|
|
Македонија, земјата од рајот, земјата на медот и виното, земјата на Филип и Александар,... |
Со векови иста слика. Како нашите претци, така и нашите деца, во потрага по изворот на „вечниот“ поубав живот, заминале, заминуваат или сонуваат да заминат од мајчината грутка во некоја туѓа далечна земја. Кога сонот ќе стане јаве и кога реалноста ќе ја избрише идиличната слика за ветената земја, кога осаменоста ќе го затемни сјајот на материјалните добра, почнуваат корените да влечат и носталгијата да јаде. Ја чуствувате празнината во душата, горкото чувство во устата и страшната желба во секој моментот да се вратите на родната грутка. А кога ќе дојде моментот, повторно да стапнете во земјата од каде сте заминале, од каде потекнувате, сам или со новоформирано семејство, а на кое со гордост, идилично сте им раскажувале за земјата на своите претци, очекувате повторно да ја видите земјата од рајот, земјата на медот и виното, земјата на Филип и Александар и Библијската земја на олтари и светињи, Македонија. Очекувате повторно да ја видите Македонија, онака како што сте сакале да ја имате во своите спомени, идилична слика на земја на топли, непосредни и срдечни луѓе, земја каде сите се насмеани, каде едвај чекаат да ве видат, да ве прегрнат. Сакате да ја видите земјата каде реките се бистри, каде цвеќето мириса и каде овошјето има вкус. Со нетрпение очекувате, авионот да слета во вашата татковина, да ги поминете границите на земјата која некои погрдно ја нарекуваат Поранешна Југословенска Република Македонија. И додека патувате ако некој така ви ја именува вашата земја, ви зоврива крвта, се спротивставувате и гордо го истакнувате своето македонско потекло, велејќи дека таа била, е, и ќе биде Македонија. И тогаш кога ќе стапнете и ќе ја бакнете мајката земја, и кога солзите сами ќе ја натопат земјата во чии недра лежат вашите претци, дури тогаш ќе сфатите дека таа веќе не е иста како пред повеќе години или пак пред повеќе децении. Некогаш сте одлетале од земјата од аеродромот „Скопје“, а денес слетувате на аеродром „Александар Велики“. Неговиот лик ви посакува дородојде во Македонија. Додека пријателски разговарате со љубезните царински службеници, вашите најблиски нестрпливо чекаат од другата страна на оградата. Само малку потоа нивните топли прегратки ви измамуваат нов бран на емоции. Се обидувате да ги скриете, но не можете, тие се посилни од вас. Вмиг заборавате на долгото и напорно патување. Заморот исчезнува, останува само желбата час поскоро да го поминете прагот на родната куќа. Додека патувате до домот, вниманието ви го привлекуваат многубројните новоградби. Архитектура препознатлива само за ова поднебје. Нови објекти во кои се испреплетува старото македонско градителско наследство од која учеле и познатите светски архитекти. Некаде богами ќе сретнете и нови модернистички стилови кои заедно го разигруваат градот, давајќи им посебна целина и благопријатна топлина. Разгранетите крошни на дрвјата испреплетени со разновидни билборди и светлечки објекти на градот му даваат посебен сјај. Од време на време, ќе наидете на нови фонтани и споменици кои ставаат печат на едно време и едно минато. Повторно јаваат Александар Македонски, Гоце, Даме, Никола, тука е Ченто, Јустинијан, Филип, Гемиџиите, нешто што порано го немаше. Глетка за милина, глетка која ти ја стоплува душата. Доаѓате во домот, од кој некогаш пред многу време сте излегле со куфер во раката. Сега кога сте пред домот на вашите родители, пред домот на вашата младост, наднаш ви се враќаат спомените, ви се враќа младоста. Се потсетувате на секој убав момент поминат со вашите родители, на секој камен, предмет, на секоја случка, на вашите пријатели... Спомените навираат од сите страни. Додека се распакувате се прашувате за цената која сте ја платиле додека сте биле отсутни. Се прашувате што имавте од животот освен работа – дома, дома - работа, песна која стана препознатлива за нашите иселеници. Сакате да ги вратите спомените. Додека шетате низ улиците на вашиот роден град, гледате наоколу многубројни продавници, кафулиња преполни со луѓе, луѓе кои некаде итаат и пензионери како си прикажуваат седнати на клупите покрај патот. Полека ве препознаваат, срдечно ве поздравуваат, прегрнуваат комшиите, поранешните познаници, пријатели. Со секого по некој лаф муабет. Седнувате во некоја кафетерија со кафе и локум, обичај заборавен во белиот свет. Муабетот со познаниците продолжува, се распрашувате за познаниците, за новите случки, и денот за час помина... Тек сега почнувате да сфаќате што сте пропуштиле. Мирот, спокојството кое владее и покрај проблемите со кои се соочуваат сограѓаните. Желбата да се видат поранешните места за излет или одмор најчесто ве носат во Охрид, Преспа, Дојран, Крушево, топлите бањи и планинските убавици како Пелистер, Шара, Бистра, Маврово и Кожув. Додека престојувате во Охрид не можете да останете рамнодушни на Плаошник, на Самуиловата тврдина, на манастирот Св. Наум, како што не можете да останете рамнодушни кога ќе се качите на некоја планинска убавица, како на пример Пелистер од кој се простира погледот на Пелагонија. Насекаде е присутен мирот и спокојството. Навикнати на поинаков живот ве чуди овој мир, како што истовремено и се воодушевувате на сето она ново што е изградено, реновирано и реконструирано. Сепак најмногу ве чуди големиот број повратници кои ги сретнувате, а кои одлучиле своите пензионерски денови да ги поминат во својата родена земја. Голем број од нив се вратија по селата каде ги реновираа старите куќи или пак купија станови по градовите. Заслуги за ваквата одлука има и локалната и централната власт кои овозможија да се направат локалните патишта и инфраструктура. Кога времето ќе дојде за да си заминете од Македонија веќе се прашувате кога повторно ќе се вратите во Македонија, земјата од рајот, земјата на медот и виното, земјата на Филип и Александар, Библиската земја на Олтари и Светињи. Македонија вечна, Амин!
|