|
|
ЛОЦИРАНА ГРОБНИЦАТА НА ПОЧИНАТИТЕ МАКЕДОНЦИ И ГРЦИ, БОРЦИ НА ДАГ ВО ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА 1946-1949 ГОДИНА, ЛЕКУВАНИ ВО СПЕЦИЈАЛНАТА БОЛНИЦА ВО ЈАСЕНОВО! |
19 август 2016 година, Чашка, Македонија - По сеќавање на директорот и заменик директорот на Специјалната Болница за белодробни заболувања и туберколоза Јасеново во општина Чашка, Гоце Бузалков и Драган Цинциев и по кажувања Радован Ристовски и Божидар Трајковски, пензионери, поранешни вработени во болницата, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров и претседателот на Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН Ташко Јованов, по неколкудневно истражување на теренот, ја лоцираа заедничката гробница на борците на ДАГ, Македонци и Грци, кои биле лекувани во 1948 година, но починале во оваа болница: Над пералната, меѓу старата каптажа за вода, боровата шума и старото воено игралиште. Посебна документација за прием и отпуст на ранети, како и на починати борци на ДАГ во болницата во Јасеново не постои, затоа што болницата била организирана од УДБ на поранешна СФРЈ и Македонија, како строго чувана воена тајна. По затворањето на болницата за воени потреби и нејзиното продолжување како цивилна болница од 1 јуни 1955 година, целокупната документација од тоа време или е уништена или е пренесена во Белград, во Државниот Архив на поранешна СФР Југославија. Светскиот Македонски Конгрес и Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН ќе иницираат потрага по документацијата и нејзино копирање доколку се пронајде во Државниот архив на поранешна СФР Југославија односно на Србија, заради точно утврдување на идентитетот на сите кои се закопани во Јасеново. Специјалната Болница за белодробни заболувања и туберколоза Јасеново во општина Чашка, велешко, поради својата местоположба и локација, ја нарекуваат македонски Шварцвалд, бидејќи е вистинска воздушна бања. Денес во неа се лекуваат и срцеви болни. Радува што после 60 години, во 2012 година, со инвестиција на Министерството за здравство, Македонија доби реновирана европска болница со високи стандарди. Болницата во Јасеново заслужува посебно внимание, затоа што е изградена само за три месеци, од март до јуни 1948 година, за лекување на ранетите борци на Демократската Армија на Грција (ДАГ), Македонци и Грци, во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, откако претходно прифатот на болните и ранетите започнува во Пониква од јуни до ноември 1947 година, па во Катлановска Бања од ноември 1947 до јули 1948 година. Низ овие болници во Македонија лекувани се 6.316 ранети, врз околу 2.500 биле извршени хируршки интервенции, 200 оперирани починале за време на операцијата, 146 борци починале за време не транспортот, а 46 биле донесени мртви. За жал, на починатите, закопани во близина на болниците, гробовите до денес не им беа откриени, ниту некој за тоа се интересирал. Светскиот Македонски Конгрес и Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН, поведоа постапка пред надлежните органи за ексхумација, достојно и христијански да се закопат упокоените во Јасеново во заедничка спомен-костурница, но најважното беше откривање на локацијата каде што починатите биле закопани. Станува збор за една јама во која сите починати биле тајно полагани. Покриена со земја и оставена во вечен заборав. Болницата во Јасеново е дел од Антифашистичката војна 1941-1945 година која ја водеа Македонците и Грците, дело на соработката на Народно-ослободителната војска на Македонија (НОВМ) и Народно-ослободителната војска на Грција (ЕЛАС) и дел од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година како продолжение на Втората Светска Војна во која партизаните на Демократската Армија на Грција (ДАГ) се бореа против грчките монархофашисти. И покрај обвинувањата на Владата во Атина за мешање во внатрешните работи на Грција, Македонија, ја помагаше антифашистичката војна во Грција со доставување на воена опрема и лекување на ранетите борци на ДАГ, Македонци и Грци, во македонските болници на осоговската планина Пониква, Катлановска бања и Јасеново. И во тоа не погрешија. Тоа сеќавање како најстрого чувана тајна, заслужи внимание и одбележување. На 3 март 2013 година, Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија ЅВЕЗДА од Велес и Светскиот Македонски Конгрес во дворот на болницата во Јасеново подигнаа спомен-плоча во помен на лекувањето на ранетите Македонци и Грци борци на ДАГ во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година. Спомен-плочата ќе остане трајно сведоштво за помошта која Македонија им ја даваше на антифашистите и борците за слобода, правда и демократија во јужниот сосед Грција, со уверување дека на тој начин ќе се придонесе кон решавање на македонското прашање, ќе се унапреди положбата и правата на Македонците во Грција. Голема е благодарноста на сите кои учествувале во изградбата и работата на болниците на Пониква, во Катланово и во Јасеново. Голема е благодарноста до медицинскиот персонал, благодарност до сите кои учествувале во организацијата на пречекот и испраќањето на болните и ранетите Македонци и Грци, борци на ДАГ во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година. Вечна им слава на упокоените за слобода на татковината! Светскиот Македонски Конгрес и Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН ќе иницираат чистење на просторот каде што е гробницата, нејзино уредување во спомен парк со Паметник како заедничка спомен костурница на сите ранети борци на ДАГ, Македонци и Грци, кои починале во специјалната болница во Јасеново. Тодор Петров, Ташко Јованов и Вангелија Јованова, во знак на помен, поставија импровизиран крст над гробницата, којшто првпат им се поставува на починатите борци на ДАГ, Македонци и Грци, после 68 години од нивната смрт. Штом биде уреден спомен паркот и костурницата, ќе биде организиран христијански погреб и помен со свештеници на Македонската Православна Црква, за што јавноста дополнително ќе биде информирана. На гробното место нагризена од времето на заборавот се наоѓа приколка од 1948 година, во која се претпоставува дека биле носени починатите до заедничката тајна гробница во Јасеново. Вечна им слава и памјат на починатите борци на ДАГ, Македонци и Грци, кои се бореа против грчкиот монархо-фашизам во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, а починаа за време лекувањето во 1948 година во специјалната болница во Јасеново, општина Чашка, велешко! Амин! Амин! Амин! |