметате и прислушкувањето), несреќниците под лажниот плашт на Индијана Џонс. Можеме ако сме заедно. Можеме, имаме потенцијал. Можеме, ако сме автентични и ако поверуваме во демократија. Поверувајте дека живееме во демократија. |