|
|
Земјотресот во 1904 година со епицентар кај Пехчево и Kресна го стресе целиот Балкан |
Тихомир Каранфилов Земјотресите во Македонија се релативно чести и се групираат во три региони: по должината на границата со Албанија и по долините на Вардар и на Струма. Нивните жаришта се релативно плитки (неколку десетици километри) со што нивното влијание е ограничено на помало подрачје. Од 1901 до 1996 г., во регионот до 100 км од границите на РМ имало 27 потреси со магнитуда што надминува 6 степени според Рихтеровата скала од кои два биле со магнитуда повеќе од 7. Најсилен бил земјотресот од 1904 г. во регионот меѓу Пехчево и Кресна (сега соседна Бугарија), а потоа следува земјотресот кај Валандово во 1931 г., а најголем број човечки жртви и материјални штети имало во Скопскиот земјотрес од 1963 г. (М.Е. Скопје, 2009 г.). Нема многу податоци за земјотресот од 22 март 1904 година (04.04.1904 година нов стил – н.з.) во регионот меѓу Пехчево и Kресна, кој на пладне го стресе целиот Балкан. Тој бил со интензитет од десет степени по Меркалиевата скала и магнитуда од 7,8 по Рихтер и се води како најсилен регистриран земјотрес на Балканот и Европа откако се вршат мерења. Не биле забележени големи човечки жртви и поголеми материјални штети, иако бил многу посилен од Скопскиот земјотес во 1963 годи. Како причина се наведуваат времето кое било топло и голем дел од луѓето биле надвор од домовите, како и тогашните градби во Малешевијата кои воглавно биле од дрво и плет. Земјотресот во регионот меѓу Пехчево и Кресна силно бил почувствуван и во околните градови, како Берово, Царево Село (Делчево), Симитли, а паднати објекти имало и во Виничко, Kочанско... Со слични последици како Пехчево поминале и пехчевските села. Настрадале куќите изградени од тула и камен, а според преданијата кои ги забележал весник „Дневник“ (02.04.2014) имало и една жртва во Пехчево. Според силината земјотресот во регионот меѓу Пехчево и Кресна, може да се споредува со тие во Јапонија или Индонезија. Тој на 22 март / 4 април 1904 година го стресол целиот Балкан, а го регистрирале инструментите во целиот свет. Земјотресот бил почуствуван во Белград, Букурешт, Софија и Солун. Истиот ден по земјотресот во регионот на Пехчево, белградскиот весник „Политика“ од 22 март 1914 година (стар стил) објавува информација во која се вели „денес во 11 часот и 30 минути се почуствува земјотрес, кој траеше четири секунди. Правецот му беше југо-југо-источни. Штета немаше никаква“. Веќе наредниот ден (23.04.1904), белградска „Политика“ информира дека земјотресот, покрај Белград бил почуствуван во Панчево и цела Србија. На втората страница под наслов „Земјотрес во Србија“ весникот известува дека „Земјотресот кој се почуствувал вчера на пладне во Белград, се почуствувал многу посилно во јужна Србија. Најсилен бил во Врање, за кој на првата страница донесуваме детален извештај. Покрај тоа, според извештаите кои во текотот на вчерашниот ден и денес претпладне кои ги добивме, особено се почуствувал во исто време во Лесковец, каде направил голема штета, Прокупље, Ниш, Неготино, Пожаревац, Градиште, Параќин, Крушевац, Чуприја, Сењски Рудник и Ужице. Во овие последни места немало никакви штети“. Во деталниот телефонски извештај објавен под наслов „Земјотрес во Врање“ на првата страна на белградска „политика“ од 23.04.1904 г., еден очевидец раскажува. „Првиот пат се почуствува слаб земјотрес во 11 часот и 5 минути, кој траеше 2-3 секунди. Потоа се случи вториот потрес во 11 часот и 15 минути, кој траеше подолго, приближно 20 секунди. Беше многу силен. Од него паднаа неколку оџаци и од неколку куќи паднаа керамидите на улица. Народот исплашен, истрча на улица со страшни пискотници на жените и децата. Сите болни ги напуштија креветите во болницата од страв и побегнаа во дворот. Истото го направија професорите и учителите со учениците од училишните згради, службениците од кацелариите и војската од касарната. Со еден збор, сите побегнаа надвор. Една болна породилка, побегна со новороденчето на улица. Добро направи, бидејќи само што излезе од куќата падна таванот во собата каде лежеше. Жените кои беа во амамот, истрчаа голи како од мајка родени на улица и се измешаа со народот. Стравот беше толку голем така да ни тие, ни народот не забележаа дека се голи, ниту се скандализираа. Претседателот на судот г. М. Јовановиќ ги пушти сите затвореници од затворот, исто го направи и окружниот началник. Точно во 11 часот и 35 минути се случи и третиот земјотрес, кој беше многу посилен, а притоа траеше подолго. Не можам да ви го одредам неговото траење. Јас сметам дека траеше околу 40 секунди, дриги мислат дека траеше цела минута и пол. Јас тогаш стоев пред хотелот „Врање“ каде се собраа многу службеници и граѓани. Беше тоа ужасна слика, која тешко може да се опише. Куќите поигруваа покрај страшна пукање, оџаците еден по друг паѓаа од крововите на тротоарите со громогласен тресок. Доколку непријателот со илјада топови го бомбардираше градот, јас сметам дека немаше да има ни одблизу толку стравотии и ужаси. Луѓето, жените и децата на цел глас бараа помош. Стоејќи на ширинката бевме надвор од опасноста, но се стравуваше од нешто друго. Изгледаше дека земјата ќе се отвори и сите ќе не проголта. Со свои очи гледав како возрасни луѓе од страв паѓаа во несвест. Кога и третиот потрес престана ги видовме неговите последици. На сите страни имаше рушевини. Улиците беа полни со искршени ќерамиди, тули и камења, измешани со малтер и кал од ..... Речиси ниту една куќа не остана неоштетена. Касарната многу настрада. Ѕидовите од третиот спрат речиси до прозорецот паднаа внатре, преградните ѕидови беа срушени, воопшто зградата цела беше напукната. И хотелот Врање беше многу оштетен, сите оџаци беа паднати на улица, ѕидовите напукнати, таваните паднати. Целата зграда беше руинирана. Има куќи кои целосно се срушени. Една од нив падна еден час по земјотресот. Многу од куќите изгледаа дека и при најмал потрес или поголем ветер ќе се срушат, како да се изградени од карти. За голема среќа, а единствено благодарејќи на првиот земјотрес кој навреме ги истера лиѓето од домовите, човечки жртви немаше. Еден војник лесно е повреден, а на едно дете му беше повредена главата од ќерамидата која паднала додека излегуваше од куќата. Еден селанец кој после оваа катастрофа дојде од Ристовац, раскажува дека таму, на едно место близу Морава напукнала земјата и дека од пукнатината прво излегувал млаз на вода, дебел како раката, а потоа песок и земја. Кондуктерот Арсениј Димитријевич ја потврдува таа вест и ми даде малку од тој песок. Ако се случи нешто подоцна ќе ви јавам.“ Освен во Србија, земјотресот бил почуствуван и во Солун каде погинало и едно лице. Во извештајот за белградескит весник („Земјотрес во Солун“, 23.03.1904. стр.2) се вели: „Вчера во 11 и пол часот и во Солун се почуствува силен земјотрес. Еден дел на зградата на српската гимназија каде што се предава се срушил. При бегање од зградата погинал Панајот Анастасијевич, ученик од седми клас. Другите ученици и професори се здрави.“ Многу посилно, со разурнувачки карактер, земјотресот се почуствувал во Бугарија. Во извештајот од Софија, објавен на 24.03.1904 г. (Политика, Белград, стр. 2 и 3) пишува: „Бугарските весници објавуваат опширни извештаи за земјотресот кој се почуствувал во исто време како и кај нас. Во градот завладеела права паника. Сите бегаа на улица и празни простории, а некои на брзина скокаа и од прозорците. Од купатило сите жени избегале во Аламско, односно во Евин костум. Во Народната Банка испукаа зидовите на зградата, исто како и во Славјанската Беседа, војниот клуб и во Александровата болница. Еден трамвај излегол од шините и удрил во столб. Во Павлово кај Софија многу е оштетена пиварата. Во вестите од другите бугарски градови, срушени се две куќи во Ќустендил, а во помала мерка земјотресот се почуствувал во Трново, Цариброд (денес Димитровград, до 1920 г. е во рамките на царството Бугарија- н.з.), Петров хан, Новоселци, Т. Сејмен (Симеоновград – н.з.) и Јамбол ... Во исто време како и кај нас (Србија н.з.) и во Бугарија на многу места се почуствува силен земјотрес. Најсилен беше во југозападните краеви, особено во Рилскиот манастир. Многу згради се срушени. Во самиот манастир се срушени три оделенија во кои живеат калуѓери. Сепак жртви немаше бидејќи манастирското братство во тоа време било во трпезаријата.“ Земјотресот со епицентар кај Пехчево и Kресна бил почуствуван и во Романија. Белградскиот весник (24.03.1904, Политика, стр. 3) ја пренесува информацијата од Букурешт во која се вели: „И во Романија завчера на пладне беше почуствуван силен земјотрес на двапати, на растојание од четири часа. Во Букурешт многу згради напукнаа, а во Крајова сериозно е оштетена зградата на апелациониот суд. Правецот на земјотресот бил североисток – југозапад.“ Белградскиот весник ги пренел информации за последиците од земјотресот меѓу Пехчево и Kресна, кој бил почуствуван на целиот Балкан (Белград, Букурешт, Софија и Солун), но за жал нема ниту еден збор за последиците во Македонија.
|