Д-р Мери Георгиевска
Седев на трева. Дента имаше помрачување на сонцето. За да не гледам во помрачувањето, си кинев тревки од тревата и наместо да си фантазирам како кога бев мала- ме сака, не ме сака, ме сака, не ме сака, кинејќи ливче по ливче, јас си велев – ќе има избори, нема да има избори, ќе има избори, нема да има избори...и така пред мене одеднаш застана една голема, темна сенка од човек. Сенката ме заштити од силните зраци на сонцето. Го прашав со страв: Да не знаете случајно дали ќе има избори? А сенката од човек ми одговори сосем ладнокрвно: „Еднаш измамен Вмровец, не сакаш да знаеш што му се врти во глава. Два пати измамен Вмровец, два пати не сакаш да знаеш што му минува низ глава. Три пати измамен Вмровец, три пати не сакаш да знаеш што може да му се шета низ глава“. Јас се потресов и го замолив љубезно да поседи до мене, но тој си замина. Од силниот фокус на сончева енергија која директно ми влезе во окото, се разбудив.
Решив да напишам колумна. Си реков ај да почнам од почетокот.
На почетокот беше Никола и нормално беше крив за сè. После беше Груевски крив за сè. Потоа, како поминуваа деновите Никола Груевски беше крив за сè. Па повторно Никола. Па Груевски Никола. И сè така се вртеше во круг за оние кои стаписани во својот вртлог полн желби и нетрпение да се дојде на власт, при тоа немајќи ниту идеја, ниту чесна намера, можеа само да си најдат сопствен кривец како проекција за сопствената стагнација во политичка и секаква смисла, како имагинација за доаѓање на власт преку негативната перцепција, преку недостаток од углед, напредок, работа на себеси, нарушени длабоко во себе од реалноста, останати во темнината на тунелот без трошка светлина, при тоа свесни за потенцијалот на владеачката партија, измислија многу лесно виновник. Да создадеш, измислиш виновник, тоа е слично на патетична жена која упорно се држи до своите нафталински ставови, при тоа лепејќи се на сопругот кој не го сака, кого го изневерува, а до него е само заради тоа што без него ќе се удави во сопствената немоќ да создаде било каква одговорност, зошто не е кадра да стане на утро и да оди на работа.
Да си најдеш виновник во другиот е да се одјавиш од овој свет- потенцијален резултат на фрагментализмот, секташтвото, ескапизмот и непреземање на одговорност за ништо. „Тие се виновни за сè“, Тоа се нивните вредности“, „Ние не мора да преземеме одговорност“, „Тоа е нивна религија“, „Тоа е нивен став“, „Тоа е нивни стил“, „Ќе го сменам светот по пат на елиминирање на непријателот“. Овие реченици се воглавно нивниот мајнд сет. Мајнд сетот на комуњарите. Отсекогаш и засекогаш.
Некој друг да им ја среди работата. Они да не си валкаат раце. И ова според нив е демократија? Безнадежноста, несигурноста која ја задскриваат зад нивното одамна прочитано сценарио да обвинат друг?! Они знаат само да измислат виновник, наместо да се пронајдат себеси, или да се запрашаат што бараат воопшто како такви во политиката, кога за нив политиката е моќ на поединецот. Помина моќта на поединецот како политички тренд. Сега е ново време комуњари. Во вашата извртопереност на суштината на вашиот комуњаризам, сè ви е превртено. Вие ја сетиравте моќта на поединецот, пред еден век.
Сега е време за колективниот ум, за канализирање на идеи, за мултиплицирање и кумулирање на умови, интелект и угледни луѓе. Она што го работи во моментов ВМРО ДПМНЕ. Несигурноста, неадекватноста, несоодветноста на СДС кон новата парадигма, која во глобални рамки се преструктуира секојдневно, но со иста динамика се преструктуира и применува и од владеачката ВМРО ДПМНЕ минатите 10 години, покажува дека СДС, апсолутно не само што се далеку од трендот на внатрепартиски развој, туку се и далеку од можноста да дојдат на власт по пат на застарените механизми кои се состојат само од пустата желба да се дојде на власт. Тоа е невозможно. Живееме во нов свет. Свет на постојана трансформација. Наместо да инициираат капацитет и углед, тие продолжуваат со стари и изиграни имиња, со кои ветуваат промени и подобра иднина, нормално само ако го нема Никола Груевски. Сè додека го има, тие се крајно фрустрирани, зошто едноставно не можат да го прескокнат уште неколку децении. Они се отруени, безнадежно, исто што како што човек може да се отруе со храна. Ова најдобро може да се забележи деновиве на нивните лица, особено на еден од нив приклучен на нашата делегација во Рим. СДС е отруено од напредокот на ВМРО ДПМНЕ изминатите 10 години, дури и последните 2, кога самите започнаа конфликт, кога немаше простор за конфликт. Но, отровот кој го консумираа, сега дојде време да го повратат. Од напредокот на конкуренцијата не дозволиво е да се отруеш. Од напредокот на конкуренцијата дозволиво е да се мотивираш да бидеш подобар од нив. Но, тие не се ни обидоа да се мотивираат. А и како ќе се мотивираат со ова раководство. Немаат веќе каде. Набиени се во кош. Останаа со лидер- царот на илузијата. Започнаа да прават игри повторно да го раскараат македонецот и албанецот, кои од секогаш живееле во мир, сè додека на некои комуњари не им текнало да го нарушат истиот. Со акумулирање на албанци од надвор инфилтрирани играчи, со ветување дека бебињата ќе учат албански (дај Боже да е доброволно, и јас се каам што не сум учела албански), но тој, илузионистот, или поточно измамникот, сака да ги искористи сега и албанците како жива материја, како чиста биологија, да ги искористи органски, за да дојде до толку посакуваната фотеља и од Македонија да направи „Шведска“, откако Македонија беше на прагот да стане Шведска, а црпнатиот ја сруши и уназади, во името на демократијата и фер избори, кои до сега не биле фер, особено не претстедателските избори во 1994-та, кога повторно на елегантен начин, или гадно бескрупулозно украдоа ни повеќе ни помалку туку 135.000 гласови во полза на тогашниот Глигоров, кој пак нè запечати сите заедно да живееме под име на покојна држава, а вети дека името ќе биде привремено. Мртва точка, но и мртов човек. Од мртов човек и мртва точка тешко може да се оживее нешто.
ВМРО ДПМНЕ работи и е адаптирана да ги остварува идеите во дела. Таа работи во насока Македонија да може да преживува врз свои ресурси. Работи на инвестиции. Работи во насока на најмодерниот менаџмент за тоа како да се фокусира државава во вистинскиот правец. Работи не во полза да добие поени таа, како партија, туку како да има бенефит народот од идеите и остварувањата на таа партија. Дури и кога не е сè совршено и перфектно, зошто и ние сме човечки суштества и грешиме подеднакво сите, дури и тогаш, работата, сервисот кон граѓаните успеваат да надминат некоја привремена грешка. СДС се чувствува празно. Тоа е нивната резолуција. Нивните ноќни мори се ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски. Еве веќе Г-динот Никола Груевски од Јануари не е премиер привремено, но тие се уште се опседнати од него. Да, опседнатост е вистинскиот збор. Опседнати од него. Како патетично опсесивно вљубен маж кој би спиел пред чергичето на дотичната, за потоа да ги проектира неговите мани врз неа, не гледајќи го прво сопствениот ѕвер во огледалото. Како таков, љубоморен маж, опсесивен, тој се гуши најнапред себе си, а после ги вовлекува и другите во бездната на неговата пропаст. И нормално дека пропаѓа. СДС сè повеќе во моментов ме потсеќаат на „Слепците“ на Бројгел. Нивната цел е сите да ги вовлечат во нивните демонски фантазии за користењето на политичкиот реквизит- фотеља, или сите нас да нè придвижат по работ на пропаста или граѓанска војна. Сега нивната закана е: „Или ќе победиме ние и тогаш изборите ќе бидат фер, кредибилни и најдемократски и најдобро исфенирани на свет и пошироко, или изборите нема да бидат кредибилни.“ Упорно ме потсеќаат на приказната која мајка ми честопати ми ја раскажуваше кога бев мала, приказната за Златната Рипка. Се плашам дека од толку захтевност, толку Катици и толку Јаневи и нереални барања, од толку лакомост и незаситност да се најде мана онаму каде што нема мана, нити доказ за некаква грешка, дека они ќе останат без ништо. Исто како бабата во приказната. Златната Рипка, налутена, ќе се фрли во длабочината на океанот и ќе си го фати патот за дома. Ќе остане Македонскиот народ кој веќе одамна знае кој е оној што и мисли добро на оваа наша Македонија. Во меѓувреме, до 11-ти Декември, низ глава ќе ми се врти сонот за големата сенка од човек.
|